Photo: Darko Onosimoski

На 22 км оддалечено од градот Тетово, во правец кон граничниот премин Јажинце, се наоѓа живописното селото Вратница. Лоцирано во подножјето на националниот парк Шар Планина, на надморска височина од 670-760 метри, селото има одлична географска местоположба, а Вратничката природа изобилува со многу лековити билки, печурки, чаеви кои ветерот ги распрашува како мелем.

Природата, панорамскиот поглед на дел од Полошката котлина, чистиот воздух, микроклимата и мирот, никого нема да остават рамнодушен во Вратница.

Photo: Darko Onosimoski

Од височините на Шар планина течат Ливадичка и Љуботенска река, кои се спојуваат и ја формираат планинска река Раките или Вратничка река. Оваа река поминува покрај селото Вратница и го гради големиот кањон, кој преставува една од многуте природни атракции во селото. Над самото село погледот допира до еден од најмаркантните планински врвови на оваа планина – врвот Љуботен.

Photo: Darko Onosimoski

Во поширокиот атар на селото, во рамничарскиот дел, се наоѓа малку познатото Вратничко езеро, познато и како Голина.  Пејзажот е уникатен особено кога во чистата вода се гледа отсјајот на шарпланинските врвови. До езерото води одлична патека која Вратничани ја користат за рекреација. При пристигнувањето тука, убаво ќе се одморите од секојдневните обврски и ќе ги наполните батериите за следни предизвици.

Photo: Darko Onosimoski

Според настанувањето, езерото спаѓа во групата на вештачки езера. Најголема популарност има помеѓу риболовците и локалното население, кои за време на викендите доаѓаат да се дружат и квалитетно да го поминат времето тука. До езерото се стигнува низ патека обрасната со убави шуми, а по патеката од левата страна пред езертото се наоѓа манастир посветен на Св. Константин и Елена.

Photo: Darko Onosimoski

Околу манастирот се наоѓаат неколку ледниковци и тука може да се направи кратка пауза пред да стигнете до езерото. Нема дилема дека ова езеро преставува голем туристички потенцијал за Вратница, а во минатото постоело иницијатива и идеи за отварање на неколку угостителски објекти околу езерото, но за жал таква идеја се уште не е реализирана… Можеби во иднина ќе се оствари планот од страна на жителите од селото.

Photo: Darko Onosimoski

Во долниот дел на селото во непосредна близина до Вратничкото езеро се наоѓа манастирот Св. Константин и Елена. Храмот е обновен на стари темели од 12-от век. Според пишани податоци и стариот храм бил изграден на уште постари темели кои потекнуваат од 6-от век.

Photo: Darko Onosimoski

Туристичките вредности во селото се збогатени со неколку угостителско – сместувачки објекти. За туристите кои сакаат да уживаат во пријатна атмосфера со традиционална македонска музика, да вкусат стари и локални специјалитет, на располагање стои етно куќата “Чорбаџиски Ан.”

Photo: Darko Onosimoski

Во близина на Вратница, во подножјето на Шар Планина се наоѓа излетничкото место Сенокос. Ако не сакате да риболовите на Вратничкото езеро или да правите скара со вашите пријатели, тогаш излетничкото место Сенокос е пријатно место за рекреација и уживање во уникатни пејзажи. Ова место најчесто го посетуваат рекретивци и планинари кои сакаат да уживаат во убавините на ова парче од масивот на Шар Планина. Во месноста Сенокос постои мала локва која населението ја нарекуваат езеце и мала планинарска куќичка. Навистина, сликата околку планинарската куќа веднаш до самото езерце е бајковита. Тука може да се направи пауза или да се поминат неколку часа во спокојството на недопрената убавина, преубавиот планински воздух и незамeнливите пејзажи.

Photo: Darko Onosimoski

Оние пак кои имаат повеќе кондиција, може да се упатат до каменестите кукли (кулуарите) каде над местото Сенокос во минатото се случила трагедија. Во август 1944 година, американски воен бомбардер наречен ,,Наша љубов” бил тешко оштетен од напријателот и се урнал кај месноста Камче, над селото Вратница, додека се враќал во својата база во Италија од мисија над Романија. Жителите на Вратница веднаш се упатиле кон урнатиот авион за да им помогнат на повредените и спасиле тројца преживеани од заробеништво од бугарските војници.

Photo: Darko Onosimoski

Нема дилема дека селото Вратница располага со атрактивни рекреативни елементи кои овозможуваат развој на повеќе видови туризам. Со посетата на Вратница ќе имате позитивни импресии кои ќе ве привлечат повторно да се навраќате на ова парче убавина лоцирано во нашата убава земја.

Автор на текст и фотографии: Проф. Дарко Оносимоски

©patokolusvetot.mk  Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон