Лисабон со години беше на нашата листа на места кои треба да ги посетиме, но прилично скапите авионски летови и комбинациите кои требаше да се направат за да стигнеме до него, некако ја одложуваа оваа наша посета. Конечно – ни се оствари желбата. Се сеќавате ли на чувството кога како дете ќе ја добиевте играчката за која долго сте сонувале? Возбудата кога слетавме на аеродромот Портела ме потсети дека живеењето за моментот е бесценето. Поминавме пет дена во Лисабон и се надеваме дека повторно ќе се вратиме назад. Зошто? Која е тајната која го прави овој град толку посебен и различен од другите европски метрополи?
- Неверојатни погледи на градот од кои ќе се наежите, како поглед од Castelo de Sao Jorge, Miradouro de Sao Pedro de Alcantara , Parque Eduardo VI и поглед од Avenida de Liberdade.
- Историја, свеж воздух и поглед кон реката Таго – Седнете на Jardim de Torre Belem и уживајте во мирното утро додека сеуште не е преполнето со туристи. Прошетајте покрај реката Таго, од кулата Belem до споменикот на поморските истражувачи Padrao dos Descombrimentos. Напијте се кафе во рестораните кои се наоѓаат во непосредна близина. Ако ве интересира историја, одвојте време за посета на манастирот Gothic Jeronimo. Застанете во ред за колачи во познатoто место Pasteis de Belem.
- Bairro Alto – Почувствувајте го ритамот на ноќниот живот во Лисабон. Bairro Alto е совршена комбинација од Берлинскиот Kreuzberg, Римскиот Trastevere и Копенхагенскиот Nyhavn. Овој боемски дел на Лисабон ги содржи сите! Овде тесните улички се тивки преку ден, но ова се менува драстично во текот на ноќта и ноќниот живот е во полн ек, со преполни локали, а забавата се пренесува и по уличките. Зад разнобојните фасади и графити, се кријат многу ресторани, барови и продавници кои остануваат отворени до доцна во ноќта. Овде може да сретнете луѓе од сите возрасти, кои уживаат во животот со пијалок во рака, потпрени на маса во бар или шетајќи по некоја од уличките. Баровите служат пијалоци во пластични чаши и може слободно да шетате од едно до друго место, мешајќи се со различна толпа на народ. Подгответе се за луда ноќ во Bairro Alto, особено за време на викендите.
- Зајдисонце на кровен бар – Има многу барови кои се сместени на кровови од згради во градот на седум ридови, но нашиот фаворит е дефинитивно Park Bar во Bairro Alto. Овој бар се наоѓа на кровот од катна гаража и има прекрасен поглед на градот. Уживајте во зајдисонцето и магијата која се случува кога ноќта ќе започне да паѓа и ќе се запалат градските светилки на Мостот 25 Април…ќе се почувствувате како да сте во Сан Франциско. Одлична музика, вкусни коктели и зајдисонце.
- Фадо е душата на Лисабон – Не сте биле во Лисабон ако не сте поминале една ноќ во ресторан со Фадо. Наша препорака е областа Alfama, која во текот на ноќта се претвара во рај за Фадо. Изберете кој било ресторан, обично се мали, интимни места во подрумите на куќите, порачајте добро вино и слушајте, не зборувајте додека пејачите на Фадо настапуваат, не порачувајте, само слушајте…
Не се обидувајте да направите агенда за места што треба да ги посетите во Лисабон, оставете да ве води срцето на лице место, така ќе стигнете секаде, ќе видите се’. Лисабон е совршен да талкате низ него и да се изгубите наоколу. Уживајте во куќите со плочки на фасадите, музичарите кои свират на секој агол и прекрасните погледи каде и да се завртите.
П.С. Понесете си удобни чевли и подгответе се целиот ден да го поминете надвор, верувајте – нема да сакате да потрошите ни малку време во хотел, освен неопходното време за спиење, да речеме 5-6 часа. 🙂
Автор на текст и фотографии: Е.П.
©patokolusvetot.mk Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон