Уште пред да тргнам на пат за Куба, хит песната “Havana” од моменталната светска атракција Камила Кабело, не ми излегуваше од глава и ми беше ставена на Repeat. И еве, ја слушам и сега додека се возам во олдтајмер, стар повеќе од 50 години, на пат од Варадеро кон Хавана, повремено прекината од нашиот водич и возач, кој попатно ни кажува по некоја интересна информација за местата кои ги проаѓаме и така постепено не’ подготвува за Хавана…

Хавана, главниот град на Куба сместена само на 150 км од западниот брег на Флорида, со околу 2,2 милиони жители е најголем град на Карипскиот брег. Светски позната  туристичка дестинација, место на богато културно, историско и архитектонско наследство, дом на традиционално производство на цигари и рум.

По нешто повеќе од два часа возење во удобниот олдтајмер, пристигнавме во Хавана и прво нешто што го посетивме беше Плоштадот на револуцијата, за да го поздравиме Че Гевара. Иако е топол априлски ден и не може да се најде ниту една сенка, плоштадот со сите негови сегменти заслужува да се испочитува.

Plaza De La Revolution (Плоштадот на Револуцијата)

Претставува еден од најголемите градски плоштади во светот.  До 1959 познат под името Plaza Civica, но по Кубанската револуција, Фидел Кастро го преименувал во Plaza De La Revolution, каде редовно ги држел своите говори пред  илјадници Кубанци.

Плоштадот е заокружен со сиви згради во кои е сместена кубанската администрација од повеќе министерства.  Главен сегмент е споменикот на Jose Marti, предводник на револуцијата.  Но, најголемиот и најпознат портрет на револуционерниот херој Че Гевара се наоѓа токму тука на источната фасада на Министерството за внатрешни работи. Портретот е всушност контури на ликот,  изработен од железо и поставен на сивата фасада, надополнет со познатите зборови на Че:“ Hasta La Victoria Siempre ” (“До победа секогаш”).  Во 2009 година муралот на Че Гевара добил свој сопатник, тоа е портретот на Camilo Cienfuegos, под чиј портрет стои “Va Bien, Fidel” (“Се е добро, Фидел”),  поставен спроти портретот на Че на сивата фасада на зградата на Телекомуникациите на Куба. Популарниот Ел команданте многу го почитувал Камило , па дури и името на својот син му го дал по него.

По посетата на плоштадот, решивме да испиеме кафе и да одмориме во сенките на градината на популарниот хотел “Национал”.

Hotel Nacional de Cuba (Хотел “Национал”)

“Национал” не е само обичен хотел, тој е историјата на Куба. Хотелот е изграден во 1930 година и е дизајниран од архитектонска фирма McKim, Mead & White. Постојат податоци дека Хотелот Национал е финансиран од најпознатите американски мафијаши во тоа време Лаки Лучијано и Мејер Ленски, за да таму одржуваат состаноци подалеку од очите на ФБИ. Подоцна бил прибежиште за забава на комплетната американска мафија во тоа време. Па така, негови најпознати гости меѓу останатите се Гери Купер и Еролд Флин во 1930-тите години, Фред Астаир и Рита Хејворт во 1940-тите, и Марлон Брандо, Френк Синатра, Ава Гарднер и Волт Дизни во 1950 година. По Кубанската револуција во 1959 година, хотелот го посетиле гости и пријатели на револуцијата,  како и Јури Гагарин, првиот човек во вселената и писателот Габриел Гарсија Маркез. Во 1979 година хотелот е домаќин на кино фестивал при што го посетиле и Стивен Спилберг, Дани Гловер, Френсис Форд Копола, Мајкл Китон. Голем дел од собите се именувани по нивните најпознати посетители. Во хотелот се сместувале и голем број дипломати и светски лидери, меѓу кои и рускиот претседател Владимир Путин, британскиот премиер Винстон Черчил, боливискиот претседател Ево Моралес, поранешниот ирански претседател Махмуд Ахмадинеџад и кинескиот претседател Си Џијапинг, поранешниот американски претседател Џими Картер.

На привилегирана локација среде Ведадо, центарот на Хавана, на само неколку метри од  морето, нуди убав поглед на морскиот брег и градот. Со својата историја и убава архитектура, хотелот и денес е магнет за многу туристи, за престој или само за разгледување и уживање во неговите градини. Се уверивме во љубезноста на персоналот при кратката пауза за кафе, каде успеавме барем на кратко да поуживаме во зеленилото и убавиот поглед кон морето, а потоа купивме неколку разгледници кои ги пополнивме со топли поздрави од Хавана и ги испративме со надеж дека ќе стигнат до примачите.

Време е да ја посетиме Стара Хавана каде се наоѓаат најавтентичните и најколоритните објекти и да го почувствуваме духот на староседелците.  Олд тајмери во најразлични јаки бои, наредени еден до друг како на изложба, чекаат туристи за да ги повозат низ Хавана на променадата Paseo del Prado. Секако, не може да ги одминеш, а да не им се восхитиш и да направиш безброј убави фотографии. На оваа променада се наоѓа El Capitolio, кој несомнено ќе ве потсети на друг објект…

  • El Capitolio (Зградата на парламентот на Куба)

Изградена во периодот од 1926 до 1929 година по нарачка на кубанскиот претседател Герардо Мачадо, а по проект и изведба на архитектите Евгенијо Раниери и Раул Отеро. Пред Кубанската револуција во 1959, во оваа зграда бил сместен Кубанскиот парламент, но потоа од страна на Фидел Кастро бил преместен од таму( пред се заради неговиот изглед ). Најпознат детал од Националанта зграда е најголемата статуа во свет во еден објект, а тоа е Статуата на Републиката. Статуата на Републиката  е всушност фигура на една млада жена која стои, облечена во туника, со шлем, штит и лента е сместена во срцето на Националанта зграда и има висина од 14,60 метри , тешка е 30 тони, поставена е на мермерна основа  висока 2,5 метри. Дело е на скулпторот Анџело Занели. После Будата на Нара во Јапонија и Кипот на Абрахам Линколн во САД, ова е третата по големина статуа и атракција за секој посетител на Хавана. Зградата за која  се тврди дека е копија на американскиот Капитол , кубанската влада реши од 2013 да ја реновира и повторно таму да го врати кубанскиот парламент.

  • Old Havana (Стара Хавана)

Стара Хавана со преку 3000 стари згради, недопрени со векови, разнобојни фасади, со свој посебен начин на живот на Кубанците, на живот специфичен за карипскиот менталитет,  е заштитена од УНЕСКО во 1982 година. Влијанијата на различни стилови и култури се видливи од шпанската, италијанската, грчката и римската архитектура. Манастирот Санта Клара е добар пример за шпански стил, Катедралата Хавана која доминира во Плаза де ла Катедрал, е најдобриот пример за кубанскиот барок.

  • Catedral de San Kristobal (Катедрала Хавана)

Изградена е помеѓу 1748-1777, се наоѓа на плоштадот Plaza de La Catedral, на просторот помеѓу Сан Игнасио и Меркадерес.  Таа е седиште на римокатоличката црква во Куба. Ширум светот најпозната е по тоа што посмртните останки на Кристофер Колумбо биле чувани во оваа катедрала помеѓу  1796 и 1898 година. Во 1898 година по кубанската војна за независност посмртните останки биле вратени во Шпанија. Предната фасада од катедралата е барокна со асиметрични камбани. Архитектонските детали на фасадата се слични на оние на  „Сан Карлос“ и „Сан Амброзио“, кои се е дел од истиот комплекс. Катедралата содржи голем број скулптури, слики и фрески , од кои се издвојува скулптурата на Свети Кристофер направена од Мартин де Аџеран од Севиља. Над олтарот се наоѓаат три избледени фрески од италијанскиот уметник Џузепе Перовани и тоа Испорака на Клучеви, Последната вечера и Вознесението Исусово.

Најпознати објекти кои се дел од Стара Хавана, а треба да се посетат се: Националната зграда Ел Капитолио, Форталеца Сан Карлос , тврдина на источната страна на брегот на Хавана со ѕидини во препознатлив кубански стил, Гран Театро де Ла Хавана големиот театар во Хавана познат по претставите на Кубански Национален Балет, Музеј на револуцијата, како и двете тврдини Кастиљо де ла реал Фуерза и Де ла Фунта на северната страна и на западната страна од брегот и секако најпознатите барови на Хавана.

Околу овие објекти, голем број делумно распаднати од времето, може да се забележат деца како играат безбол или фудбал, стари луѓе испоседнати на крајот на тротоарите со пури во рацете, гитари, нагласено викање при разговор, но сите расположени да ве упатат ако се двоумите каде треба да се движите. Овде може да пробате кубанска храна, да уживате навечер во звуците на салса, да пушите најквалитетни пури и да испиете чашка од најдобриот рум во светот. Секоја уличка, плоштадче, бар, ресторанче во Стара Хавана има своја приказна. А, типични корпулентни Кубанки, облечени во традиционална облека, ќе ве ловат да се фотографирате со нив, за пари секако, но вреди за споменот кој ќе го имате.

Мора да го посетиме и едно од омилените места на Хемингвеј и да пробаме од најпознатото мохито на целиот свет , во La Bodeguita Del Medio.

  • La Bodeguita Del Medio

Ресторан од овој ланец имаше до пред некоја година и кај нас, во центарот на Скопје на кејот на реката Вардар. Зебележавме дека ентериерот на македонскиот La Bodeguita беше сосема испочитуван како кај оригиналниот ресторан. До 1942 година овој објект бил продавница за сувенири, но неговиот сопственик Ангел Мартинез започнал да готви и храна , па така објектот се пренаменил во ресторан. А, откако познатиот новинар Гарсија на еден од ѕидовите го напишал своето име, тој пример почнале да го следат и многу други познати личности како Пабло Неруда, Агустин Лара, Брижит Бардо, Игнасио ’Бола де Ниве’ Вила, Ернест Хемингвеј и Салвадор Аленде. Се бара маса плус или со малку среќа да фатите место на шанкот и искусниот шанкер пред вас да ви го спреми Мохитото.

Гужва е од туристи од цел свет, но традицијата и името La Bodeguita едноставно не ви дозволува да го одминете овој мал угостителски објект на два ката, да испиете чаша од најпознатото мохито во Куба, можеби и да запалите една, две квалитетни пури, да слушнете во живо кубанска музика и секако да напишете порака на било кое место на внатрешните ѕидови. Верувајте, ова искуство е незаборавно, потребно е да се доживее оваа атмосфера, фотографиите не можат да ја доловат.

За да не се одмине бурното кубанско минато и познатите ликови од револуцијата, како и други истакнати кубанци , тука е Музејот на револуцијата, полн со информации и предмети од историјата на Куба.

Museo de la Revolución ( Музеј на револуцијата )

Сместен е во стариот дел на Хавана, како дел од претседателската палата на сите кубански претседатели до сега, од  Марио Гарсија Менокал до Фулгенсио Батиста. Прогласен е за музеј веднаш по револуцијата во 1959. Кубанската историја која е носител на музејот во голема мерка е посветена на периодот на револуционерната војна од 1950-тите и историјата на земјата по 1959 година. Делови од музејот се посветени и на предреволуционерната Куба, вклучувајќи ја и војната за независност од 1895-1898 година водена против Шпанија. Самата палата каде е сместен Музејот на револуцијата е дело на архитектите Радолфо Марури и Пол Белау,  по нарачка на тогашниот кубански претседател Марио Грасија Менокал во 1920 година.Зградата е важен дел од постреволуционерната кубанска историја. По триумфот на Револуцијата, од 1959 до 1965 година, во зградата биле сместени и Владата и Советот на министри, а во 1965 година, во сè уште претседателскиот дворец е формиран Централниот комитет на Комунистичката партија на Куба. Во 1974 година објектот станува музеј посветен на Кубанската револуција.

Во 2010 година е прогласен за Национален споменик на Куба. Ентериерот е од светски познатиот бренд  Тифани од Њујорк, тука е и Салонот де лос Еспејос, што е реплика на Салата на огледалата во Версајската палата и Салонот Дорадо (Златна сала), изработен од жолт мермер со злато втиснат на ѕидовите. Има постојани поставки за историјата на кубанските борби од 15 век до денес, вклучувајќи ги пушките на Че Гевара, како и облеката на кубанскиот космонаут Арналдо Тамајо.

И секако, посетата на Хавана не би била комплетна ако се прескокне посета на фабрика за пури, најпознатиот производ на Куба.

Една од најстарите фабрики за кубански цигари Real Fábrica de Tabacos Partagás (Partagás Cigar Factory) овој производ го произведува од  далечната 1845 година до ден денес , на ист начин .  За пушачите вистински “ аџилак “ затоа што токму тука во оваа фабрика (прастара зграда) се прават некои најпознати марки како Cohiba Robusto и Double Corona. Посетата трае околу еден час и ги опфаќа различните фази на производство на цигари. Започнувајќи од собата за селекција на тутун, каде сортирачите ги делат различните лисја од тутун и завршуваат во мала соба каде што готовите цигари се спакувани во кутии, кои се залепени со нивните службени зелени и бели пломби за да ја потврдат автентичноста. Користејќи само метален нож, дрвена табла, мала гилотина и малку гума за ѓубриво од зеленчук, повеќето мајстори прават околу 100 до 150 цигари на ден од познатите Cohiba Esplendido и Montecristo. Во последната просторија, работа на главниот мајстор е да ја провери големината на тутунот и готовиот производ. Контролата на квалитетот е темелна и внимателно се двои секоја пура посебно во зависност од оценката на цигарата која ќе и’ се додели. Пред напуштање на фабриката, задолжително се посетува продавницата на приземје, за да се купат оригинални кубански цигари.

Возачот на олд тајмерот не’ чека пред фабриката, насмеан како и секој Кубанец кој досега го сретнавме, потсетувајќи не’ дека се наближува крајот на нашата Хаванска авантура. Пред да и кажеме “Довидување” на Хавана, застануваме да купиме по некое шише од румот Habana, за да го комплетираме кубанскиот шопинг – пури, рум и колоритни слики на платно на кои се прикажани сегменти од Хавана. И си ветуваме дека ова не е наша последна средба со Хавана.

Хавана на на на, срцето ми остана во Хавана.

Автор на текст и фотографии: А. Петровска

 

©patokolusvetot.mk  Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон