Прва асоцијација за Кападокија е летање со шарен балон на топол воздух. Секако дека тоа е доживување кое не треба да се пропушти кога ќе ја посетите Кападокија. Споделуваме неколку совети од ова уникатно искуство:

  1. Сместете се во гратчето Гореме, во близина на ова место полетуваат балоните.
  2. Резервирајте си место во балон на време – бројот на лиценцирани балони кои летаат е ограничен на околу 100 во денот. Обично хотелите каде сте резервирале сместување во Кападокија се нудат тие да ви резервираат, при што ќе ви понудат неколку опции, поевтини и поскапи варијанти, ќе ви сугерираат која е најдобрата опција, ваше е да се одлучите за една од нив. Подобра варијанта е да уплатите преку хотелот уште пред да пристигнете во Кападокија, отколку да чекате на лице место да уплатите – нема да најдете поевтина варијанта, а и голема е веројатноста да нема место за денот кој сте го предвиделе за ова доживување. Имајте во предвид дека луѓе од цел свет ја посетуваат Кападокија, а дневно во балон може да летаат околу 2000 патници.
  3. Цената зависи од видот на балонот и од компанијата со која ќе летате, моментално се движи од 120 – 150 евра од човек. За подобро доживување и поголема комоција (иако корпите се мали и движењето е ограничено), подобро е да летате во балон чија корпа собира помал број на патници. Бројот на патници во еден балон се движи од 12 до 24.
  4. Облечете се во топла облека – полетувањето е рано наутро, околу 5 часот, пред разденување, за да се фати изгрејсонцето во балонот, кога сеуште е ладно, дури и во топлите месеци од годината.
  5. Пред да ја посетите Кападокија, проверете ги временските услови за денот кога планирате да летате со балон. Ако се неповолни временските услови, балоните не полетуваат. Ако имате уплатено летање, а сепак нема услови (врне дожд, снег, дува силен ветер или има магла) парите ќе ви бидат вратени. Најдобро време за посета на Кападокија е од Март до Ноември.
  6. Понесете си добар фотоапарат и селфи стап за телефонот со кој ќе фотографирате – за да фатите подобри агли за фотографирање, бидејќи корпите на балонот се прилично тесни и немате место за движење.
  7. Летањето со балон трае околу час – час и половина, во зависност од временските услови. Пред полетување, пилотот на балонот ќе ве обучи која положба да ја завземете пред полетување и пред слетување на балонот.
  8. Сигурноста на летањето со балон зависи од искуството на пилотот и компанијата, па затоа одлучете се за летање со компанија со искуство, која пред се’ се грижи за безбедноста на патниците.
  9. Откако ќе заврши летањето и ќе слета балонот, следува наздравување со пилотот и останатите патници со пенливо вино за успешен лет и доделување на сертификат за летање со балон. Наздравје!

Задоволството од ова уникатно доживување трае многу подолго од самиот лет , а погледот кој го имате од балонот не може да се долови со опишување и фотографии, треба да се доживее. И не заборавајте, летањето со балон на топол воздух е само една од атракциите во Кападокија, одвојте доволно време и за посета на Музејот на отворено небо, за подземните градови Деринкују и Кајмакли, за дворецот во Учхисар и секако за дегустација на превкусна храна и релаксирање со турско кафе.

Автор: А. Петровска

 

©patokolusvetot.mk  Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон