Ако оваа година го пропуштивте целосното затемнување на Сонцето, добрата вест е што истото ќе се случи и наредната година.
На 2 август 2027 година небото ќе приреди еден од најспектакуларните астрономски настани – целосно затемнување на Сонцето, каде Месечината целосно ќе го покрие Сонцето, а набљудувачите ќе имаат можност во неколку минути да доживеат ненадејно затемнување на дневната светлина.

Ова затемнување најдобро ќе се види во Јужна Европа, Северна Африка и Блискиот Исток.
Најдобри локации за набљудување на целосното затемување на Сонцето во 2027 се:
Египет – Луксор
За да се доживее затемнувањето во негово најдолго траење, Египет е еден од најдобрите избори. Во близина на Луксор целосното затемнување ќе трае околу 6 минути, што го прави едно од најдолгите целосни затемнувања на Сонцето во овој век. Замислете го моментот кога денот постепено се претвора во мрак над храмовите на древниот Египет, а Сонцето исчезнува зад Месечината.
За оние кои сакаат да ја спојат астрономијата со културно-историско патување, Луксор е идеална комбинација со: храмовите во Карнак и Луксор, Долината на кралевите, крстарење по Нил и пустинско сафари.

Јужна Шпанија – Малага, Марбеља, Кадиз
За европските патници, јужна Шпанија е една од најлесно достапните опции. Меѓу најинтересните места се: Кадиз, Марбеља и Малага. Во Кадиз затемнувањето ќе трае околу 2 минути, во Марбеља околу 3 минути, додека во Малага ќе трае нешто помалку од 2 минути.
Ова е одлична варијанта за оние кои сакаат затемнувањето да го комбинираат со летен одмор во Коста дел Сол – плажи, медитеранска храна, бели андалузиски градови и добар ноќен живот.

Гибралтар
Посебно драматична локација е Гибралтар, каде целосното затемнување ќе трае околу пет минути. Затемнувањето ќе започне околу 10:45 часот по локално време и ќе заврши околу 10:50 часот.
За фотографите и патниците кои бараат необична комбинација на природа, историја и астрономија, ова е една од најфотогеничните точки на патеката на затемнувањето.

Мароко – Танжер
Градот Танжер во Мароко е уште една одлична опција, кој се наоѓа директно на патеката на затемнувањето. Танжер ќе има 5 минути целосно затемнување, а исто така е интересен и поради неговата локација – на местото каде Атлантскиот Океан се среќава со Средоземното Море, како и поради медината, традиционалните пазари и погледoт кон Гибралтарскиот Проток.

Тунис – Махдија, Каируан, Габес, Сфакс и островот Џерба
Затемнувањето во Тунис ќе биде видливо во повеќе делови од државата, меѓу кои: Каируан, Габес, Сфакс, Махдија и Џерба.
Особено интересна е Џерба, остров познат по своите песочни плажи, традиционалните села и медитеранскиот амбиент. За патниците кои сакаат доживувањето на затемнувањето да го претворат во летен одмор, ова е одлична комбинација.

Саудиска Арабија – Џеда, Мека и Таиф
Патеката на целосното затемнување ќе ја опфати и Саудиска Арабија во: Џеда, Мека и Таиф. Овде доживувањето е сосема поинакво од медитеранските локации – пустински пејзажи, чист хоризонт и несекојдневна атмосфера создадена од ненадејното исчезнување на дневната светлина.

Секако, имајте во предвид дека затемнувањето на Сонцето треба да се гледа со сертифицирани очила за затемнување или соодветен соларен филтер.






