Photo: A. Petrovska Храм Pura Besahih

Бали е уживање за сите сетила, Бали е одмор за душата и телото, Бали е инспирација за нови поглавја во животот.

Бали – дестинација од соништата, а во последните години –и прилично достапна дестинација за сечиј џеб, па и од кај нас – ако се начека ниска цена на авионски билет.  Островот Бали го посетив во Април 2017 година, а спомените од таму ми се толку свежи и колоритни како пред помалку од месец дена да сум се вратила од таму.

Смиреноста на жителите на Бали ја почувствував уште со самото слетување на аеродромот, нема гужва и нема нервоза, а пријатно расположен персонал не’ пречека и во одбраниот Sadara Beach ресорт, каде што за “Добредојде” не’ послужија со освежителен пијалок и ваучер за релаксирачка масажа. Ce’ уште немавме видено ни 1% од Бали, а веќе бевме заљубени во него, па веднаш откако се сместивме во пространите бунгалови лоцирани веднаш до базенот на хотелот и плажата, започнавме да правиме распоред што се’ ќе посетиме. И не ни требаше многу време да сфатиме дека буквално се’ сакаме да видиме!

Photo: A.Petrovska , Sadara Beach Resort

Писателката Елизабет Гилберт во своето ремек дело “Јади, моли се, уживај” (“Eat, pray,love”) – поглавјето “Јади” го посвети на Италија, поглавјето “Моли се” го посвети на Индија, а поглавјето “Уживај” (или “Вљуби се”) на Бали. Јас сите три поглавја ќе ги посветам на Бали:

Јади

Бали не’ разгали со вкусна храна, толку убаво декорирана, така што секој оброк имавме слатка мака – ни беше жал да ја расипеме декорацијата, за да ја пробаме порцијата. Храната често се служи во чинија на која е поставен лист од банана врз кој е поставена храната декорирана како мало уметничко дело.

Photo: A.Petrovska, Бали храна

Листовите од банана се користат и како декорација на хранат и за виткање на разни, несекојдневни десерти во кои уживавме секое попладне. Вкусно и деликатесно, пилешко во слатко-кисел сос и во сос со кикирики, супа со морски плодови, полнет ананас, печена банана, школки во сол и зеленчук со зачини и кокосов сос, поховани рскавици од пиле, ориз наместо леб, цедена лубеница, интересни желе десерти, печен сладолед и јужни овошја… Кујната е разновидна и превкусна, за сечиј вкус, се ужива во порцијата, а не може да се прејадете бидејќи не се консумира леб и други тестенини.

Photo: A.Petrovska, Бали храна

Моли се

За целосно да го доживееме Бали, се упативме во Убуд, сместен меѓу оризови полиња и стрмни клисури во централното подрачје на Бали. Во Убуд се наоѓаат најважните храмови на овој остров поради што е туристички центар на островот. Се вели дека Бали е остров на илјада храмови. Тука луѓето се молат три пати на ден, поставувајќи цветни аранжмани и палејќи свеќи и миризливи стапчиња насекаде – пред куќи, продавници,  хотели, ресторани…

Photo: A.Petrovska, Храм Pura Desa Batuan

Луѓето веруваат дека постојат добри и лоши духови кои опстојуваат со рамнотежа – со која ниту доброто, ниту лошото не престанува да постои. Претстава со традиционално играње каде доброто се бори со лошото се вика Баронг игра и може да се погледне во храмот Батубулан и во уште неколку други храмови. Тоа е претстава во пет чина, каде танчарите облечени во традиционална облека и маски ја играат борбата помеѓу доброто митолошко суштество Баронг и лошиот митолошки ѕвер Рангда.

Photo: A.Petrovska, Баронг Игра

Пура Бесаких (Pura Besahih) се смета за најважен хиндуистички храм на Бали и е комплекс од 23 храма, распостелени на 3.000 метри на падините на планината Агунг. Се смета дека храмовите датираат од 14 век, а некои локални жители веруваат дека храмовите се од 10 век.

Photo: A. Petrovska, Храм Pura Besahih

Пура Пенатарон Агунг е епицентарот на овој комплекс од храмови, изграден на седум нивоа, кои аџиите ги поминуваат на големо скалило, украсено со фигури на Рамајана и Махабхарата и разнобојни знамиња кои ја означуваат посветеноста на храмот на Шива. Целата сцена околу овој храм е нереална, како насликано уметничко дело, како да ги поминуваш скалите кон рајот, опкружен со боите на виножитото. Чекорам по скалите, а пред мене и позади мене се искачуваат аџии кои носат подароци за боговите. Тешко е оваа извонредна сцена да се долови со зборови, фотографиите подобро го доловуваат ова свето место.

Photo: A. Petrovska, Храм Pura Besahih

Други  позначајни храмови во овој комплекс се и Пура Бату Мадег, посветен на Вишну со високи кубиња – каректеристична архитектура за храмовите на Бали, како и Пура Кидулинг Кретег, посветен на творецот Брахма.

Photo: A. Petrovska, Храм Pura Besahih

Во секој од храмовите треба да се влезе пристојно облечен, без голи надколеници, па затоа на влезот од секој храм се изнајмуваат (може и да се купат) разновидни, шарени и долги марами.

Застанавме да уживаме во погледот на совршените оризови полиња, пред да продолжиме накај Батуан храмот (Pura Desa Batuan) каде што се наоѓа и најпопуларната локација за фотографирање на Бали. Со поглед на оризови полиња пиевме и од најскапото кафе во светот, кое се добива – ни помалку ни повеќе – од измет на цивети.

Photo: A. Petrovska, Оризови полиња

Танах Лот и Бату Болонг се уште една туристичка атракција на Бали – два храма на вода во Индискиот океан, изградени во 14-от век. Бату Болонг е изграден на карпа над вода, а под него има воден тунел, правејќи го еден од најнесекојдевни храмови во светот.

Photo: A. Petrovska, Храм Бату Болонг

Танах Лот е изграден на карпа сред вода и до него може да се стигне пешки само за време на осека. Името му значи “Земја сред море”, а секојдневно е преполн со туристи бидејќи ова е една од најпосетуваните туристички атракции на островот.

Photo: A. Petrovska, Храм Танах Лот

Уживај

Плажите на Бали се долги и песочни, но ако сте љубител на убави плажи и пливање во кристално чиста вода, тогаш Бали не е за вас. Овде плимата и осеката си го прават своето, па така водата започнува да се повлекува уште во 12 часот на пладне, се до 17 часот, па не може да се ужива во водата, а плажата останува далеку од водата. Но, затоа може да пешачите по површината на водата која се повлекува можеби скоро и 1 километар, да уживате во морскиот свет кој останал на површината да ја чека водата да се врати, како школки и морски ѕвезди.

Photo: A.Petrovska, Плима-Осека

Градот Кута е рај за млади луѓе и сурфери и уживање во зајдисонце на плажа. Огромна долга и широка песочна плажа одделена од сместувачките капацитети со една улица. Мноштво од ресторани, продавници, барови и ноќни клубови – Кута е идеалното место за забава на Бали. А, зајдисонцето е бесценето доживување и едно од најубавите зајдисонца кои сум ги видела низ светот.

Photo: A.Petrovska, Кута зајдисонце

За да сепак уживаме на плажа и во тиркизно, кристално чисто море се упативме на островот Ламбонган, каде се дружевме и со локалното население.

Photo: A.Petrovska, Плажа на Ламбонган

Налетавме и на вистински фудбалски фан, младо момче кое работеше во менувачница и кое откако не’ праша од каде сме и кога слушна Македонија, весело извика : ”Пандев, Несторовски!” со што стана првиот, а можеби и единствен жител на Бали кој знаеше барем малку за нашата мала земја. Внимавајте на уличните менувачници кои на Бали се вообичаена појава, може да се обидат да ви дадат помалку пари отколку што треба – иако пред вас ќе ја изборојат точната сума, вешто ќе скријат дел и на крај ќе ви дадат помалку пари.

Photo: A.Petrovska, Бали

На Бали главно превозно средство се моторите, ги има илјадници, возат и по правила и без правила, чести се сообраќајни несреќи со мотори, најчесто со туристи, кои не се навикнати на толкав метеж од мотори, па подобра опција е да изнајмите возач со автомобил кој ќе ве вози цел ден до сите знаменитости кои сакате да го посетите, а ако имате среќа – може и да ви раскаже по нешто за секое место.

Photo: A.Petrovska, Паркинг за мотори

Одвоивме време и за релаксирачки масажи, читање книги покрај базен, пиење вкусно кафе со колачи секој ден во 5 попладне во ресторанот на хотелот на отворено, уживавме лулајќи се на оптегнатите лулашки покрај плажата.

Photo: A.Petrovska, Бали плажа

Секое утро започнуваше со едночасовна јога која се изведуваше во градината на хотелот и мастершеф појадок, а секоја вечер – со вкусна храна во некој од рестораните во близина на хотелот. Вечерите после оброкот ни беа резервирани за Собата за релаксација – тивка просторија во хотелот, полна со: книги, списанија и дневни весници од секаде низ светот и со придушено светло, во која секогаш беше пуштена пријатна, тивка музика за релаксирање, каде ги сумиравме впечатоците од денот кој полека изминуваше и се радувавме на уште еден ден поминат на Бали.

Photo: A.Petrovska, Sadara beach resort

Знаете како е –  каде и да отидеме на патување, секогаш ни фали најмалку уште еден ден плус… што важеше и за Бали, впрочем во мирот, тишината, сталоженоста на жителите и храната на Бали можевме да уживаме уште мнооогу долго.

Б како Бали, Бали како баланс.

Автор на текст и фотографии: А. Петровска

©patokolusvetot.mk  Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон

 

За вкусот и начинот на изработка на најскапото кафе во светот, кое се произведува на Бали, може да прочитате на линкот:

Најскапото кафе во светот