Photo: Milijana Kacarska

Има голем број на истражувачки студија за патувања кои имаат дојдено до ист заклучок – дека патувањата не’ прават попаметни, попродуктивни, покреативни, па дури и дека не’ подмладуваат. На оваа тема решивме да поразговараме со д-р Милијана Кацарска психијатар, која и самата е голем вљубеник во патувања, па често знаеме да си размениме мислење и совети за разни дестинации и планови за идни авантури.

1. Како патувањето влијае врз менталната состојба на поединецот?

Модерниот начин на живеење оди рака под рака, за жал, со голем број депресивни состојби и растројства, анксиозни преметувања и ментални  и физички манифестации предизвикани од стресогените околности. Стрес на работа, стрес на училиште, стрес во кругот на семејството, не’ прави раздразливи, напнати, немирни, ја “краде” нашата енергија и ги ограничува нашите способности неопходни за нормалното, секојдневно функционирање. Од друга страна, патувањето ни дава прилика барем на некое време, краткорочно да се оттргнеме од генераторите на стрес. Патувањето ни овозможува во други, сосема различни околности да го преиспитаме својот начин на живот, нашите навики, постапки т.е да го согледаме нашиот живот со сите убавини и стресни околности од некој друг агол, од некоја дистанца. Патувањето ја обновува нашата енергија, придонесува за душевен мир и спокој и помага за сузбивање на стресот, депресијата и нивните негативни влијанија врз нашиот целокупен ментален раст и развој.

Photo: Marissa Grootes from Unsplash.com

Веројатно се прашувате како напорните моменти од патувањето, вклучувајќи чекање на аеродроми, граници, станици, гужви во сообраќајот, движење во потполно непозната средина и луѓе, финансиски трошоци и слични попатни околности ја обновуваат нашата енергија и го подбруваат нашиот дух. Ситуациите кои на почеток ви изгледаат напорни, на крајот се испоставува дека се делотворни во позитивна смисла за целокупното ваше здравје. Патувањето делува на сите наши сетила. Тоа е личен влог во нашата среќа и здравје. Тоа придонесува за емотивно освежување и ментална релаксација. Земање оддишка од вообичаената секојдневна рутина, ги поттикнува позитивните вибрации како за нас, така и за нашето опкружување. Патувањето е корисно и за зајакнување на односите со семејството и пријателите.  Времето кое во текот на патувањето /одморот го посветувате на себеси и на блиските со кои патувате, го намалува нивото на хормонот на стрес, кое го нарушува како менталното така и физичкото здравје. Освен тоа, спомените од патувањата кај секој од нас уште долго после завршувањето на одморот, предизвикаат чувство на среќа, задоволство и благосостојба.

Photo: Karim Manjra from Unsplash.com

Патувањето претставува лек за мозокот. Тоа носи нови искуства, знаења, продуктивност како и нови можности при соочување со животните предизвици. Менталната активност и когнитивната стимулација која се доживува низ процесот на патувањето, ја зајакнува отпорноста на целиот организам и притоа научно докажано е дека ги одлага денереративните болести. Одмор или било кое краткотрајно патување, не’ оттргнува од секојдневието, патувањата на нова дестинација од време на време се и те како потребни за поткрепување на менталната и физичката сила.

Изборот на дестинацијата како и содржината во која ќе уживате во текот на патувањето, впрочем е ваша сопствена терапија, која сами си ја препишувате, а ја одредувате согласно вашите желби, можности и финансиски капацитет.

Photo: Milijana Kacarska

2. Кога е најпотребно /најпожелно да се отпатува некаде?

Најпогодно време за патување се случува во оној момент кога нашиот дух и тело се подготвени, се со цел, постигнување на максимално уживање и целосно  восприемање на позитивните струи кои се доживуваат во текот на одбраното патување, како што и претходно напоменав патувањето делува позитивно на сите наши сетила, восприемање на нови звуци музика, восприемање на нови вкусови, восприемање на нови мириси….Кога се чувствувате будни, живи, активни , посакувате нова авантура , нови знаења, нови чувства, имате потреба да чекорите по некоја нова улица, плоштад или планина, кога сте спремни да го вдишете мирисот на непознатото е тогаш е вистинското време за патување.

Photo: Milijana Kacarska

3. Во какви психички состојби треба да се избегнува патување?

Патувањето не е апсолутна индикација за сузбивање на стресогените ситуации кои ни ги носи секојдневието. Кај депресивите состојби во почетен тек на лекувањето, не е индицирано патувањето, пред се’ поради фактот што таквите поединци во тие моменти се со целосен пад на волевите динамизми, тие не можат да станат од кревет и да го испијат утринското кафе, не сакаат да одат да пазарат, едноставно не можат и доколку на истите им понудиме опција патување како излегување од состојбата во која се наоѓаат, може да добиеме контраефект и да им причиниме дополнителен терет кој не можат да го совладаат. Пациентите со панични и агорафобични растројства исто така на почетокот на третманот не се “кандидати” за патување т.е за експозиција, изложување и соочување со нивниот најголем страв,  дали од летање, отворен простор, затворен простор… Кај таквите случаи најпрво треба да ја “набилдаме” менталната кодиција, да ги разоружаме од ирационалните мисли и дури тогаш да ги пратиме да уживаат во предизвиците од патувањето. Поединците/пациенти кои немаат увид и критичност во состојбата во која се наoѓаат се неподобни за себе, а воедно и за околината каде би патувале и со лицата со кои би патувале.

Photo: Suhyeon Choi from Unsplash.com

4. Како да се справиме со чувство на депресија која често се јавува по враќање во реалноста т.е дома, по посета на некоја дестинација која многу ни се допаднала?

Па, не би рекла дека не обзема чувство на депресија , можеби некое очекувано чувство на краткотрајна тага поради нешто што било убаво и завршило, тоа трае ден два и поединецот после неосетно се враќа на секојдневните активности, побогат со нови искуства и убави спомени. Секое ново планирање на патување не’ води напред и не не’ остава да останеме тажни поради нешто што поминало и завршило.

Photo: Milijana Kacarska

5. Ти си голем вљубеник во патувањата и чест патувач, имаш прошетано многу држави. Откриј ни која и зошто ти е омилена дестинација?

Да да, вљубеник во планирање на патување и целосна реализација на истото. Имам прошетано околу 35 држави, не на сите континенти ХАХАХ, тоа значи ми остануваат уште мнооогу. Паа омилена…би замолила да наведам барем 3 – 4: Тел Авив – живописна, медитеранска престолнина, 24 часовен град со уникатен пулс, комбинација од медитерански песочни плажи, ноќен живот од светска класа, културна сцена, храна и архитектура призната од УНЕСКО. Москва – првенствено поради најголемата православна црква некогаш изградена Црквата “Христос Спасител”, неприкосновениот симбол на православието. Стариот Арбат, како и новата Арбат авенија. Најгоелмиот и најстариот Московски универзитетот “Ломоносов”, кој едноставно ви го одзема здивот кога стоите пред него, московското метро познато по својата екстраваганција и единствен архитектонски дизајн, кое овозможува не само удобно патување низ градот, туку патување и низ минатото преку неописивите приказни насликани од руската историја. Сочи – најголемиот туристички град во Русија кој излегува на Црното море, а е на границата помеѓу Грузија и Русија, летувањето таму со моите родители е едно од моите омилени. Сочи град познат по Олимписките зимски игри во 2014 година. Мадрид – дом на шпанското кралско семејство, модерен град, со неизбежниот Прадо музеј, извонредната храна, град со најстариот ресторан во светот “Ботин” од 1725 година, градот на познати фудбалски клубови и стадиони, преубавите паркови и огромните плоштади. Исто така морам да ги спомнам и Киев во Украина, Петра во Јордан…

Photo: Milijana Kacarska

6. Која држава те има најмногу воодушевено, според начин на живот, едноставност, среќа… од каде би требало да земеме пример и ние за таков начин на живеење?

Шпанија – ја имам пропатувано речиси цела, вклучително со најголемиот број острови, каде топлината на народот и амбиенталната состојба те прават среќен, а музиката ти ја разигрува душата… Од друга страна пак едноставноста и принципиелноста на Скандинавците, Швеѓаните и Норвежаните ме воодушевува.

Photo: Milijana Kacarska

7. Која е следна дестинација на твојата листа за посета? Кои места би сакала да ги посетиш кои досега ги немаш посетено?

Јас ги обожувам city break (кратките) патувањата од по 3-5 дена, независно од годишниот одмор, ги практикувам околу 6-7 пати во годината, па би сакала да го посетам Бон, да ја почувствувам убавината на Сакура дрвјата на европско тло, мал град од капитално значење. Дестинации за посета, ехее ги има… цела Јужна Америка е на мојата листа за посета, а во брзо време би сакала да ја посетам Сардинија, оддамна ми стои на листата, ама не и’ дошло ред.

Photo: Ivan Ragozin from Unsplash.com

8. За крај – твој краток заклучок за патувањата:

Топло ви ги препорачувам патувањата од било кој тип, затоа што тие го одржуваат нашето тело витално, а нашиот дух млад.

Милијана, ти благодарам за одвоеното време и споделување на овие интересни и корисни информации кои често ги занемаруваме, а е потребно да ги знаеме за патувањата.

Разговараше: А. Петровска

Фотографии: Приватна архива на д-р Милијана Кацарска

©patokolusvetot.mk  Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон