Реномираниот британски магазин The Times објави интересен текст за нашиот главен град, поттикнувајќи ги своите читатели да го посетат Скопје бидејќи е
“совршена дестинација, место што не сте ни свесни дека ви е потребно да го посетите”.
Евтиниот балкански град совршен за пролетна посета е на само три часа оддалеченост со директни летови од Лондон, место за фасцинантен, достапен и сосема поинаков вид на одмор. Просперитетна кафе-култура, растечкиот број на буџи барови (повеќето специјализирани за сè попопуларни македонски вина), блескавите нови трговски центри и безброј музеи, сето тоа придонесува за ефектот.
Скопје се протега во планинска долина, пресечен на половина со реката Вардар. Поради земјотреси, градот морал да се обновува повеќе пати, а тоа придонело да се создаде спој во архитектурата, каде фантастичните вештачки неокласични градби си ги тријат рамениците со градбите во модернистички и бруталистички стил, како и големи статуи кои го делат мислењето на јавноста.
Окупирано од амбициозни империи со векови, и дел од поранешна Југославија, Скопје било витална трговска станица на Балканот. Денес, градот кој е родното место на Мајка Тереза, е калеидоскоп на етникуми, религии и традиции, со минариња кои се издигнуваат под крстот кој се наоѓа на врвот од планината Водно, пишува The Times.
The Times дава и предлог како да поминете два дена во Скопје:
Прв ден:
Наутро: Градски музеј во старата железничка станица
Ручек: „Пелистер“
Попладне: Тврдина Кале
Јадете во: „Скопски мерак“
Вечер: Река Вардар/Градски парк
Пијте во: Ракија бар „Калдрма“
Втор ден:
Наутро: Кањон Матка
Ручек: Хотел и ресторан „Кањон Матка“
Попладне: Жичница до планината Водно
Пијте во: „Балкан корнер“ во Стара чаршија
Вечер: Национална галерија на Македонија
Вечера: „Соул кичен“
И поопширен предлог што да пoсетите додека сте во Скопје:
Посетете го Градскиот музеј во старата железничка станица, каде што часовниците сè уште го паметат разорниот земјотрес што се случи во 5:17 часот наутро на 26 јули 1963 година.
Поминете до Музејот на македонската борба каде се наоѓаат восочни фигури кои го опишуваат патот на земјата до независноста, а потоа разгледајте ги блескавите наоди во Археолошкиот музеј.
Посетете ја тврдината Кале за да ја почувствувате историјата под вашите нозе и да прошетате низ внатрешните ѕидини, од каде има одличен поглед на големиот град.
Ѕирнете во блиската Мустафа-пашина џамија од 15-от век, најголемата во Скопје, па спуштете се во Старата чаршија, каде ќе најдете кафулиња во тесните улички и продавници од кои светкаат фини филиграни.
Тргнете во спротивна насока на течението на реката Вардар за да стигнете до Градскиот парк, место со бројни дрвореди, мостови и водни површини кои минуваат низ најголемиот јавен парк во Македонија.
Упатете се кон прекрасниот кањон Матка со вештачкото езеро, длабоки пештери и средновековни манастири. Изнајмете кајак за веслање или тргнете со чамец да ги видите пештерите полни со сталактити, или движете се цик-цак по патеката вдлабена во карпите. Тргнете со автобусот број 60 од станица или возете се околу 30 минути со такси за околу 1.000 денари во еден правец.
Качете се во автобусот број 25 и стигнете до жичарата на планината Водно, од каде за кратко ќе стигнете со гондола до врвот. Таму, на 1.066m, во сенката на Милениумскиот крст, пешачете по патеките или уживајте во погледот на градот од птичја перспектива.
Ѕирнете во амамот од 15-тиот век во кој сега се наоѓа Националната галерија на Македонија. Додека нејзината современа колекција ги прикажува делата на најпознатите уметници во земјата, сепак, во оваа поранешна бања, шоуто го крадат впечатливите варосани ѕидови, камените засводени тавани и куполите, наведува во подеталниот опис The Times.
За сите кои сакаат да го посетат Скопје, магазинот наведува дека Wizz Air има директни летови до Скопје, три пати неделно од аеродромот Лутон, а летовите траат три часа. Од Меѓународниот аеродром Скопје до центарот на градот може да стигнете со шатл-бус кој чини 3 фунти или такси кое чини околу 13 фунти, завршува The Times.