Сплет од италијанската, грчката и турската култура, тиркизно море, гратче како од бајка, сместено во залив, колоритни куќи – амфитеатрално изградени по падините на планината кои овозможуваат совршен поглед кон морето. Гратчето е сместено на крајбрежјето на северозападна Грција, помеѓу Превеза и Игуменица – Парга.

Со самото спуштање кон центарот на градот останав без здив од неговата убавина. Ме плени на прв поглед. Шарените куќи, тврдината која гордо се издига над самиот град, тиркизното Јонско Море, едноставно совршено. Парга е место за да си ја одмориш душата и да се наполниш со убавина.

Градот има посебeн шарм кога се шета – и преку ден и навечер. Најубав дел од денот, покрај лежењето на плажа и читање книга, беше оној кога со пивото во рака трчав по угорницата која води кон замокот за да го гледам убавото зајдисонце. Замокот се наоѓа на врвот на рид, со поглед кон градот од лево и десно, а напред кон морето. Првично е изграден во 11 век од страна на жителите на Парга за да се заштитат од нападите на пиратите и Турците.

Од десната страна на замокот има патче кое води кон една од најубавите плажи – Valtos. Едноставно мора да се впуштите во таа авантура. Карактеристични за Парга се и плажите: Kryoneri, Piso Kryoneri, Lichnos, Sarakiniko и Ai Giannaki. Секоја од нив е убава на свој начин. Би ја издвоила градската плажа, која се наоѓа во самиот центар на градот – Kryoneri, бидејќи на многу кратко растојание, околу 5 минути со пливање од брегот, се наоѓа малиот остров на Дева Марија на кој има и мала црквичка.

На шеталиштето, одејќи кон замокот, се наоѓа едно интересно, навидум нормално ресторанче – “Зорбас”. Вредно е да се посети, а зашто, не ви откривам, нека биде изненадување за тој што ќе го посети. Сите кафулиња се одлични за коктелче или пивце во вечерните часови, јас најмогу сакав да седам на чергичките со фенерчињата покрај самото пристаниште и да го гледам замокот. Омилено кафуле ми беше IL Posto. Доколку сакате поглед на целиот град, на патот кон замокот скоро во секоја од куќите има ресторанчиња или кафулиња со убави тераси.

Да бидам искрена, кога го разгледував местото на слики и кога го проучував, a тоа го правам за секое место, не очекував дека толку многу ќе ми се допадне. Со душа чекам пак да го осетам духот на градот. Жителите пријатни и топли, секогаш желни за разговор со туристите. Има бродчиња кои водат до Пахос, Анти Пахос и Плавите Пештери. Мој совет е доколку сакате да одите на ваква еднодневна екскурзија, на време да си резервирате место, бидејќи голема е можноста да биде се резервирано и две недели однапред.

Доколку ве пленат места со богата историја, интересни улички кои кријат многу тајни, тиркизно море и егзотични плажи, топло ви ја препорачувам Паргa. Нема да згрешите доколку решите да го поминете летниот одмор или викендот во ова гратче. Убав помин!

 

Автор : Ц.С

Сите нејзини нови авантури може да ги следите на инстаграм профилот:

https://instagram.com/caci.vader.yordan?igshid=17jisy5nmyhw5

 

Во рубриката СПОДЕЛИ ДОЖИВУВАЊА сме отворени за споделување на авторски текстови на наши читатели кои сакаат да споделат впечатоци од нивна посета на место кое им оставило посебен впечаток, при што во објавениот текст – по желба на авторот на текстот , се објавува неговиот Инстаграм профил , на кој може да се следат сите негови наредни патувања.

©patokolusvetot.mk  Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон