Шест годишниот Димитар Стојковски од Скопје несомнено е идниот светски патник! Тој веќе ги знае сите држави во светот со нивните главни градови и знамиња.
Неговата мајка Славица ни раскажа за неверојатниот Димитар и неговата заинтересираност за светот, која е реткост за неговата возраст:
“Димитар Стојковски има 6 години и е прваче во ООУ “Јоаким Крчовски” во Волково, Скопје. На 4 годинки преку разни сликовници и картички со букви научи да чита сам. Од многу мал пројави интерес за разни книги и сликовници со приказни. Многу сакаше да му читаме приказни, омилени му беа приказните пред спиење за Добра ноќ и не заспиваше без прочитана бајка и прераскажани приказни. Бројките му беа омилени, а математиката главна преокупација. На 5 годинки доби подарок енциклопедија “Откријте ја Европа”. Од таму ги научи сите држави во Европа со нивните главни градови и знамиња, енциклопедијата му стана омилена книга.
Видео: Димитар кажува главни градови на држави.
Потоа се интересираше и за другите држави во светот. Тешко беше да најдеме детска енциклопедија со држави, знамиња и градови. Имавме неколку книги преку кои ги научи и државите во светот и нивните знамиња. Но, повеќето знамиња ги принтавме сами од Интернет. Многу малку, можам да кажам – ниту една книга од областа на географијата нема во нашите книжарници, ниту пак географски атлас соодветен за деца.
Видео: Димитар ги погодува знамињата на секоја држава.
Од 5 години почна сам да учи англиски јазик преку книги наменети за деца на англиски јазик. На 6 годинки му купивме книга на англиски јазик во која има се’ за државите во светот. Сега му се главна тема јазицитe и обожава да учи англиски јазик.”
Димитар сака да патува во Америка и да го посети Вашингтон. Од Европа омилен град кој сака да го посети му е Будимпешта во Унгарија.
Најубаво знаме му е македонското, бидејќи има Сонце. Ужива и кога ги црта знамињата:
Секоја чест за Димитар, огромна пофалба и за неговите родители, кои го поттикнале и работат со него на неговото секојдневно надградување. А, ние сме среќни што вакво генијално детенце живее и расте во нашата држава.
Димитар – само продложи така, да бидеш љубопитен, да учиш и да истражуваш многу нови нешта! Љубопитноста е моторот на постигнувањата. За некоја година те очекуваме да не’ поздравиш од далечна дестинација на твојот пат околу светот.
А. Петровска
©patokolusvetot.mk Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон