Веќе се олабавени мерките за превенција од Covid-19, но тоа не значи дека вирусот повеќе го нема и дека можеме да се вратиме на стариот начин на живот. Се’ додека не се пронајде лек или вакцина, нема да постои 0 ризик за заразување, а заштитата зависи од секој поединец. Интеракцијата со што поголем број на луѓе го зголемува ризикот дека ќе се заразите, како и затворените простории се поризични од надворешен, отворен простор.
Доктор Емили Ландон – специјалист епидемиолог од Медицинскиот факултет во Чикаго препорачува : “Секогаш избирајте да се дружите надвор наместо во затворен простор, секогаш избирајте да носите заштитна маска, наместо шетање незаштитени и секогаш избирајте поголем простор за помала група на луѓе отколку мали простории.”
Експертите ги поделија летните активности според степен на ризик:
1. Собирање на две фамилии во двор: НИЗОК ДО СРЕДЕН РИЗИК.
Ако почитувате социјална дистанца од 2 метра, ова е активност со низок ризик. Ризикот го зголемува допирање на иста храна, па избегнувајте споделување на иста храна и ист пијалок, како и допирање на приборите за јадење. Децата може да си играат заедно, но да носат заштитни маски.
2. Оброк во затворен простор во ресторан: СРЕДЕН ДО ВИСОК РИЗИК
Седење во затворен угостителски објект „сè уште е меѓу најризичните работи што можете да ги направите“, предупредува др.Ландон. Проблем е што луѓето имаат обичај да се задржуваат во рестораните. Значи, дури и ако растојанието е добро, времетраењето на изложеноста е големо и долго. Исто така, со самото зборување доаѓа до одредено ослободување и ширење на вирусот.
Големо ширење на вирусот во Гуангжу, Кина се случило во ресторан без прозорци и слаба вентилација,при што климатизацијата има разнесено вирусни капки на масите.
Ако одите во ресторан, побарајте седење на отворено. Др. Ландон вели дека би одела само со членови на своето семејство, затоа што „не би сакала да ја извадам маската во близина на еден куп други луѓе“.
3. Ден на плажа или базен: НИЗОК РИЗИК
Се’ додека можете да останете социјално дистанцирани, ова би можело да биде прилично безбедна активност, велат експерти.
Самата вода не е ризик. „Огромниот волумен на вода ќе го разреди вирусот, со што водата е малку веројатно извор на зараза“, вели Јановски.
Што го менува ризикот? “Дали може да бидете сигурни дека на плажата или на базенот можете да бидете на минимум 2 метри растојание од кој било друг кој не е дел од вашето семејство?” прашува Ребека Кац, директорка на Центарот за глобална здравствена наука и безбедност при Медицинскиот центар на Универзитетот Џорџтаун.
Внимавајте на гужвите на влезните места на плажите и базените и на бањите и тушевите во нив. Одржувајте ја социјалната дистанца и на копно и во вода.
Ландон вели дека нејзината најголема грижа за базените и плажите се децата. На базени, „тие се дружат со сите“, вели таа. „Ако сакате да ја посетите вашата баба во недела на ручек, тогаш не е убаво претходно вашите деца да трчаат заедно со другите луѓе“.
Таа вели дека плажа е подобар избор од базен во однос на просторот. Одете рано наутро или доцна попладне, кога гужвите се помали.
4. Прослава на отворено со повеќе од 10 гости: СРЕДЕН ДО ВИСОК РИЗИК
Многу свадби се одложени, со добра причина.
„Надворешноста го намалува ризикот, но бидејќи луѓето слават и пијат, можеби нема да внимаваат на социјална дистанца толку лесно“, вели Каран, лекар на Харвард.
Колку е поголем списокот на гости, толку е поголем потенцијалот дека еден од нив е заразен, вели Пауерс, епидемиолог на УНЦ.
Опасноста варира во зависност од големината на собирот и колку блиску се сместени, но и се движат луѓето на самиот настан.
Ако размислувате да организирате прослава, направете ја мала со претежно локални гости. „Присуство на луѓе од други семејства, колеги…“ е висок ризик, вели Ландон, од Универзитетот во Чикаго. „Ако луѓето треба да патуваат со автомобил, со авион, од други места, морате да ги предупредите за опасноста“.
И навистина, размислете двапати за да ги поканите вашите роднини, особено постарите членови на семејството. Луѓето можат да почувствуваат притисок да присуствуваат доколку бидете упорни во поканата, иако тоа е опасно по нивното здравје –сеедно колку и да се обидете настанот да го направите безбеден, вели Ландон. Еден од најголемите кластери на смртни случаи од вирусот во Чикаго се случил на погреб на кој еден од присутните го проширил вирусот на многу членови од неговото семејство.
5. Користење јавен тоалет: НИЗОК ДО СРЕДЕН РИЗИК
Ризикот зависи од бројот на локални случаи на Covid-19 и колку е чиста бањата, вели Јановски од универзитетот Вашингтон, истакнувајќи дека бањата вклучува повеќе површини со висок допир.
Др.Милер вели дека главниот ризик доаѓа од тоалетите кои се мали и слабо вентилирани, како „оние тоалети на бензинска пумпа крај автопатот, каде што обично се одмара.”
Изберете бања која изгледа чисто и е добро опремена со хартиени крпи, сапун и тоалетна хартија. Избегнувајте буткање за да го користите тоалетот или да останете таму подолго. Измијте ги рацете и користете антибактериски гел за рацете ако треба после тоа да допрете какви било површини.
6. Одење на одмор во заедничка куќа со друго семејство: НИЗОК РИЗИК
Експертите велат дека ако и двете семејства ги почитуваат мерките на доволна дистанца и ја ограничуваат својата изложеност кон другите, ова е прилично безбедно. „Ако едно семејство е многу активно или родителите имаат работни места со поголема изложеност за заразување, тогаш ризикот се зголемува“, вели Милер.
Овој аранжман би можел да биде добра идеја, особено ако куќата е во шума каде што нема да имате многу контакт со други луѓе.
Потребен е договор со другото семејство пред да отидете, за да бидете сигурни дека ги споделувате истите очекувања за мерките на претпазливост. Осигурете се дека никој нема знаци на болест –во спротивно, треба да останат дома. При пристигнување – обавезно чистење на главните површини во куќата. И колку повеќе можат да ја намалат изложеноста на ризик во деновите пред патувањето, толку подобро.
7. Престој во хотел: НИЗОК ДО СРЕДЕН РИЗИК
Консензус е дека престојот во хотел е релативно низок ризик, особено штом сте во вашата соба. Најдобро е да избегнувате престој во одредени делови од хотелот како што се: лоби, главната сала, ресторан и лифт, каде ризикот од изложеност е поголем.
Понесете средства за дезинфекција за да го избришете далечинскиот управувач на телевизорот и другите површини. Исто така може да ја замените покривката и навлаките за перници, бидејќи постои ризик да не се заменуваат после секој гостин, сугерира Милер. „Внимавајте во лифтовите! Користете го прстенот на прстот за да ги притиснете копчињата или некој привезок“, вели Милер.
Други предлози: Нарачајте собна услуга наместо да јадете во ресторанот, избегнувајте ја просторијата за вежбање и носете маска за лице на јавни места.
8. Одење на шопинг во трговски центар: РИЗИКОТ ВАРИРА
Колку е ризична оваа активност зависи од тоа каков трговски центар е, колку е преполн и колку време поминувате таму. „Голема густина доведува до значително зголемување на ризикот“, вели Милер. „Главниот олеснителен фактор е тоа што луѓето долго време не се задржуваат на едно место, се движат“.
Отворени трговски центри се претпочитаат од оние во затворен простор (молови). И празните центри се подобри од преполните. Избегнете го просторот за храна и одете со цел, а не за рашетување и одмор, вели Ландон: „Колку и да ви се допаѓа терапијата со шопинг, треба да пребарате на Интернет пред да одите. Влезете, погледнете го производот. Направете ја својата одлука и излезете “.
Бидете претпазливи додека сте таму за да избегнете близок контакт. „Одржувајте доволно растојание од другите“, вели Милер. Избегнувајте гужви. Носете со себе дезинфекциски гел, вели Гузман-Котрил и користете го често, особено ако допрете површини како копчиња на лифт и сл.
9. Одење во ноќен клуб: ВИСОК РИЗИК
Постои консензус меѓу експертите дека одењето во ноќен клуб е активност со висок ризик. Толпите народ, ултра близок контакт, пеење, потење и олабавување со алкохол се моќен коктел на фактори на ризик. Кога пијат, луѓето забораваат на правилата, вели Милер. Ако има заразено лице во толпата луѓе, вирусот лесно може да се шири.
„Ова е многу ризична ситуација за појава на епидемија, како што видовме во Јужна Кореја неодамна“, вели Каран, осврнувајќи се на ширење на вирусот поврзано со неколку ноќни клубови и барови. “Не одете во барови или клубови во моментов.”
Ништо не ја прави оваа идеја добра во моментов. Ако сакате да танцувате, организирајте забава за танцување дома со луѓето во вашиот интимен круг.
10. Кампување: НИЗОК РИЗИК
„Што се однесува до летните активности, ова е најмалку ризично од гледна точка на вирусот“, вели Кац, од Џорџтаун. Вие сте на отворено и изолирани. Милер се согласува – но тој вели дека ако одите со група, бидете сигурни дека можете да им верувате на вашите колеги-кампери. Дали тие биле социјално дистанцирани и ги следеле упатствата? Ако не, тие би можеле да бидат асимптоматски пренесувачи на вирусот.
Се разбира, ризиците можат да варираат во зависност од деталите. „Дали сте на кампување во изолирана локација на отворено со вашето семејство?“ Катц прашува – ова е сценарио со помал ризик. Поопасно е ако сте во преполн камп со заедничка просторија за одмор и комунални единици, вели таа. „Спиењето во шатори заедно со другите луѓе кои не се вашето семејство, може да биде начин за пренесување на вирусот“, додава Каран.
Заклучок: Самата активност е со низок ризик, но луѓето со кои ќе бидете во близок контакт за време на патувањето би можеле да ја зголемат опасноста.
11. Спортување на отворено: НИЗОК РИЗИК
Освен ако не играте групни спортови, вежбањето на отворено е добар начин да потрошите енергија додека сте социјално дистанцирани. Експерти се согласуваат дека спортовите како што се голфот и тенисот се побезбедни од спортови со контакт, како што се кошарката и фудбалот.
А трчање? „Ако не сте на преполна патека каде луѓето се удираат едни со други, тогаш мислам дека тоа е одлична форма на вежбање за овој период“, вели Пауерс.
Колку повеќе луѓе се вклучени во активноста, толку е поголем ризикот. Вирусот може да се шири кога сте во непосредна близина со другите, затоа е најдобро да носите маска ако не можете да останете социјално дистанцирани.
Летото е на прагот и не може да го избегнеме, па затоа придржувајте се до овие препораки на експертите, за да имате сигурно, здраво и среќно лето.