Трпејца или македонското Сент Тропе е едно од најпознатите туристички места за кое што со сигурност може да се каже дека ги поседува најспектакуларните зајдисонца во Македонија. Се наоѓа на 18 км од центарот на Охрид и е една од топ македонските дестинации за сите генерации. Ова е едно од местата кои мора да се посетат кога сте во Охрид.

Има 300 активни жители во текот на целата година и дупло повеќе гости во текот на летната сезона, посебно за викендите. На секоја куќа може да се видат табли за издавање на соби или апартмани. Најбарани се тие што се наоѓаат во првиот ред покрај езерото, на самата плажа. Повеќето од сместувачките капацитети се и “pet friendly”, односно дозволуваат да се сместите со домашен миленик, па ние овој одмор уживавме заедно со Луна – нашето куче, кое својот прв роденден го прослави на плажа во Трпејца.

Прв пат ја запознав Трпејца пред 8 години и беше љубов на прв поглед. Од тогаш ја посетувам при секое мое доаѓање во Охрид. Оваа година решивме со сопругот да се одмориме неколку дена токму во Трпејца. Резервиравме апартман на самата плажа и се одлучивме тоа да биде во текот на работната недела, од понеделник до петок, надевајќи се дека ќе ја избегнеме гужвата за викенд и ќе се одмориме, но згрешивме. Трпејца беше преполна буквално секој ден. Изненадувачки беше колку самите гости ги почитуваа мерките за заштита од пренесување на корона вирусот и одржување на растојание од 2 метри.

Кога пристигнавме бевме воодушевени. Глетката не’ остави со подотворени усти. И покрај тоа што моравме да се симнеме по стрмните скали со по два куфера, наеднаш тој умор го снема. Тиркизно сината боја на езерото која беше ишарана со сончевите зраци не’ заслепи. Звукот на брановите кои се одбиваа од белите камења, во комбинација со ветренцето и звуците на неуморните штурци беше како приспивнa песна. И знаев дека ќе биде еден од поубавите одмори.

Вториот ден решивме да прошетаме по околните стрмни, тесни и неасфалтирани улички и да откриеме скриени ќошиња. По неколкуминутно искачување, стигнавме до една полјана со само една клупа. Погледот беше фасцинантен. Ја имавме цела Трпејца на дланка. Зајдисонцето беше едно од поспектакуларните што ги имав видено во мојот живот. Мислам дека направив повеќе од 100-тина фотографии. Скокав и се радував како мало девојче.

Трпејца изобилува со повеќе мали и скриени диви плажички. Во наредните неколку дена решивме да ги истражиме. Плажите беа долги по неколку метри. Помеѓу нив се наоѓаат карпи кои мора да се прескокнат за да се стигне до наредната дива плажа. Патиките се задолжителни. Има и плажи до кои единствен начин да се стигне е преку вода, која е длабока и до еден метар. Дури и на тие вешто скриени плажички, можеше да се сретнат посетители. Тогаш сфатив дека во Трпејца не постои место каде што можеш да бидеш сам. Тоа кажува дека Трпејца е позната и доста посакувана и посетувана македонска дестинација.

Во Трпејца секоја година се одржува манифестација “На Зајдисонце”. Оваа година ќе биде деветто издание и ќе започне на 20 јули, а ќе трае до 29 јули. Според мештаните, ќе се понуди разновидна културно – забавна содржина: изложби, концерти, промоции. Очекуваат посетеност како и во предходните години.

За жал, нашиот одмор заврши пред 20 јули, но се надевам дека следната година ќе ја запишеме оваа манифестација во нашата агенда.

 

Автор на текст и фотографии: Сабина Кириловски

©patokolusvetot.mk  Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон