Photo: Dimitri Houtteman/Unsplash

Иако беше најавено дека Грција од 1 јули ќе отвори еден граничен премин со Македонија, денес остана затворен граничниот премин Евзони. Утринава туристи од Србија кои без проблем ја поминувале македонската граница, биле враќани назад од граничниот премин Евзони, со објаснување дека овој граничен премин останува затворен до 15 јули. Граничниот премин е отворен само за грчки граѓани и товарен сообраќај.

Во Грција сеуште не е дозволен влез за македонските граѓани и таа забрана најрано може да заврши за две надели, односно на 15 јули, во зависност од состојбата на новозаразени од Covid-19 во државава.

Агенцијата за цивилно воздухопловство на Грција информира дека забраната за влез на државјани од земји кои не се во ЕУ, продолжува да важи до 15 јули 2020 година. Исклучок се државите од европската листа.

Освен атинскиот аеродром кој воопшто не беше затворен за време на карантинот и солунскиот што беше отворен на 15 јуни, од денеска дозволени се меѓународни летови кон сите аеродроми во Грција, а до 15 јули се забранети директните летови од Велика Британија и Шведска.

Во однос на морскиот меѓународен сообраќај, отворени се пристаништата во грчките градови Патра и Игуменица.

На границата со Бугарија, туристите можат да влегуваат во Грција само преку граничниот премин Промахонас.