Photo: Milica Jovanoska

Подолго време имав желба да го посетам манастирот “Св.Василиј Острошки” во Црна Гора, па конечно во септември 2022 година желбата ми се оствари. Но, на пат кон манастирот, без да забележиме, водејќи се по Google maps, имало две опции за да се стигне до саканата дестинација, па ние сме ја одбрале таа која води на граничниот премин Кула од Косово во Црна Гора. Кога сфативме дека не одиме преку Албанија, веќе беше доцна да се враќаме назад и решивме да продолжиме.

Photo: Milica Jovanoska

Патот е напорен за возење, ама таа природа која ја видовме, ме потсети на Швајцарија. Убави села, зеленило, чиста средина, огромни дрвја, со еден збор – преубаво. По неколку часа возење решивме да одмориме, штом ни се укаже прилика некаде да застанеме.

Photo: Milica Jovanoska

Наидовме на едно мало место – Гњили Поток, по прилично тесен пат каде одвај две коли се разминуваат. Качувајќи се по угорнините видов рачно изработена дрвена табла на која пишуваше „Радмилица – Уживај во погледот“, погоре напијте се кафе или свеж домашен сок да одморите… Решивме да застанеме.

Photo: Milica Jovanoska

Поглед кој опива – рачно изработени дрвени куќарки, голема дрвена платформа со поглед во сите нијанси на зелено во планината. Гарнитури, масички, лулашки… во средина на платформата огромно дрво кое дава природна сенка, сето тоа украсено со цвеќиња. ПРЕКРАСНО.

Photo: Milica Jovanoska

Послужуваат домашни пијалоци, кафе, продаваат природен мед и хигиената е на високо ниво.

Photo: Milica Jovanoska

Не’ послужи сопственикот, кој по потекло е од Гњили Поток, се грижи и го одржува местото, од ништо напрвил нешто со свои раце. Неговата идеја ја оценувам со чиста 10-ка, бидејќи ја зачувал природата и успеал на едно такво мало место да создаде катче каде ќе застанеш и ќе се „опиеш“ од убавина.

Photo: Milica Jovanoska

Не се покајавме што одевме по потешкиот пат, бидејќи се исплати да се види таа убавина.

Photo: Milica Jovanoska

Исто така, забележав и дека доаѓаат многу странски туристи со мотори, реално тој пат е баш како за нив, па ако имам можност следен пат би сакала и таква авантура. Секако, Радмилица ќе ја посетам повторно.

Photo: Milica Jovanoska

Ги следам на Инстаграм, функционираат и кога ќе помине летото, се’ додека дозволуваат ниските планински темперaтури.

Автор на текст и фотографии: Милица Јованоска

©patokolusvetot.mk  Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон