Дали знаете дека веќе неколку години по ред, со започнувањето на цветање на лаванда, на крај на јуни – почеток на јули, се одржува Рурален поетски слем на висорамнината Витачево на мало поле со органска лаванда?

Оваа волонтерска активност е покрената од сопствениците на полето со лаванда, како и Здружението на органски производители “Биовита” од Кавадарци, тимот на “Поетри слем Македонија”, Здружението на поети “Тиквешки цветови” – Кавадарци, Здружението за алтернативна култура Алтер центар – Кавадарци, Здружението на граѓани “Театарска работилница” – Прилеп, како и локалните институции: “Дом на културата Иван Мазов – Климе” и Библиотеката “Феткин” – Кавадарци. Целта на овој настан е доближување на културата со руралното подрачје, за создавање на ново културно движење преку спојот на урбаното живеење и руралната активност.

Годинава овој поетски слем се одржува од 26-ти јуни до 13-ти јули и среќни сме што ги посетивме, па иако го пропуштивме настанот од претходната вечер – поминавме едно незаборавно претпладне со прекрасните домаќини Цветанка и Горан Колеви и нивните пријатели и уживавме во мирисот на лаванда.

Во пријатна атмосфера на чист воздух, послужени со кафе и слатко од зелени смокви, плетејќи венчиња од свежо набрана лаванда, разговаравме за овој настан, за лавандите и начинот на нивно одгледување, за вичноста да се сплете венче 🙂 , за одгледување на пчели (дали сте знаеле дека пчеларите имаат толку добар имунитет што не заболуваат од Covid-19?!) и околните атракции во Kавадарци. За спомен добивме и книга – Поетски Слем Македонија 2018.

А, полето со лаванди – виолетова рапсодија со прекрасен мирис. Веќе спремни за берење, цветовите на лавандите беа дополнително разубавени со шарени пеперутки и пчели. Уживавме шетајќи низ полето. Времето ни летна за миг…Ако сакате да уживате во мирисот на лаванда, во пишаниот збор и пријатни луѓе, посетете го наредниот Рурален поетски слем, доживувањето е бесценето.

 

Автор на текст и фотографии: А. Петровска

©patokolusvetot.mk  Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон