На 19 години заминува од Скопје и тивко го освојува светот. Од Милано до Лондон, од Хонг Конг до Њујорк, Даниел Николовски стана гласноговорник на македонскиот талент во престолнините на дизајнот. Денес, преку брендот TRAGA, неговите раце му даваат нов живот на стаклото. Но, зад истите линии, скулптурните форми и светот на врвниот дизајн стои нешто многу полично: неговото Скопје. Брутализмот во кој растел. Балканската способност „од ништо да направиш нешто”. Дебар маало, бурекот во Чаир и сите емоции за кои ќе прочитате. Патешествијата, без да знаеме, стануваат дел од нашиот потпис. Запознајте се одблиску со Даниел:

1. Даниел, твојот пат започнува во Скопје, а денес си дел од миланската
дизајн сцена. Како „македонското“ – нашата култура, архитектура,
брутализам – се огледува во твоите сегашни креации?
Скопје многу влијаеше врз начинот на кој размислувам за дизајнот. Особено архитектурата, брутализмот и модернизмот – монументалноста, геометријата и скулптуралниот карактер на зградите со кои сум растел и кои беа дел од моето секојдневие. На пример, Музејот на Македонија или Евангелско – методистичката црква. Но, има и нешто друго што доаѓа од растењето во Скопје и на Балканот – онаа идеја „направи нешто од ништо“, импровизирај и најди решение со тоа што го имаш. Милано ми даде средина во која тие идеи можев да ги развијам и претворам во реални производи. Денес дизајнирам чаши во кои се обидувам да ги спојам формите и скулптуралноста на брутализмот со прецизноста, функционалноста и елеганцијата на италијанскиот дизајн.

2. Беше долго време посветен на дизајн на ентериери и мебел. Направи
„пресврт“ и целосно се посвети на дизајнот на стаклени предмети под
брендот TRAGA. Како се случи тоа?
Тоа беше повеќе природна еволуција отколку нагол пресврт. По студиите по внатрешен дизајн сфатив дека најмногу ме привлекуваат мебелот и дизајнот на производи. Работев како дизајнер на ентериери во Хонг Конг, главно на ресторани и барови. Во тие проекти најмногу ме интересираше концептот зад просторот и дизајнирањето на мебелот, светлата и малите детали – речиси сè беше специјално дизајнирано за проектот.

Потоа заминав на магистерски студии во Лондон, каде што живеев две години. Тоа ми беше еден вид ресет на дотогашното знаење, бидејќи пристапот кон дизајнот беше многу поспекулативен и концептуален. По Лондон работев за брендот KABINET во Верона, а потоа почнав самостојно да развивам мебел. Но мебелот е скап за производство и како млад дизајнер продажбата не беше лесна. По многу обиди и грешки решив да направам нешто мало – Martini Shot Glass, во ограничена серија за Божиќ. Неочекувано почнаа да пристигнуваат многу нарачки и го сфатив тоа како знак. Така започна TRAGA.

3. Дали патувањата се твоја инспирација?
Да, многу. Ме привлекуваат: архитектурата, природата, традициите и различните начини на живот. Инспирација може да биде врата, црква, чудна фасада или некоја необична пропорција што случајно ќе ја забележам.
Од Хонг Конг најмногу ги паметам малите острови на кои одевме за викенд, традиционалните пазари, храната и хаосот на улиците. Во Сеул ме фасцинираше чувството дека сè е чекор напред – high-tech архитектура, бизниси што работат 24/7 и сосема поинакво темпо на живот. Последното големо патување ми беше Исланд, со органски форми, вулкански пејзажи и природа која изгледа речиси вонземски.

Патувањата ми помагаат да излезам од рутината и повторно да се заљубам во секојдневниот живот.
4. Каде е дома и што во Милано ти фали од Скопје?
Во овој момент, дома ми е Милано. Тука живеам веќе десет години, тука ја изградив
кариерата и секојдневието. Но, врската со Скопје ми е многу силна и често се враќам.
Најмногу ми недостигаат храната и спонтаноста. Во Скопје можеш да му се јавиш на пријател и по половина час веќе да седите на кафе. Во Милано често мораш да планираш неколку дена однапред. Ми недостигаат прошетките низ Дебар Маало, бурекот од Чаир и Раштак, каде што живеат моите родители.

5. Твоите дизајни како Martini Shot Glass покажуваат дека секојдневниот
предмет може да биде и играчка и скулптура. Како изгледа креативното
патување од идеја до реализација?
Процесот обично започнува со концепт. Кај првите производи на TRAGA многу си игравме со идејата еден предмет да има две функции – како Martini Shot Glass, која е истовремено чаша за мартини и за шот. Потоа следуваат скици, мали макети, тестирање на димензии и пропорции, 3Д-печатени модели и прототипи од стакло. Кај толку мал предмет секој милиметар е важен, па често се потребни повеќе верзии.
Главно работам во студиото на TRAGA, во јужниот дел на Милано. Тоа е истовремено студио, showroom и креативен простор каде развиваме производи, тестираме прототипи, пакуваме нарачки, се среќаваме со клиенти и организираме изложби, pop-up настани и соработки.

6. Да се биде дизајнер во Милано носи големи можности, но и огромна
конкуренција. Кои се најголемите предизвици и кои „македонски“ навики
мораше да ги смениш?
Се преселив во Милано на 19 години и токму тој период беше најголемиот предизвик.
Одеднаш се најдов во средина каде дизајнот, архитектурата и уметноста се присутни насекаде. Не доаѓав од дом полн со книги за уметност и дизајн, па многу работи ги откривав на лице место. Љубопитноста и ентузијазмот многу ми помогнаа.
Од Италија научив и колку е важно познавањето на историјата. Во раните дваесетти не разбирав зошто Италијанците толку многу се навраќаат на класичните стилови, архитекти и уметници. Денес ми е јасно дека токму од тоа познавање на минатото доаѓаат квалитетот и безвременоста. А, македонската импровизација не ја изгубив – само ѝ додадов малку повеќе организација.

7. Кои се местата во Милано што те полнат со креативност, а се далеку од
туристичките врвулици?
Многу ја сакам Villa Necchi Campiglio – прекрасна куќа каде италијанскиот рационализам се спојува со Art Déco. Секогаш можам да забележам некој нов детаљ.
Често одам и на изложби во галеријата Massimo De Carlo, која има одлична програма со современи уметници.
Но, инспирацијата често доаѓа и од разговорите со пријателите во старите милански барови и enoteche – со чаша вино и многу дискусии за тоа што се случува на дизајн-сцената.

8. Раскажи ни за твоите омилени и најдалечни дестинации за патување. Кои патувања го смениле твојот поглед на светот?
Хонг Конг ми беше особено важен бидејќи таму живеев и работев. Првпат подолго време бев во толку интензивна, мултикултурна и визуелно хаотична средина.
Сеул ми даде чувство дека гледам во иднината, додека Исланд беше целосно спротивното – екстремна природа и речиси нереални пејзажи.
Но, омилен град сè уште ми е Њујорк. Ја сакам енергијата, мешавината на различни луѓе и култури и, секако, Art Déco архитектурата. Патувањата ме научија да ја ценам убавината на хаосот и судирот на различни идеи.

9. Како некој што успешно го премости јазот меѓу Балканот и европската
сцена, што би им порачал на младите македонски дизајнери кои сонуваат за
светски успех?
Најважно е да изградат сопствен идентитет и личен поглед кон тоа што го работат. Денес сите сме изложени на исти трендови, референци и алгоритми, па многу лесно сè почнува да изгледа исто. Мислам дека има сè помалку простор за генерички дизајн.
И би им препорачал да разговараат со луѓето од индустријата – да му пишат на дизајнер чија работа ја почитуваат, да го поканат на кафе, да посетуваат студија, изложби и настани.
Дигиталниот свет е исклучително корисен, особено кога доаѓаш од помал пазар како
Македонија. Но, на крајот, најмногу се учи и напредува преку вистинските односи и заедниците што ги градиме околу себе.

Даниел, ти благодарам за одвоеното време да ја споделиш твојата животна приказна со нас, те поздравуваме од твоето Скопје, горди на тебе и трагата што ја оставаш.
Разговараше: В.Мирчевски
Фотографии: Приватна архива на Даниел Николовски
©patokolusvetot.mk Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон






