Архитект по професија, светски патник по хоби, за него нема граници на овој свет – од Македонија до сите европски држави, до африкански племиња, вулкани во Индонезија, древна цивилизација во Перу, музички фестивали во Америка, фавели во Бразил, мистериозни фигури на Велигденските острови, чудна архитектура во Таџекистан, диџеј сет во клуб во Казакстан, град на духови на Кипар, родниот град на Меси во Аргентина за време на финалето на последното Светско фудбалско првенство, до Ушуаја т.н. Крајот на Светот, па и до најзатворената држава на овој свет – Северна Кореја, сегде стапнал Игор Џартовски. Пред месец дена, тој ја посети 100-тата држава – импозантна бројка и не знам дали постои друг Македонец кој посетил 100 или повеќе држави во светот, а патувањата да не му се поврзани со негови работни обврски (работа во авијација, на брод, туристичка индустрија и сл). Што значи оваа јубилејна бројка и како патувањата го имаат оформено или сменето како човек, разговаравме во ова опширно интервју, а одговорите на прашањата ми ги испрати од аеродром, на пат кон 101-та држава:
- Која е првата, а која е 100-тата држава која ја посети? Колку години ти требаа за да посетиш 100 држави?
Роден во бивша Југославија, перспективите за патување не ни беа баш наклонети во тие години на војни, изолации, визи и рестрикции. Освен околните држави, прво за мене тогаш, сериозно патување во 80-тите беше посета на Шпанија, фамилијарно, а првото соло интерконтинентално патување ми беше Тајланд во касните 90-ти години. Милениумот го дочекав во Куала Лумпур, така да испаѓа дека за оваа бројка ми беа потребни 30 години. Стотата држава беше Сан Марино, мала но сепак посебна држата, која во суштина е една од најстарите во светот.

- Што значи за тебе 100 посетени држави, освен што е огромна и јубилејна бројка? Дали ти е поттик за нови патувања или пак намалување на патувачката брзина?
100 посетени држави во тие некои патувачки кругови се оценува како прва значајна бројка по која може да се каже дека сум во друштвото на посериозни глобтротери во светот. Постои клуб (Traveler’s Century Club, TCC) во кој се зачленети околу 1.500 луѓе кои поминале 100 држави, но после оваа бројка обично се оди на 150, па дури и на сите официјални држави на светот (тоа го имаат постигнато само неколку десетици луѓе). Сто држави отприлика значи дека сум ги посетил сите mainstream дестинации. Но, од сега почнува потешкиот дел. Освен што ми останаа уште неколку стандардни држави, се’ понатаму значи подалеку, покомплицирано, поегзотично, а во не малку случаи и поекстремно и поопасно. Исто така за мене Стотката значи апсолутно ставање во петта брзина за патувања, затоа што работите се динамични во оваа сфера. Никогаш не знаеме која држава ќе постои, која нема да постои или во која ќе се случи нешто што нема да ни дозволи посета. На крај, за мене патувањето не е веќе само задоволоство, тоа станува пасија.

- Колку време претходно планираш посета на нова држава и обично кои места/знаменитости ти се во прв план за посета во секоја земја?
Морам да истакнам дека во најголем број на случаи патувам без услуги на туристичка агенција, многу пати соло, и во зависност од дестинацијата планирањето може да трае и по неколку месеци. Обожавам сам да истражувам за секоја дестинација до најситните детали, читам форуми, имам неколку сајтови кои ми даваат одлични информации (пробајте го сајтот Atlas Obscura) и морам да истакнам дека НЕ користам Chat-GPT за било каков план за патување. Да оставам на некоја машина да размислува за мене и да бира наместо мене кај да одам и што да видам, е апсолутен нонсенс. Исто така, гледањето на разноразни инфлуенсери, со своите совршени видеа и сториња е најголемата замка во која што можете да западнете. Планирањето е еден од најубавите процеси врзани за патувањето, собирањето на информации чекор по чекор, визуелизирање како тоа би изгледало и конечната награда, споредбата на замислата со реалноста е најголемата награда што еден патувач може да ја има.

- При стапнување на тлото на која држава имаш останато без зборови? (во позитивна и(ли) во негативна смисла)
Последната таква дестинација е Туркменистан. Тоа е една од најизолираните држави во светот. Главниот град Ашкабад е целиот направен од бел мермер и ги има едни од најбизарните објекти и споменици што можете да ги замислите. Апсолутно останав без зборови што може да се направи со налудничави идеи на еден диктатор со неограничен буџет од природен гас.

- Која држава те има најмногу фасцинирано (во поглед на култура/ историја/ општествено уредување/архитектура…)
Ја посетив Кина пред неколку месеци, пост-ковид и споредбата со моите две претходни посети (едната беше пред Олимпијадата во Пекинг 2008, втората непосредно пред Ковидот) ме остави без зборови од секој аспект. Од фактот колку е изградено, архитектура, инфраструктура, кои технолошки достигнувања имаат направено, а и самите луѓе, јас сум фасциниран во секој поглед.

- Која држава беше најтешко да се посети, од аспект на тешкотии пред посета -добивање на виза/конекции и за време на посета – организирање на транспорт, посета на значајни објекти, тешко пристапни области и сл.?
Постојат многу држави со комплицирани процедури за влез и престој и за мене тоа секако беше Северна Кореа, една од најизолираните држави во светот. Таму се патува исклучиво преку авторизирана агенција и мораше се да биде организирано од нивна страна до најситен детал. Втората држава е Туркменистан, која важи за држава со најселективна визна политика и јас ја имав таа среќа да добијам виза за таму. Турата исто така беше организирана преку специјализирана агенција, но далеку по релаксирана во однос на Северна Кореа. Во патувачкиот свет некои визи се светиот грал, како на пример Либија, Еритреја и многу афрички земји. Исто така, со оглед дека сум ги посетил скоро сите мејнстрим дестинации, предизвикот сега е да се оди на најнепристапните места на светот.

- Како “издржа” на едно место за време на Ковид пандемијата? Дали и тогаш успеа негде да отпатуваш (и дали беше комплицирано патување?)
Се разбира дека патував. Кога ќе размислам сега, тие години на патување во време на ковид беа можеби најдобри од многу аспекти. Годините на пандемијата 2021-2023 ги поминував во Јужна Америка, посебно Бразил кој имаше многу релаксирани критериуми за влез, и тие месеци кои ги поминував таму, од овој аспект сега, можам да кажам дека цените на авионските карти беа најниски, сместувањето исто така, немаше никаде гужви, ни туристи. На некој чуден начин, беше одлично време за патување.

- Koе е најдалечното место што си го посетил?
Велигденските Острови. Тоа е една мала точка во Пацификот, на 6 саати лет од Santiago, Чиле, на сосема спортивната страна од земјината топка. Временската разлика е 12 часа и ако го продолжите патувањето од Исток према Запад, фактички ќе почнете да се враќате назад. Инаку на овој остров технички спаѓа под Чиле, но заради екстремната изолираност има уникатна култура и историја. Таму се наоѓаат џиновските статуи наречени Моаи. Овој остров се вбројува во топ 3 најизолирани во светот, после островите Pitcairn и Tristan da Cuna.

- Најневообичаено доживување/место кое ти се случило до сега?
Прво – Посета на мавзолејот на двајцата диктатори Ким Ил-сунг и Мин Јонг-ил во Pyongyang. Едно од најинтензивните искуства во мојот живот. Целиот процес на влегување во тој објект, претресот, правилата кои требаше да ги следиме, бескрајното поклонување пред балсамираните тела на двајцата диктатори под будното око на десетици вооружени стражари внатре и што се’ имаше во таа палата е најбизарното искуство што сум го доживеал.

Второ – Кога по месец и половина патување на 31 декември дојдов до Крајот на Светот, градот Ushuaia во Аргентина.

Трето – Трек до лагуната Dos Tres и искачување на планината Mount Fitzroy во Патагонија, Аргентина, точно на изгрејсонце, кога целата гранитна карпа добива боја на огин, а потоа се рефлектира во лагуната која се наоѓа под неа.

Четврто – Лет со мал авион над Nasca линиите во пустината Nasca во Перу. Тие претставуваат огромни цртежи/геоглифи (и по неколку колиметри големи) кои може да се видат само од голема височина (од авион). Како настанале? Никој не знае. Една од теориите е дека се дела на вонземјаните.

Петто – Тродневна авантура низ пустината Salar de Uyuni во Боливија со џипови, која претставува висорамнина прекриена со сол, совршено рамна, и во зимските месеци кога ке паднат дождови таа се полни со вода, создавајки нестварен призор каде што небото огледално се рефлектира во водата и се губи хоризонтот. Апсолутно нестварно дело на природата.

Понатаму, само ќе ги спомнам Death Road во Боливија, Darvaza кратерот во Туркменистан, посета на изолираното строво Taquile на езерото Titicaca, Kawah Ijen вулканот во Индонезија…
- Знаеме за нас да кажеме дека сме едни од најгостољубивите народи на светот, но според твоето искуство, дали и ако – кој народ не’ надминува?
Прво, мислам дека сме гостопримливи само онака теоретски, многу сум скептичен спрема нашиот менталитет. Ние знаеме во исто време да сме фини со некој, а потоа да го искористиме или излажеме. Последно големо изненадување од другите култури ми се Тајванците, тие се еден уникатен склоп на кинеска и западна култура, многу несебични, фини и добри луѓе.

- Во која држава живеат најпријатни луѓе за комуникација со странци, а каде живеат најладните/најлошо настроените луѓе кон странци кои ја посетуваат нивната земја?
Јапонците јас би кажал се аристократија помеѓу светските народи. Кога последен пат бев во Јапонија, немаше Google maps, стоев и држев отворена хартиена мапа во метро. Во рок од неколку минути барем пет луѓе ме прашаа дали ми треба помош. За најлошите (од собрани неколку искуства до сега), не мора да одите далеку – oдете до Унгарија. И, едно општо правило за целиот свет – што се посиромашни луѓето, толку се пољубопитни, срдечни, спремни да помогнат и да те угостат. Од друга страна, во многу од најбогатите земји луѓето се себични, резервирани и исплашени.

- Во кои држави луѓето живеат најопуштен, но и најисполнет живот?
Дајте им на луѓе море и топла клима, мислам дека тука е најопуштениот живот. Не треба да ви го опишувам Медитеранот, сите го знаеме тој начин на живот, но ако гледаме подалеку – Бразил и Аргентина. Првите знаат да уживаат во животот од аспект на музика, безгрижност и секогаш расположени за забава. Аргентинците имаат еден уникатен начин на живеење до доцна во ноќта. Таму луѓето се собираат на вечера во 11 навечер, па се забавуваат до утро.

- Која ти е најомилена држава за посета?
Не можам да издвојам една држава. Но, дајте ми карта за Мексико, Бразил, Јапонија, Виетнам, Аргентина, нема да се двоумам да го фатам првиот лет.
- Држава во која иако си далеку од дома, сепак се чувствуваш како дома?
Бразил го имам посетено 6 пати. Тоа е местото на кое секогаш му се враќам, заради многу причини. Плус, Бразил е толку огромен што ни наредните 10 посети не би можел да го истражам до крај. Потоа следи Мексико. Исто така го имам посетено многу пати и најубавите делови се оние кои не се прегазени од туризмот. Во Мексико би можел да живеам и на подолг рок.

- А, која ти е најмалку симпатичнадржава?
Унгарија дефинитивно. Ако одите со кола, мислам дека на преминот Хоргош вработуваат психопати и нема преминување на таа граница без да се случи некоја намерна непријатност, a во Будимпешта во една прилика бевме буквално испцуени од келнерот затоа што сме му нарачувале цело време без координација.
- Во која држава не би се вратил никогаш повторно?
Генерално не постои земја за која сум рекол, никогаш повеќе. Но, сум имал чувство дека ниту припаѓам на тоа место ниту сакам да го повторам тоа искуство, Тоа е Дубаи на пример. Премногу стерилно, нечовечки и неприродно. Едноставно таквите дестинации не се мој стил. Но, од друга страна исто така сум имал чувство кога ќе стапнам на одредена нова дестинација, дека не ми е доволно и дека треба да дојдам пак. И сум доаѓал и по неколку пати.

- Во која држава си јадел највкусна храна, а каде ти било најтешко да најдеш храна по твој вкус?
Апсолутно сум одушевен од храната во Грузија, тоа е еден неверојатен спој на култури и вкрстено влијание од Истокот и Западот. Кинеската храна во одредени региони е нешто што тешко го поднесувам, додека во одредени држави, како Северна Кореа и Африка храната е буквално луксуз. Таму се јаде колку да се преживее. Некаде храната е само потреба и потоа блага нервоза како стомакот ќе реагира на тоа. Но, најдобрата храна според мене, на било која дестинација, не е во некој луксузен ресторан на rooftop или некое извикано ексклузивно место или хотел, туку долу на улица кај некоја жена што приготвува само една работа и пред штандот има ред од локалци.

- Најевтина и најскапа држава за посета (без вклучен патот до неа)?
Азиските држави како Виетнам, Лаос, Камбоџа се едни од најефтините дестинации во светот, едноставни за посета, со многу ниски дневни трошоци при патување. Најскапите исто така ги знаеме, тоа се скандинавските држави, вклучувајки го и Исланд, Швајцарија, а во последните години Америка станува неподносливо и апсурдно скапа.

- Која ти е следна нова држава на листата за посета?
Сега ми се случува да одам во држави кои јас ги викам да се пополни или заокружи некој регион. На пример, во Европа не сум бил во Молдавија и Исланд и Белорусија. По таа логика, тоа ми се следните дестинации во Европа во наредните неколку месеци. Додека ги спремам одговорите во оваа статија, јас сум веќе на една од овие дестинации. Далечните ги спремам подолго време и обично се на јужната хемисфера, па тие ги посетувам во нашите зимски месеци. Наредната дестинација од тие би можела да биде Белизе, Салвадор, Суринам или Гвајана.

- Дали ти е цел да ги посетиш сите 195 држави во светов?
Трчање по бројки никогаш не ми било цел и задоволство. Пратам одредени луѓе (претежно некои млади деца желни за публицитет на социјалните мрежи) на кои им е целта да ги посетат сите држави (моментално 195) и тоа го прават со бувално трчање од една во друга држава. Ниту ми е цел ниту мислам дека ке ги посетам сите држави во светот. Некои не се ни за посета и не е целта да се отиде некаде со превземање огромни ризици. Не патувам за публицитет, патувам за себе. Мојот инстаграм го следат околу 1.500 луѓе, претежно пријатели и ми служи за споделување само на травел фотографија. Не правам видеа/reels не сакам да зборувам пред селфи камера, веројатно сум старомоден за модерните инфлуенсери. Мојот стил на патување е да поминам извесно време на секоја дестинација и да добијам еден потполн впечаток за културата, храната, архитектурата и луѓето. Некаде дури да се инспирирам и да се вратам пак. Исто така на многу т.н. травел блогери патувањето им е исклучиво за некаква самопромоција и публицитет и мислам дека тие генерално го уништија правилниот начин на патување, уништија многу дестинации кои буквално се прегазени од новата појава која се вика “overtourism” и генерално имам екстремно негативно мислење за нив.

- Дали и како патувањата те сменија како човек? Дали те направија поотворен/поинклузивен/попретпазлив кон секој аспект од животот?
Според мене не постои подобар процес за оформување на личност од патувањето. Спознавањето на различни култури, начинот на живеење, споредбата со нашиот начин на живеење, трајно го менува човекот на секое ниво. Патувањето ме направи многу потолерантен и отворен према други народи, култури и искуства и затоа мислам Балканците да патуваа повеќе, немаше да ги имаме сите овие проблеми на нашите простори, ќе бевме порелаксирани и ќе се снаоѓавме подобро низ животот.

- За крај – дај ни неколку важни совети за патувања кои ретко кој ги знае, а го олеснуваат секое патување?
Прво правило би кажал, не го бирајте најлесниот пат. Патувајте во сопствена режија, патувајте без агенција. Ако немате со кого, патувајте сами. Уживајте во процесот на планирање на секое патување. Патувајте понекогаш и без план. Ако сте млади, користете ранец и направете барем една неколкумесечна тура било каде по светот. Потоа стапувајте во брак. Посетувајте хостели, таму ќе ги најдете најинтересните луѓе. Не се однесувајте како господа, патувањето некогаш, па и многу често треба да е непријатно. Тоа ќе ве направи појаки и поснаодливи. Уживајте да се изгубите во непознат град. Не трчајте по сите знаменитости, а посебно не најпопуларните светски градови. Тие први ќе ве разочараат. Не црпете инспирација од Инстаграм и апсолутно бегајте од најизвиканите такви локации на било која дестинација. Кога ќе видите гужва од туристи, фаќајте го спротивниот правец. Заборавете некогаш на Google maps и нурнете се во непознатото. Не седнувајте во ресторан со пластифицирано мени. Најдете ја и јадете локална улична храна. Следете ги локалците. Не патувајте само за да го покажете тоа на социјалните мрежи. Не бидете турист. Не одете во Пефкохори на летен одмор, со истите пари ќе поминете неколку недели во Азија.
Разговараше: А. Петровска
Фотографии: Приватна архива на Игор Џартовски
©patokolusvetot.mk Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон
За доживувањата на Игор во Северна Кореја прочитајте:
Интервју : Македонец во Северна Кореја – каков е животот во најизолираната држава во светот
За посетата на Игор на еден од најпознатите градови на духови прочитајте:
Фамагуста на Кипар – еден од најпознатите градови на духови, апсурд на политиката и религијата
За патувањето на Игор на местото на една од најголемите еколошки катастрофи прочитајте:
Како го посетив местото на една од најголемите еколошки катастрофи на денешницата?
За патувањето на Игор до синиот оган прочитајте: