Photo: A.Petrovska

Во непосредна близина на Скопје, скриен меѓу бујна вегетација, издигнат над реката Пчиња се наоѓа овој адреналински, пешачки мост. Мостот го спојува селото Кожле со автопатот “Пријателство”, а се наоѓа помеѓу Скопје и Велес или поточно – ова се неговите координати: 41.828532 , 21.686737.

Photo: A. Petrovska

Мостот е изграден со дрвен под и е оптегнат на челични сајли, па потребно е стабилно чекорење по него, бидејќи се ниша на секое движење. Помалку храбрите ќе треба да соберат храброст за да зачекорат по него, па адреналинското доживување е загарантирано.

На табла пред мостот стои дека е изграден во 2012 година од страна на Стојан Трајановски со фамилијата од село Инџиково, па мостот е крстен “Стојанов мост”.

Мостот е релативно нов и ретко кој го знае, но навистина заслужува да се посети, да се помине од едната на другата страна на Пчиња и да се ужива во недопрената природа во овој дел на нашата убава Македонија.

Photo: A.Petrovska

Во селото Кожле може да ја посетите и црквата “Вознесение Христово”, изградена во 1847 година, во чиј двор е погребан македонскиот книжевник Гане Тодоровски. А, во непосредна близина на Кожле, оддалечена околу 1,6 км се наоѓа тврдината Маркови Кули, која датира од средниот век.

Photo: A.Petrovska

Одвојте едно претпладне и посетете ги овие помалку експонирани македонски знаменитости.

Автор на текст и фотографии: А. Петровска

©patokolusvetot.mk  Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон