Photo: Sabina Kirilovski

Божиќ и Божиќните маркети се најубавиот дел од зимата. Искрено, не сум љубител на зимата и ниските температури, но предбожиќните прослави кај нас и во светот, ја прават зимата и овој период од декември – волшебна.

Божиќните маркети се улични маркети (тезги направени од дрвени куќарки) кои асоцираат прослава на Католичкиот Божиќ и се одржуваат од последната недела во ноември и траат се до Бадниковата вечер (23 Декември). Тие изгледаат магично благодарение на украсите, мирисот на цимет и каранфилче, божиќните песни кои се слушаат од сите страни, ѕвончињата, смеењето на Дедо Мразовците, џагорот на дечињата кои се радуваат и се смеат и целото опкружување, го доловуваат во секоја смисла овој волшебен и магичен период.

Photo: Sabina Kirilovski

Во текот на овие четири недели, локалните жители, многубројните туристи, млади и стари, за момент забораваат на секојдневните обврски и грижи и дозволуваат да ги води Божиќната магија, создадена од разнобојни светкави светла, високи елки, вртелешки, божиќната музика, ѕвоната на Дедо Мраз, мирисот на овошното греено вино помешано со цимет, колачињата од ѓумбир, како и вкусот на локалните специјалитети.
И покрај декемвриското сивило и ниските температури, оваа година заедно со сопругот, за прв пат решивме да посетиме три познати Божиќни Маркети во Европа – Прага, Дрезден и Виена.

Photo: Sabina Kirilovski

Прага, Чешка
Најпопуларните и најголемите пазари традиционално се одржуваат на стариот градски плоштад, кој е главен центар на предбожиќните прослави. Највпечатлив дел од целиот маркет е огромната елка која е поставена во центарот на плоштадот во стариот дел од градот. Околу елката имаа поставени огромни светликави скулптури од ангели високи по два метра. На средина на плоштадот, беше поставена бина со скали, каде што посетителите имаа можност да се качат и од височина да го видат плоштадот, елката и украсените куќарки.

Photo: Sabina Kirilovski

Со шолја варено вино во рака имавме можност да прошетаме покрај десетици тезги со традиционални чешки производи, како што се: рачно изработени новогодишни украси и разни производи од стакло, ќерамида и кожа, како и разни видови на кулинарски производи, од печени ореви премачкани со шеќер, цимет, чоколадо и многу други вкусови, спирален пржен компир на стапче, чоколадирани вафли на стапче, до различни видови на колбаси и специјалниот германски Bratwurst (вид на колбас).

Photo: Sabina Kirilovski

Не сте биле во Прага, доколку не го пробате најпознатиот сладок трделник (trdelnik или скратено trdlo) – тесто кое се завиткува околу стапче, потоа се пече на скара (жар) и се прелива со мешавина од шеќер, цимет и ореви, кој може да се јаде како таков или средината (празниот дел) да се наполни со чоколадо, сладолед, крем од ванила итн. Како што се пече се врти и се мачка со млеко додека не порумени. Потоа, внимателно се вади од металниот цилиндар и се валка во цимет, шеќер, какао, кокос или мешавина од јаткасти плодови. Лесно е да се препознае бидејќи е типично обликуван како шуплив корнет, иако без полнење и поголем, во дијаметар од осум до десет сантиметри. Во Прага популарно се нуди во повеќе варијанти – филуван со шлаг со јагоди, сладолед или намаз од јаткасти плодови.

Покрај овие задоволства, имавме можност на лице место да ги видиме и традиционалните уметности и занаети, како што е изработката на мечеви.
За да се доловат сите волшебства, да се видат околните помали божиќни маркети, како и да се посетат сите знаменитости во Прага, потребни се најмалку 3 дена престој во Прага. Ние, за жал, имавме само два неполни дена и ги искористивме максимум што можевме.

Photo: Sabina Kirilovski

Дрезден, Германија
Божиќниот маркет во Дрезден (Dresden Striezelmarkt) почнал да се одржува во 1434 година и е најстариот маркет во Германија. Тој се одржува во плоштадот Алтмаркт (Altmarkt Square) во Дрезден. Но, низ градот се распоредени голем број на помали маркети. Секој од нив си има индивидуален карактер и шарм. Целата „Божиќна магија“ се протега покрај улицата Прагер (Prager Straßе) до другата страна на реката Елба. Според некои извори, бројот на посетители на овој маркет е околу 2.5 милиони годишно.

Photo: Sabina Kirilovski

Пазарот е многу познат низ Европа, па и во светот и уште се нарекува и “Зимските светла на Дрезден” (“Winterlights of Dresden”).
Според локалците, од 2012 година, покрај бројните продажни штандови со специјалитети од Дрезден, почналe да нудат специјалитети и од околината.

Photo: Sabina Kirilovski

Како и на сите божиќни маркети, така и во Дрезден највпечатлив дел е преубаво украсената и осветлената Божиќна елка, висока 15 метри, поставена во центарот на плоштадот. Овој волшебен зимски свет, ги маѓепсува посетителите и мами насмевки и прегратки.
Покрај елката, исто така забележителен дел е дрвена висока Божиќна пирамида, која е составена од дрвени кули во неколку нивоа исполнети со божиќни фигури, кои се вртат во круг, како и големото панорамско тркало, кое со божиќните бои, трепкави светла и музика како од бајките, те повикува да се качиш и уживаш во пет минутното возење, уживајќи во глетката.

Нормално, посетата на Божиќниот Маркет не би била посета, доколку не се вкусат локалните специјалитети, кои се многу слични на тие од Прага, како што се: неколкуте видови на колбаси, ставени во мали лепчиња или багети прелиени со пикантен мајонез и кечап, чоколадираните бадеми, вареното овошно, миризливо вино и топлата чоколада со шлаг.
На една од поинтересните тезги во Дрезден правеа сендвичи од колбас долг 50 сантиметри и верувајте, редот за чекање и пробање на овој специјалитет беше навистина многу долг. 🙂

Photo: Sabina Kirilovski

Виена, Австрија
Според предходните истражувања, дознав дека Австрија има многу божиќни пазари. Најпознатиот е на виенскиот Rathausplatz плоштадот пред Градското собрание и се нарекува Wiener Christkindlmarkt.
Според истражувањата, корените на овој пазар датираат од крајот на 18 век, кој се преселил на својата денешна локација во 1975 година. Проценките велат дека бројот на посетителите во претходните години бил над 4 милиони.
Имавме само 3 часа за уживање, кои за жал не беа доволни за да се посетат сите ќошиња и да се вкусат виенските специјалитети.

Photo: Sabina Kirilovski

Првиот воодушевувачки момент беше влезот на маркетот – огромен осветлен црвено зелен венец со огромна црвена осветлена машна на средината, на кој со огромни осветлени букви беше напишано името на маркетот -Wiener Christkindlmarkt.

Photo: Sabina Kirilovski

Големата и светкава елка поставена во центарот со десетици околни тезги кои нудат огромен спектар на сезонски понуди од познатите Австриски брендови за храна и пијалоци.
Најубавото изненадување беше дрвото полно со блескави црвени срца и огромното црвено блескаво срце кое се движеше на сајла до друго дрво, како и осветлените патеки за лизгање на мраз, преполни со млади и стари искусни лизгачи на мраз.

Според истражувањата, Виена го има најстарото панорамско тркало во светот кое сè уште е во функција. Осветлен со бели и динамични светла, на Виенскиот божиќен маркет даваше посебен шарм.

И во Виена, по тезгите се наоѓаа многу од традиционалните божиќни кулинарски понуди, локални варени и миризливи вина, пива, печени костени, разновидни колачи со крем до Fladenbrot (леб со додатоци).
Мирисот на божиќниот пунч е тоа што го правеше атрактивен овој маркет.
Се нудеа два вида на пунч. Првиот беше во комбинација на чај, зачини (цимет, морско оревче и каранфил) и рум или виски и вториот беше верзија на варено вино познато како Glühwein.

Photo: Sabina Kirilovski

Најинтересниот дел од посетата на Божиќните маркети беа брендираните порцелански шолји за вино и топло чоколадо со шлаг во различни бои и божиќни дезени. При порачка на пијалоците, моравме да ги платиме и шолјите и после конзумирање на пијалокот, доколку сакаме да ги вратиме шолјите, ни ги враќаа и парите, но можевме и да си ги задржиме и од друго место да си земеме пијалок без никаков проблем.

Photo: Sabina Kirilovski

Бевме воодушевени од услугата и почитта на сопствениците на тезгите кон муштериите, која беше на многу високо ниво.

Беше тоа вистинска божиќна и кулинарска авантура за двајцата. Божиќната магија си го направи своето.  Дури сега ја разбирам еуфоријата за Божиќ и подготовките околу истата, споделена преку слики и видеа по социјалните мрежи на поголемиот дел на светот кој го прославува католичкиот Божиќ на 24 Декември.

Photo: Sabina Kirilovski

Заминавме дома со насмевки на нашите лица, со исполнети срца, а богами и со некое килце плус, со преку илјада слики и видеа и со многу уникатни спомени од трите најпознати европски божиќни пазари.
И навистина е така како што пее Мајкл Бубле (Michael Bublé) во песната “It’s the most wonderful time of the year”… Декември и целата Божиќна еуфорија е најпрекрасниот период од годината.
Божиќ нè потсетува на она што е најважно во животот – вербата, семејството, хуманоста и солидарноста и нè учи да веруваме во она што не можеме да го видиме – радост и добрина во нашите срца.

Photo: Sabina Kirilovski
Photo: Sabina Kirilovski

Нека новата 2023, ви донесе пред се здравје на Вас и на Вашите најблиски, среќа, убавини, радости, насмевки, мир и спокој и потоа и успеси на секое поле, пари и многу нови авантури и патувања!

И не заборавајте – патувањата се најдобриот начин да стекнете нови искуства. Кога патувате, го збогатувате вашето искуство за животот и светот и постепено учите од секое уникатно искуство што може да ви го промени животот и прошири хоризонтите. Овие искуства ќе ве доведат до интересен и богат живот полн со различни авантури и можности!

Автор на текст, фотографии и видеа: Сабина Кириловски  @sabinna_kirilovski

©patokolusvetot.mk  Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон