Photo: MIlica Jovanoska

На ова патување отидов на инсистирање на моја другарка која веќе неколку години по ред оди на едрење. Ова за неа и за екипата со која оди беше дестинација на која одат првпат (обично одат на едрење по Јадранско и Егејско море). За мене сосема ново искуство.

Патувавме со автомобил Скопје – Драч, потоа со фери до Бари (ноќно патување). Од Бари продолживме со автомобил до Месина, Сицилија (таму има уште едно кратко фери возење околу 20 мин).

Photo: MIlica Jovanoska

По пат прва дестинација, пред да дојдеме до Месина, беше Матера, град во регионот на Базиликата во Јужна Италија. Лежи во два кањони издлабени од реката Гравина. Оваа област, Саси ди Матера, е комплекс од пештерски живеалишта врежани во античкиот речен кањон.

Photo: MIlica Jovanoska

До крајот на 1800-те, пештерските живеалишта на Матера станале познати по сиромаштија, лоши санитарни услови, слаби работни услови и неконтролирано заболување. Во 1952 година, населението било преместено во модерни живеалишта, а Саси (на италијански значи „камења“) бил напуштен до 1980-те. Со текот на годините со помош на инвестиции, пештерските живеалишта станале историска туристичка дестинација, со хотели, мали музеи, ресторани и уметничка заедница. Познат како la città sotterranea („подземниот град“), Саси и паркот на Рупестриските цркви биле прогласени за светско наследство на УНЕСКО во 1993 година. Во 2019 година Матера била прогласена за европска престолнина на културата. Дел од последниот филм за Џејмс Бонд “No time to die” (2021) е снимен во Матера. Кратка прошетка за нас бидејќи не’ чекаше пат.

Photo: MIlica Jovanoska

Од марината Портороса Јахтинг во Тонарела почна авантурата со едрилица. Прва дестинација ни беше островот Липари. Најголем остров од Еолските острови, односно Липарските острови во Тиренско море. Има вулканско потекло, населен со 11.000 жители.Познат е по лозјата со грозје од висок квалитет.

Photo: MIlica Jovanoska

Има убави плажи, со чиста тиркиз вода, во  Мај беше топла, пријатна за пливање. Вечерта прошетавме, седнавме во ресторан на вечера, храната одлична, гостопримливи се и многу пријатни како народ.

Photo: MIlica Jovanoska

Потоа следеше Панареа – најмал од седумте населени Еолски острови. Во моментов на него живеат околу 280 жители. Нуркањето е популарно на овој мал остров, кој е опкружен со неколку островчиња до кои може да се стигне само со чамец, што го прави уникатен и различен од другите Еолски острови.

Photo: MIlica Jovanoska

Оттаму продолживме према Стромболи – се гледаше од далеку и ни го привлекуваше вниманието бидејќи постајано испушташе гасови, односно беше активен.

Photo: MIlica Jovanoska

Островот е вулкански конус кој излегува од морето, висок 926 метри, со површина од 12,5км2  со 500 жители кои се занимаваат со земјоделство и риболов. Овој остров е туристичка атракција, од едната страна е населен, додека од другата страна се гледа дека истекува лава. Отприлика на интервал од 10 мин. испушта гасови, на подолг интервал лава-камчиња, која е поатрактивна и видлива навечер, преку ден се гледаат само камења како се тркалаат во морето.

Photo: MIlica Jovanoska

Последни големи ерупции се евидентирани во 2002 год. – предизвикано е мало цунами со бранови високи по 10 метри. Во 2019 – серија опасни ерупции фрлајќи пепел високо во небото.

Следна на ред беше Салина (на италијански јазик – мелница за сол). Втор по големина остров во архипелагот. Поделен е на три комуни: Санта Марина, Малфа и Лени, со 2600 жители.

Photo: MIlica Jovanoska

Вклучен е на список како светско наследство поради неговата вредност за вулканологија. Составен е од 6 вулкани, најстари се: Пицо ди Корво, Монте Риви и Капо Фаро, едвај препознатливи од морфолошка гледна точка, додека Монте Фоса дел Фелчи на 968м е највисок врв на архипелагот и Монте деи Пори се совршено зачувани. На некои места има поствулкански феномени наречени „жуборења“ и термални извори, предизвикани од емисија на подводен гас. Инаку од далечина островот е целосно покриен со зеленило (богата вегетација, најмногу грозје маслинки и каперси). Тука најпознато вино кое има златна боја е Малвазија.

Photo: MIlica Jovanoska

Санта Марина Салина е најважниот дел на островот, ние конкретно бевме таму, убаво место за опуштање, има бутици, специјализирани продавници, мештаните се гостопримливи организирани. Плажите се со црн песок.

Петто по ред место за посета ни беше Вулкано – најјужниот од 7-те Еолски острови.Мал вулкански остров во Тиренско море со површина од 21км2 највисок врв 501м надморска височина, кој содржи неколку вулкански калдери.

Photo: MIlica Jovanoska

Зборот „вулкан“ потекнува од името на овој остров, кој пак го добил името по митолошкиот Вулкан – римски бог на огнот.

Последен пат бил активен во 1890 год. со ерупција опишана како „експлозии кои звучат како топ што пука во неправилни интервали“.

Температурата на водата се движи помеѓу 49-75С0 и содржи натриум сулфат хлорид, инаку е рН неутрална најблиску до вулканските падини.

Photo: MIlica Jovanoska

Овој Вулкан постојано испушташе гасови (јак мирис на сулфур).

Има три населби со 953 жители – Вулкано Порто, Вулкано Пиано и Вулканело. Ние бевме во делот на Вулкано Порто, оттаму може да се види кратерот на вулканот по отприлика 2 часа пешачење, со обувки со дебел ѓон, бидејќи тлото е топло. Има и бањи кои во периодот на нашата посета беа затворени поради висока емисија на штетни гасови.

Photo: MIlica Jovanoska

Во морето блиску до обалата има топли гејзери (мали езерца каде водата како да врие – жубори). На површината не е многу топла, додека на дното се чувствува топла вода.

Еден ден искористивме за прошетка и до Палермо со автомобил. Главен град на Сицилија, познат по историјата, култура, архитектура и гастрономија.

Photo: MIlica Jovanoska

Палермо е еден од најголемите градови на медитеранот и Европа. Главно седиште на Светско наследство на УНЕСКО Норман палатата, катедрални цркви Чефалу и Монреале. Светец заштитник на овој град е Санта Росалија.

Сплет на околности, прво нешто што посетивме е еден од трите пазари (Вучирија, Баларо и Капо), кој е опишан како одличен вовед во Палермо во поглед на мириси и мештани.

Иако при патување треба да се посетат и убавите и помалку убавите места за да се добие целосна слика за дестинацијата, ова за мене беше непријатна посета, неубава слика – навистина е богат со шарени штандови со зачини, овошје зелечук, риба и други видови месо кое се спрема на лице место, но насекаде се чувствува непријатна миризба. Пазарот преполн со посетители, мештаните од сите страни пуштаа премногу гласна музика, просто да се изгубиш во него. Ова е сиромашен дел со доселеници, зградите и куќите се распаѓаат, хигиената е скоро па никаква, улици преполни со смет, луѓе кои просат… ова е неубавата слика за Палермо.

Photo: MIlica Jovanoska

Ја видовме и убавата страна на Палермо, немавме многу време за прошетка, но ќе издвојам:

Quattro Canti, врската на стариот Палермо познат како “il teatro” (градскиот театар) е идеален за луѓето што сакаат спори прошетки, особено за да можете да ги видите скандалозните статуи на главниот плоштад. “Пјаца Вергоња” или “Плоштад на срамот” има фонтана преполна со скулптури со голи тела на боговите на реките, тритоните и нимфите.

Црквата на Сан Каталдо – Симбол на градот Палермо, црвено-куполна зграда во близина на Палацо деи Нормани, која потсеќа на Аја Софија во Истанбул.

Photo: MIlica Jovanoska

Овој дел е тотална спротивност на претходниот дел на Палермо, чисто и средено, со убави и луксузни бутици и ресторани.

Бидејќи завршивме со едрење не’ чекаше пат за дома.

Photo: MIlica Jovanoska

На враќање прво место беше Сцила – тука застанавме да одмориме и да појадуваме. Се наоѓа пред теснецот Месина и е составен од два дела: центарот на градот, каде што се наоѓаат градските канцеларии и резиденцијата на светецот-заштитник, Марина ди Сцила и широка плажа со  хотели и ресторани.

Photo: MIlica Jovanoska

Плажата е со бел ситен песок, морето тиркизно. Вреди да се спомене и Замокот Руфо, тврдина изградена од војводите од Калабрија, од која се пружа поглед на плажата.

Photo: MIlica Jovanoska

Следна дестинација беше Тропеа, каде останавме еден ден, па за разлика од другите места кои ги посетивме “на трчање”, тука имавме време да прошетаме. Тропеа е приморско одморалиште со песочни плажи, лоцирано на заливот Света Ефимија, дел од Тиренското Море. Познато е и по одгледување на црвен кромид.

Photo: MIlica Jovanoska

За мене преубав град, сосема поинаква слика од Сицилија, друг народ, култура, преубави плажи, навистина вреди да се посети.

Photo: MIlica Jovanoska

За крај одвоивме малку време и за Бари. Пристанишен град на Јадранското Море и главен град на јужниот италијански регион Пуља. Неговиот стар град, Баривекија, зазема гребен помеѓу 2 пристаништа. Опкружен е со тесни улички.

Photo: MIlica Jovanoska

Црквата Сан Никола (Св.Никола) од 11 век, содржи дел од посмртните останки на Свети Никола. На југ, квартот Мурат има прекрасна архитектура од 19 век, шеталиште и пешачки трговски области.

Photo: MIlica Jovanoska

Пријатно изненадена од овој град – луѓето раздвижени, чисто и средено, уличките народски кажано „под конец“. Буквално сите излезени, повозрасните пред куќа седнати на столчиња, жените дотерани, следат што се случува во градот.

Photo: MIlica Jovanoska

И тука, за жал, заврши ова мое патување, се вратив со импресии од сите посетени места и од новото искуство за мене – едрење.

Топло препорачувам да се посетат овие места, доколку имате време и повеќе денови, ние бевме вкупно 11 денa – на копно и на вода. Едрењето е посебна приказна, потребно ви е добро друштво, искусен екипаж и одлично расположение. Ние пловевме на едрилица која собира 8 луѓе и ги има сите услови за функционирање, како мала куќа на вода. Јас секако ќе одам повторно.

Автор на текст и фотографии: Милица Јованоска

©patokolusvetot.mk  Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон