Најчести места на кои се упатуваат посетителите кога ќе дојдат во Скопје се: Старата чаршија, Кале, Крстот на Водно, Кањонот Матка и Музејот на град Скопје.
Ретко кој го посетил и ретко кој ќе го препорача за посета Аквадуктот во Визбегово, а се наоѓа на само 15-тина минути возење од центарот на градот и навистина е импозантна градба со голема историска вредност, која не треба да се заобиколи. Скопскиот аквадукт – знаменитост на градот и нем сведок на вековните случувања.
Аквадуктот е изграден од тула и камен, долг е 386 метри, висок 6 метри и содржи вкупно 62 столбови. Се уште не е точно одредено неговото време на изградба, па постојат две варијанти – во времето на Јустинијан (527 – 565 год.) или за време на Отоманското Царство (XVI век). Се претпоставува дека за време на Отоманското владеење бил обновен. Заради претпоставката дека е изграден во античкиот период на Римското Царство, овој аквадукт се нарекува и Јустинијанов аквадукт.
Последен пат бил обновен после земјотресот во 1963 година, кога биле обновени три лака и два столба, кои паднале од јачината на земјотресот.
Несомено, треба да биде ставен на мапата на туристички атракции во Скопје, но претходно треба да се заштити и да се поправат штетите кои му ги нанесоа несовесни граѓани минатата година, кога беа откорнати значителни делови од камењата и тулите од долните делови на 10 носечки столбови и го доведоа во опасност од рушење. Ова се посериозните оштетувања на оваа градба, иако може да се забележат и други поситни, но не помалку иритирачки оштетувања – како врежување на имиња и натписи во внатрешноста на лаковите.
Да бидеме сведоци на негова светска промоција во туристичка атракција, наместо сведоци на негово тотално уништување, после толку вековно постоење.
Автор на текст и фотографии: А. Петровска
©patokolusvetot.mk Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон