Сите со нетрпение го очекуваме летниот одмор, зимските празници и споените викенди , за да одмориме од секојдневните обврски и да прошетаме до некое ново место, кое ќе ни ги наполни батериите и од каде ќе се вратиме освежени и спремни за нови работни предизвици.
Одморите ни го разбиструваат умот и ни помагаат кога треба да донесеме важни одлуки. Неколку слободни денови во текот на годината значително го подобруваат расположението и не’ држат подалеку од вирусни инфекции.
Исто така, патувањето:
- Го продолжува животот – Го намалува стресот, холестеролот и хипертензијата. Па така, ако сакате да доживеете 100-ка, патувајте на различни дестинации на секои два до три месеци.
- Ја зголемува енергијата – Заради недостаток на одмор и премногу дневни обврски, се почест е проблемот на хроничен замор. Патувањето ни овозможува да се одмориме и да се вратиме со повеќе виталност на секојдневието.
- Ја зголемува креативноста – Ако одреден период ви е тешко да го дадете најдоброто од вас на работното место, ако не можете да смислите некое креативно решение и не можете да донесете добри одлуки – тогаш ви е време за одмор.
Позитивниот ефект од патувањето трае и подолго од месец дена по враќањето дома. Затоа, не мора да ги чекате одморите од по неколку недели, корисни се и пократкотрајни, добро распоредени одмори. На овој начин промената не е многу драстична, под помал стрес сме и е добар начин да се избегне постпразничната депресија.