Со започнување на пандемијата од Covid-19 патувањето стана многу отежнато, па дури и невозможно. Но, како одминува времето, полека државите во светот се отвараат за посетители и тоа многу претпазливо со превземање на различни заштитни мерки.
Па така, аеродромот Heathrow во Лондон започна пробно тестирање на брз тест за овој вирус, кој ќе треба да го замени 14-дневниот карантинот, кој е задолжителен за сите патници кои влегуваат во Обединетото Кралство. Тестот се прави со холографски микроскоп и дава резултати за само 20 секунди.
Се врши тестирање и на уште два други теста – со брис од грло, кој дава резултат за 30 минути и тест на база на плунка, кој дава резултат за 10 минути. Сите три теста се во пробна фаза и аеродромот Heathrow ги работи во соработка со Оксфордскиот универзитет и Универзитетот во Манчестер.
Ако овие тестови бидат успешни, би чинеле околу 30 фунти. Засега, на овој аеродром има можност да изработите PCR тест кој чини 150 фунти.
Извршниот директор на Heathrow, John Holland-Kaye за Telegraph изјави: “Tестирањето мора да го врати авиосообраќајот на Обединетотo Кралство на нозе. Ако може да обезбедиме добар тест и да добиеме резултати за неколку минути, тогаш тој се исплати и треба да добие зелено светло од Владата.”