Секое патување треба да има позитивен ефект врз вашето здравје, да ве освежи, исполни и одмори, па затоа треба правилно да се одбере местото и годишното време.
Ако имате проблем со висок крвен притисок, тогаш би требало да отпатувате на море, а ако патите од низок крвен притисок, тогаш подобра опција е одмор на планина.
Ако имате осетлива кожа, треба да внимавате на изложување на кожата на сончеви зраци во топол период, да излегувате на сонце рано наутро и на зајдисонце или да си го планирате одморот во зимските месеци од годината.
Ако патите од алергиски ринитис , тогаш е корисно да избегате од загадените градови и да отидете на планина.
Ако сте алергични на каснување од инсекти – избегнувајте шуми, влажни места, бари, територии во кои има маларија и секогаш носете лекови за прва помош при алергиска реакција.
Ако имате проблем со проширени вени и капилари на нозете (варикозитет), тогаш треба да избегнувате високи температури и долги патувања со авион, бидејќи ја отежнуваат циркулацијата на крвта во нозете. Истото важи и за оние кои имаат проблем со задржување на течности во организмот.
Придржувајте се кон условите кои ги бара вашиот организам за да имате безгрижни патувања и незаборавни, позитивни спомени од секоја дестинација.