Патоколусветот.мк имаше чест да биде поканет на Промотивната тура Малеш Пијанец, организирана од ЛАГ ( Локална Акциска Група) “Малеш Пијанец”. Иако на оваа тура бевме минатиот викенд, се’ уште сме под импресии од убавините на Малешевијата.
Малешевско – Пијанечкиот регион изобилува со природни и културно-историски атракции кои се основа за голем број туристички содржини, наменети за различни целни групи, меѓу кои посебно се истакнуваат семејните туристички пакети. Целта беше да ги искусиме убавините на овој крај, како и да ја вкусиме традиционалната малешевска кујна и да ги споделиме нашите доживувања.
Промотивната тура започна со организиран превоз од Скопје до Пехчево. Се сместивме во одличниот хотел Гогов 4*, кој се наоѓа во центарот на градот. Откако се сместивме, организаторите ни ги претставија двете тури – Промотивна Семејна Тура во дестинација Малеш – Пијанец и Промотивна Планинарска (hiking) тура во дестинација Малеш -Пијанец.
Ние ја одбравме семејната тура, која е исполнета со активности за семјества кои се одлучиле да поминат викенд во рурална средина. Турата се состоеше од посета на Пехчево, Берово и Делчево.
Првиот ден ни беше исполнет со:
- Посета и дегустација во пчеларник со органски начин на производство на малешевски мед, во областа Рамноборје, Пехчево, сопственост на г-динот Благојчо Божановски, производител на мед, кој заедно со своето прекрасно семејство традиционално не’ пречекаа со домашен сок од капини, калини и рибизли, домашна ракија од сливи, превкусни домашни колачи, домашни тулимби, како и со мед со ореви, со лешници и со цимет и ни го претставија органскиот начин на производство на мед и прополис.
- Посета на Барскиот ЕкоСистем “Езерце” и Адреналинската патека во Пехчево, кои се наоѓаат на 1,029 метри надморска височина. Во ова природно создадено езеро – бара има специфичен жив свет (водни животни и растенија) кои се важен ресурс за биолошката разновидност.
- Посета на Едукативниот Центар за зачувување на природата “Негрево” во село Негрево, Пехчево, кое се наоѓа 1,100 метри надморска височина. Едукативниот центар е изграден со цел младите од регионот и пошироко да имаат можност директно и практично да се запознаат со природните богатства што ги има во Брегалнилкиот регион и преку современ и иновативен пристап да научат повеќе за својата околина.
- Посета на семејната куќа на г-ѓата Фроска Каракутовска, која ни го претстави традиционалното производство на волнен филц. Таа преку практични примери ни објасни како се пере волната, како се суши и како ги прави преубавите волнени елечиња, топлинки, ташни, како и малите, уникатни рачно изработени играчки.
- Дегустација на локалните специјалитети во убавиот ресторант “Тропик” кој се наоѓа во центарот на Пехчево – многу вкусна завршница на целосно исполнетиот ден.
Вториот ден го започнавме одморени, со вкусен појадок во хотел “Гогов”, а потоа продолживме со:
- Прошетка по Беровско Езеро – вештачко езеро во Малешевијата, кое се наоѓа на 7км од Берово. Беровското езеро е убаво да се посети во текот на сите четири годишни времиња, но есенскиот пејзаж со златно-жолтите нијанси изгледа совршено.
- Посета на Археолошкиот Локалитет “Градиште” во село Град, Делчево, каде се најдени археолошки остатоци за постоење на голема населба која егзистирала во праисторијата и Коњската Дупка, која е кратка пештера и е најисточната пештера во Македонија. Изградена е од варовнички карпи и е долга 12м и широка околу 4м. Во самата пештера пронајдени се траги од некогашно човечко присуство.
- Посета на Комплекс Манастирски Ендек во Делчево, каде што се наоѓа прекрасниот манастир Света Богородица Балаклија.
- Посета на вештачкото езеро “Сандански” Делчево, кој располага со богат рибен фонд и се користи за рекреативен и спортски риболов. Навистина, ретко кој од нас знае дека во нашава земја имаме езеро кое го носи името Сандански.
- Посета на Илин Камен во село Звегор, Делчево, кој претставува карпест блок со отвор на средината. Легендата вели дека во времето на османлиите, живеела убавата девојка Илина, која посакала да се скамени за да не ја грабнат тираните. Така настанал Илин Камен, кој денес е посетуван од жени и фамилии кои имаат потешкотии да создадат потомство.
- Посета и дегустација на локалните специјалитети во Рибник ресторанот “Воденица”, кој исто така се наоѓа во село Звегор. Одамна немавме вкусено толку вкусна риба, а гостопримството и љубезноста на вработените во ресторанот беше на највисоко ниво.
Се’ вкупно сумирано –одлична 10-ка! Организацијата, логистиката, гостопримството, како и почитувањето на мерките за заштита од ширење на Covid-19 беа на највисоко ниво. Секоја чест на домаќините од ЛАГ Малеш Пијанец, навистина успеаа да не’ навлечат на овој регион. Па така, ние веќе си планираме повторна посета на овој наш предел, се’ уште недоволно познат на пошироката јавност во и надвор од границите на државава и засега поштеден од загадување и масовен туризам. Може да го посетите кога ќе посакате – на лето да избегате од жешкиот градски асфалт, а во зима да уживате во снегот на планинските предели и во вкусната храна.
Автор на текст и фотографии: Сабина Кириловски
©patokolusvetot.mk Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон