Мачу Пикчу или ,,Светиот Град на Инките“ е едно од седумте светски чуда. Изграден е во 15 век на 2.430 метри надморска височина на Андите. Век подоцна е напуштен. Сместен во планините никогаш не бил пронајден од Шпанските освојувачи и затоа претставува вистинска слика на древната цивилизација на Инките.
Прв пат е откриен на светот во 1911 од археологот Хирам Бингхам. Главни градби во наоѓалиштето се Интихуатана, Храмот на сонцето и Собата на три прозорци кои го формираат таканаречениот „ свет округ“ . И тоа е се што треба да знаете за Мачу…
Иако е на другата страна на светот, со добар план и навремени активности, Мачу Пикчу е достапен. Со мојата пријателка-имењачка Дана патувањето го испланиравме неколку месеци однапред. Шпанскиот авиопревозник “Iberia” можеби не нуди најдобра услуга, но продава релативно евтини карти за јужно американскиот континент.
Градот Куско е почетна точка за сите туристи. До Мачу има 80 километри и се стига со сите превозни средства, па дури и со пешачење низ планините за оние најспортски типови.
Поради тоа што сакавме да видиме повеќе локалитети од Светата земја на Инките, од Куско наша прва станица беше градот Олантајтамбо, па од таму со воз кон Мачу Пикчу. Патувањето со воз трае скоро два часа и е незаборавно искуство. Тоа е модерен, панорамски воз за експедиции со стаклен кров, уреден во Инка стил. Од него може да уживате во природните убавини на долината на Инките, јадејќи колач од киноа или печени пченки што ги служат во возот. ( https://www.perurail.com)
Единствена причина зошто доаѓаат туристи во градот Агуас Калиентес или во превод ,,топли бањи“ е заради самиот локалитет. Мачу Пикчу се наоѓа на 15 минути со автобус од градот и е лесно пристапен.
Но, доколку сакате панорамска глетка и добри фотографии, ќе мора да се качите на една од двете планинини, Хуајна Пикчу или Мачу Пикчу. Првата бара да си поспремен бидејќи треба се качувате по вертикални тесни скалила. Ние се качивме на Мачу Пикчу планината на која е исто мачно како да се качуваш од Средно Водно до Крстот по Цветкова патека. Од горе глетката е прекрасна, качени на врв на Андите, локалитетот е голем колку една дланка. Беше тешко да се направат добри фотографии затоа што постојано имаше облаци кои ветерот ги раздувуваше и доаѓаа нови.
На Мачу го поминавме целиот ден, изморени и среќни се вративме во градот . Во градчето има топли бањи коишто можеби и не се најдобрите во Перу, но после планинарењето добро им доаѓаат на планинарите. Ние се почастиме со ,,инкина“ масажа која ни ги опушти воспалените мускули.
Картите за влез во локалитетот не се купуваат на лице место. Најевтини влезници се продаваат онлајн на страната на Министерството на култура на Перу. (http://www.machupicchu.gob.pe). Препорачливо е да ги купите неколку месеци однапред заради ограничениот број на туристи на дневно ниво. На сајтот има три вида на карти. За да го разгледате локалитетот и да се качите на планината Мачу Пикчу цената е 60 долари. Испринтаната потврда од веб сајтот за вистинска карта може да ја замените во канцелариите на министерството кои ги има во Агуас Калиентес, но и во Куско и Лима. На влезот на Мачу Пикчу мора да го покажете вашиот пасош заедно со картата.
Мачу Пикчу е најубаво да го посетите во периодот април- мај или октомври. Најмногу туристи има во јуни, јули и септември кога нема врнежи. Ние го посетивме во март и времето беше променливо. Мора да понесете планинарски обувки, ветровка, дождовен мантил. Бидејќи е опкружен од џунгла, исто така понесете и млеко за сончање, наочари за сонце и средство против комарци.
Многу сум горда на печатот од „државата“ Мачу што го имам во пасошот. Ми се исполнија детските соништа . Но, дали тоа беше ,, хајлајтот“ на нашето патување во Јужна Америка, во некое наредно пишување.
Автор на текст и фотографии: Дана Милошевска
©patokolusvetot.mk Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон