Јужни вибрации. Светлина, бои и природа. Добро утро.

Пролетта во Јужна Македонија е великодушна, особено во Мај.

Дојран исконски. Рибари – татко и син. Мирен и скромен живот на малото, старо езеро на само 70 километри оддалеченост од големото синило на Егејското море.

Риболовот е доста популарен во Дојран и може да наидете на луѓе кои седат на доковите во текот на целата година. Тоа се старите традиционални методи на риболов што го прават Дојран уникатен. Додека возите на крајбрежјето што води кон стариот дел на градот, ќе забележите мали колиби во езерото направени од слама. Колибите се користат за фаќање риби со помош на локалните птици – корморани, кои ја носат рибата кон сламата за да се хранат. Сосема генијален начин и вековно стара техника, опишана од Херодот.

Видиковци во Валандово. Стратешки расфрлени низ брдото над Валандово, прекрасен пејзаж. Валандовски Шигеру Бан (Shigeru Ban), пријатно изненадување, дознавме дека се дело на млад Валандовски архитект. Доказ дека и во Македонија може да се изгради нешто модерно, а скромно и шармантно. Младите Валандовци сигурно ќе ги користат до максимум.

За крај на денот – слатко од диви смокви, таен рецепт на стара Дојранчанка. Експлозија на вкус од медитеранот.

Поттик за повторна средба со питомиот народ и пријатната клима.

 

Автор на текст и фотографии: Роберт Смилески

©patokolusvetot.mk  Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон