Photo: Ljupcho Petrushevski

Љупчо Петрушевски од Скопје направи смел потфат кога со својата жолта пегличка (Zastava Fiat 126) извозил од Скопје до Торони на Халкидики, Грција и назад. Воодушевени од ова интересно патување, решивме да го исконтактираме за подетално да ни раскаже за ова доживување и за неговото хоби за реставрирање на стари автомобили:

1. Како дојдовте до идеја да патувате со Fiat 126, кој датира од ’90-тите години на минатиот век, да патувате надвор од Македонија? Дали се сомневавте дека автомобилот може да го издржи патот?

На идеја дојдов откако исконтактирав неколку велосипедисти од Грција и Бугарија со идеја да се извози целиот втор крак – Ситонија со велосипеди, а пегличката беше штотуку завршена со склопување, после неполни две години реставрација, така да кога ја завозев – не ми се излегуваше од неа. 🙂 Имав доверба дека ќе ме однесе и врати назад, бидејќи беше претресена до последно штрафче и кога ја купив имаше поминати 65.000 км, а сега има околу 86.000 км, со моторче кое и’ е во перфектна состојба. Тој што возел фиќо и пегличка знае кои резервни делови му требаат за по пат, а дополнително што ми даде сигурност е најдобриот мајстор за пеглички во Македонија – Бранко, кој ми помогна во склопувањето и Дуле кој не’ снабдува со делови за нив, па затоа си помислив -“Зошто да одам со “нормална” кола, кога можам со пегличката, сигурно ќе биде интересно”.

Photo: Ljupcho Petrushevski

2. Колку долго патувавте од Скопје до Торони, дали правевте паузи? Колку максимум км/час може да вози овој автомобил?

Патував 8-9 часа со неколку паузи, максимална брзина е 120 км на час, инаку дека има мотор со воздушно ладење поставен во задниот дел, на секои изминати 200 км си бара пауза за да олади, а се вози со 80 – 90 км на час, тоа му е нешто како оптимална брзина (да не се мачи).

Photo: Ljupcho Petrushevski

3. Дали ова беше ваше прво патување надвор од Македонија со пегличката?

Да, ова беше прво патување надвор од Македонија во 2021 година, а во 2022 година исто со неа бев до Неа Флогита.

Photo: Ljupcho Petrushevski

4. Како реагираат луѓе кои ќе ве сретнат по пат со пегличката? Имате ли доживеано некои интересни, смешни случки вредни за спомнување?

За по пат има доста да се раскаже. Многу позитивно реагираат српските туристи кои ме сретнуваат, по пат каде што одмарав – се сликаа, ме прашуваа која година е и други податоци за количето. Исто така, и Полјаци кои растеле во социјализмот и го сметаат за возило од тоа време, кое се произведувало кaј нив во Полска, развиваа емоции и ми раскажуваа како на времето и тие имале исто количе. Една ноќ дури имам и преспиено во пегличето, бидејќи не’ фати невреме, јак ветар кој ќе ни ги дигнеше шаторите, па моравме брзо да ги склопиме и да спиеме во возилата. И една анегдота – бидејќи на кровот на пегличката носев и велосипед, еден човек ми рече: “Знам зошто носиш велосипед… ако ти откаже пегличето – да имаш како да се вратиш.” 🙂

Photo: Ljupcho Petrushevski

5. Колку е старо возилото, како го одржувате? Со оглед на тоа дека е стар модел кој веќе одамна не се произведува, дали е лесно да се најдат резервните делови?

Фиатчето е произведено 1990 година и е модел со пластични браници кои сега се заменети со метални, за да изгледа како оригиналниот италијански модел на 126, а резервни делови се наоѓаат се’ уште во некои продавници, некои делови ги дели со југо, така што на пример кочиониот систем му е комплетно нов.

Photo: Ljupcho Petrushevski

6. На фотографиите може да се види дека на кровот од Fiat-от со вас носите и велосипед. Дали и со велосипед имате направено некој сличен потфат, да возите на подлога рута, надвор од границите на нашата држава?

Со велосипед, надвор од Македонија, највеќе имам возено во Грција – третиот крак Атос го имам цел поминато, кој е доста потежок од вториот крак (се мисли на козји патеки), а вториот крак ми е најдолга помината рута со такви нагорнини… Сите вкупно се некаде околу 2300 нв, а ми стои како се’ уште нереализирана идеја и островот Тасос да го “свртам”.

Photo: Ljupcho Petrushevski

7. Хоби ви е реставрирање на стари автомобили, па кој е вашиот следен предизвик?

Повеќе можам да кажам дека е љубов кон автомобилите, отколку хоби, за хоби немам многу време заради редовната работа. Инаку, би сакал повеќе да се посветам на реставрација на стари автомобили, а следно на ред за реставрација е Zastava 850 ak или Фичо комби, кое веќе го имам и треба за брзо време да се почне со реставрирање во кое планирам да вградам посоврмен мотор од Lancia ypsilon 1.2 16v, така да ќе можам да си приуштам да има и клима уред.

Photo: Ljupcho Petrushevski

Ви благодарам Љупчо за одвоеното време да споделите со нас нешто несекојдневно, па ве очекуваме повторно со нови интересни доживувања, кои се задоволство да се читаат и прераскажуваат.

Разговараше: А. Петровска

Фотографии: Приватна архива на Љупчо Петрушевски

©patokolusvetot.mk  Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон