Ден пред инагурацијата на новиот претседател на САД – Џо Бајден, погледнете како изгледа внатрешноста на најпознатиот објект во Вашингтон – Белата куќа (White House), која ќе биде дом на Бајден во текот на неговиот претседателски мандат.
Сите ја препознаваме надворешноста на Белата куќа, но како изгледа нејзината внатрешност, какви простории содржи, каде се наоѓа познатата Овална соба? На кој кат живее Претседателот со своето семејство?
Белата куќа е полна со интересни простории, а најпрепознатливиот дел на овој објект не е и нејзин единствен дел.
Белата куќа содржи 3 дела: Резиденцијален дел, Источно крило и Западно крило. Погледнете како се распоредени просториите во трите дела:
Источното крило (East Wing) содржи 2 ката и припаѓа на Првата дама и нејзиниот персонал. Има и театар за гледање филмови, кој најчесто се користи за вежбање на говорите на Претседателот.
Резиденцијалниот дел содржи 4 ката и подрумски простории. Во подрумот се сместени помошните простории. Приземјето содржи: два влеза (Северен и Јужен), Рецепција, Лекарска ординација, Простории за домаќинство, Библиотека, Канцеларија на кураторот на Белата куќа, Просторија на Тајната служба, Кујна, Куглана, Цвеќара, Работилница. На првиот кат се наоѓаат: Црвената соба, Зелената соба и Сината соба – наречени така според боите во кои се обоени, како и простор за социјално дружење и перформанси. На вториот кат се наоѓа фамилијарната резиденција каде што живее Претседателот со неговото семејство и каде меѓу другите простории има и Спална соба на Кралицата (Queens Bedroom) и Спална соба на Линколн (Lincoln Bedroom). Третиот кат е исполнет со простории за релаксирање на Претседателот и неговото семејство, каде се наоѓа и т.н Солариум (Sun Room) од каде има прекрасен поглед на Вашингтон.
Западното крило (West Wing) има 3 ката и во него се наоѓаат канцелариите на Претседателот и неговиот персонал. Тука е и познатата Овална соба и просторијата за прес-конференции, која најчесто се гледа на малите екрани.
Инаку, Белата куќа е градена од 1792 до 1800 година, по проект на ирскиот архитект Џејмс Хобан. Името кое денес го носи го добила во периодот кога претседател на САД бил Френклин Рузвелт.
Може да ја посетите Белата куќа, но барањето за посета мора да се достави преку член на Конгресот, а времето за посета ќе биде определно врз основа на официјалниот распоред на Белата куќа. Посетите се распоредуваат по принципот – прв дојден, прв услужен. Турата за посета е бесплатна.