Кина, Тајланд, Тајван, Јапонија, Јужна Кореја се актуелни и атрактивни дестинации за посета во овој дел од годината, но и држави каде е регистриран новиот вирус – корона, за кој сеуште нема доволни информации и засега нема лек, а е со смртоносни последици.
Затоа, при патување лекарите советуваат да се избегнуваат овие дестинации и секој да си превземе соодветни, превентивни мерки за заштита од овој вирус, како што се:
- Одржување хигиена на повисоко ниво од стандардно – зачестено миење на раце, во траење од најмалку 20 секунди, со сапун и други средства за дезинфекција.
- Ако се движите на места каде што има голем проток на луѓе, а особено на аеродроми, носете заштитна маска на лицето и избегнувајте близок контакт со луѓе кои кашлаат и киваат.
- При летање со авион – треба да ги дезинфицирате сите предмети кои ќе ги допирате во текот на летот, како што се: седиштето, наслоните за раце, екранот, преградата која служи како масичка, сигурносниот појас и се останато што ќе допрете. За минимален контакт со други лица во авионот, најдобро е да купите седиште до прозор, како и вентилацијата над вашето седиште да ви работи во текот на целиот лет. Секако и во авионот да не заборавите на почесто миење на рацете, а не е на одмет и маска на лицето.
- Ако веќе се наоѓате во една од ризичните земји каде овој вирус е раширен, освен контакт со луѓе, избегнувајте и контакт со животни, бидејќи постои веројатност вирусот да е пренесен од животно на човек , а јајца и месо треба темелно да бидат термички обработени.
- Ако сте патувале во ризична земја и стравувате дека можеби сте се заразиле или имате некој од симптомите за овој вирус (први симптоми: респираторни проблеми, покачена температура и малаксаност, потоа треска, кашлање, губење здив и тешко дишење), веднаш одете на лекар (со заштитна маска на лицето). Најважно е да не паничите, бидејќи не секој од овие симптоми значи дека е корона вирус.