Photo: Darko Onosimoski

Доколку сакате да го вдишете мирисот на Шара, да го слушнете жубурањето на дивите планински води, кои се спуштаат од високите врвови, и да се рекреирате на некои од убавите шумски патеки, тогаш за вас идеално место за посета е селото Беловиште  и Беловишките водопади.

Селото Беловиште се наоѓа во пазувите на Шар Планина, на оддалеченост од околу 20 километри од Тетово. Пристигнувањето во ова село значи крај на секојдневните обврски и бегање од градската гужва и стресот кој го носат урбаните средини. Беловиште е за викенди посетено од голем број гости од Полошкиот и поширокиот регион. Селото го краси Беловишка река која извира од врвот Пирибек и тече низ живописен предел. Реката има мошне студена и брза вода и го разубавува целокупниот природен амбиент. Оваа река месното население уште ја нарекува и Јелика.

Photo: Darko Onosimoski

По речниот тек на Беловишка река има три поголеми водопади, првиот се наоѓа до излетничкото место Петочко Водиче со висина околу 12 метри и се вика Враживир, средниот водопад  е највисок со 43 метри и се нарекува  Долна Цкала и третиот водопад познат како Горна Цкала со височина од 20 метри се наоѓа на тешко пристапен терен. Средниот водопад – највисокиот водопад на Шар Планина, несомнено преставува една важна туристичка понуда на Беловиште и под Шарпланинскиот  регион.

Photo: Darko Onosimoski

Оваа селска населба е мошне стара, тоа го потврдуваат археолошките остатоци кои потекнуваат од доцноантичкиот период, а најпознати археолошки локалитети во селото Беловиште се Градише и Поле-Теагро.

Историјата, природата, сакралните објекти и  вкусната храна во околните ресторани  ја прават оваа селска населба една од најубавите за посета под Шарпланинскиот регион. Тука може да уживате и во вкусна храна во еден од многуте ресторани.

Photo: Darko Onosimoski

Доколку не сте љубител на прошетки и сакате да уживате во природниот амбиент, тогаш идеална опција е излетничкото место Петочко Водиче. Името Петочко Водиче е добиено по лековитиот извор кој се наоѓа во една од црквичките во месноста.

На ова излетничко место се слуша жубурењето на Беловишка река и се изградени летниковци, а за време на викенди тука може да сретнете луѓе кои се пријателски расположени за разговори кон сите гости кои доаѓаат на прошетка, планинарење, рекреација или љубопитни за истражување на нови убавини во нашата земја.

Photo: Darko Onosimoski

Излетничкото место е надополнето со две црквички, едната е посветена на Свети Јован крстител  а другата е “Св Петка” за која постои верување дека водата има лековити својства и помага за очни заболувања,  па поради тоа и не е мал бројот на посетители кои доаѓаат тука поради здравствени причини.

Photo: Darko Onosimoski

Најпосетувана планинарска рута која започнува од селото Беловиште се Шарпланинските врвови Пирибег и Ливадица , но за освојување на овие врвови е потребна добра физичка кондиција , а за пократка прошетка во природа, која не бара посебна физичка подготвеност, е третиот Беловишкиот водопад со височина од 20 метри.

Photo: Darko Onosimoski

Погледот кон водопадот е фасцинантен, тој тече низ карпи и често се созадава водена завеса. Беловишки водопадот според атрактивноста на целиот амбиент со сигурност може да се вброи меѓу првите десет најатрактивни водопади во Македонија. Сум посетил многу водопади во нашата земја како: Камењански водопади на Камењанска река, Дуфскиот водопад на Ростушка река, Колешинскиот водопад по долниот тек на реката Баба , Смоларскиот водопад на реката Ломница, Пехчевските водопади… и сите тие неспорно располагаат со своја убавина, но овој водопад има некој посебен шарм и магија.

Постојат уште многу нешта во ова село и целокупната околна природа кои доправа треба да се истражат, па доколку ви го разбудив чувството за љубопитност за посета на овој крај, не двоумете се да го посетите овој скриен, туристички потенцијал на нашата земја.

Автор на текст и фотографии: Проф. Дарко Оносимоски

©patokolusvetot.mk  Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон