Веќе се навикнуваме на новата реалност, не знаејќи дали некогаш ќе се вратиме на стариот начин на живот. Но, животот продолжува понатаму, па мора да се прилагодиме на новите правила за заштита од смртоносниот вирус Covid-19.
Особено треба да бидеме внимателни при патувања, да не заборавиме на некои основни мерки за претпазливост во текот на патувањето, но и откако ќе се вратиме дома.
При патување се препорачува рацете да се мијат во секоја можна прилика, а ако немате пристап до вода, тогаш обавезно дезинфицирајте ги со средство за дезинфекција. Колку што е можно избегнувајте допирање на предмети околу вас, како што се: кваки, столици, маси, пултови, шалтери. Веднаш по пристигнување дома – задолжително е темелно миење на рацете.
Кога ќе се вратите од патување превземете ги следните чекори за дезинфекција:
1. Oблеката која сте ја носеле на вас во текот на патувањето – ставете ја за перење и истуширајте се. Потоа и сета облека која ви е спакувана во куферот ставете ја за перење и исперете ја на повисока температура, без разлика дaли сите спакувани парчиња облека сте ги облекле или не.
2. Дезинфицирајте ги сите предмети кои сте ги користеле во текот на патувањето, како: мобилен телефон, пасош, паричник, слушалки, очила и сл. Ова е потребно бидејќи има сознанија дека вирусот може подолго да се задржи на предмети, во зависност од материјалот од кој е изработен предметот – од неколку часови до неколку денови.
3. Дезинфицирајте ги и куферот и рачниот багаж. Пред да го внесете куферот во вашиот дом, дезинфицирајте ги неговите тркалца и рачките за носење. Можете да го дезинфицирате и целиот куфер или да го оставите на некое сигурно место за да отстои одреден период. Истото важи и за рачниот багаж – ранец или торба, кој обично се става на ризични површини, кои ги допираат многу луѓе во текот на еден ден.
Со овие неколку едноставни постапки после патување може да избегнете ризик од контакт со вирусот и други бактерии, за кои постои опасност да ги има на прометни места како што се: аеродомите, автобуските и железничките станици и бензинските пумпи.
Корисни совети како да останете безбедни и заштитени од Covid-19 во хотел, прочитајте на линкот:
Како безбедно да престојувате во хотел за време на пандемија