За само 3 часа директен авионски лет од Лондон, Британците имаат можност да уживаат во убавините на нашиот туристички бисер Охрид.
Овие денови во фокусот на најгледаната британска утринска емисија “This morning”, која се емитува на телевизија “ITV”, e Македонија како нова, жешка дестинација со поволни цени за британските граѓани.
Со вклучување во живо во емисијата од Канео, презентерот Крег Дојл го претстави Охрид како место за кое не знаел многу пред да дојде, а откако дошол – се заљубил во него.
“Природата, пејсажите се брилијантни, културата, историјата, храната и луѓето се извонредни. Ова е новата жешка дестинација за британските туристи. Нема излез на море, но не ви ни треба, затоа што го имаме ова, ова е Охридското езеро, ова е највпечатливата глетка која што сум ја видел на светот. Кристална вода во која пливав утрово”, кажа Дојл.
Потоа го спомна и манастирот “Св.Наум”, кој изгледа како сцена од филм и каде уживале многу светски познати личности, како Џорџ Клуни и Џулија Робертс, а не пропушти да ја прикаже и Самоиловата тврдина.
Во разговор со туристички водич и изработувач на филигран, објаснија зошто Охрид е под заштита на УНЕСКО, а ја спомнаа и вкусната традиционална кујна и наздравија со ракија.
Погледнете го целиот прилог во емисијата “This morning”:
Прилогот го заврши со македонска традиционална музика и играорци и напомена дека во текот на наредните недели ќе прикажат повеќе прилози кои ги снимиле низ Македонија.