Photo: Dimitar Stevcev/Unsplash

На денешната седница на Владата се донесе одлука за отварање на сите гранични премини на Република Северна Македонија, започнувајќи од утре – 17 јуни.

Секој што ќе сака да влезе во државава, ќе мора на граница да приложи валиден негативен ПЦР-тест, не постар од 72 часа и да биде во самоизолација 14 дена.

Останува и мерката за потпишување “Изјава за задолжителна самоизолација во траење од 14 дена”, врз основа на која Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) изготвува Решение за здравствен надзор и домашна самоизолација, која ја контролира МВР. – стои во соопштението на Владата.

Oстанува во сила и мерката за државен карантин во траење од 14 дена, за сите граѓани или странци со регулиран престој во земјава, коишто при влез на територија на Македонија нема да приложат валиден ПЦР тест или ќе приложат невалиден ПЦР тест.

 

 

За граѓаните кои се во државен карантин и кои сакаат да им се направи ПЦР тест на нивно барање, тоа може да им се овозможи од страна на овластена институција во најкраток рок. Оние граѓани на кои направениот ПЦР тест им е негативен, потпишуваат „Изјава за задолжителна самоизолација во траење од 14 дена“, каде се пресметани и деновите поминати во државен карантин и го напуштат државниот карантин и заминуваат во задолжителна самоизолација на адресата определена во дадената изјава. Ако граѓаните не сакаат да им се направи ПЦР тест, остануваат во карантин 14 дена, а по тој рок од страна на овластени претставници од ДСЗИ им се изготвува Решение за здравствен надзор и домашна самоизолација.