Photo: A.Petrovska www.patokolusvetot.mk

Несомнено, Грција изобилува со убави плажи во скоро секој нејзин крајбрежен дел, но официјално најубавите плажи се наоѓаат на најголемиот грчки остров Крит. Според повеќе релевантни светски топ листи, Елафониси (Elafonissi Beach) и Лагуната Балос (Balos Lagoon) се сместени во Топ 25 најубави плажи во светот, а во рамки на Европа спаѓаат во самиот врв – Топ 10 најубави европски плажи.

Двете плажи се наоѓаат во ненаселен дел на островот, на нив има само времени објекти – монтажни куќички каде може да се купи храна и пијалоци, да се изнајмат лажалки и чадори, и тоалети, па затоа се посетуваат со дневни тури – по копнен или воден пат.

Photo: A.Petrovska www.patokolusvetot.mk

Елафониси (Elafonissi Beach) својата популарност и убавина ја должи на розевата боја на работ на крајбрежјето, која доаѓа од милиони мелени, розеви, морски школки. До плажата може да стигнете со автомобил или дневна тура со автобус или комбе, кои ве земаат од пред хотелот/апартманот во кој сте сместени и ве носат до паркинг во близина на плажата, од каде имате околу 10 минути пешачење до неа. Дел од патот кон Елафониси е многу тесен и со остри кривини, па ако не ви е пријатно така да патувате – може да стигнете до неа и со бротче.

Photo: A.Petrovska www.patokolusvetot.mk

Плажата е најмногу посетена во јули и август, кога на дневно ниво има од 3000 до 4000 посетители. Јас ја посетив во Јули и иако беше прилично полна, сепак можеа да се најдат слободни лежалки за изнајмување.

Photo: A.Petrovska www.patokolusvetot.mk

Елафониси е пространа плажа и може да шетате по брегот и да уживате во розевата боја, а морската вода е топла и кристално чиста. Освен тоа е и неверојатно фотогенична, па голем број од посетителите најголем дел од времето на плажата го поминуваат фотографирајќи и снимајќи го скоро секој нејзин дел.

Photo: A.Petrovska www.patokolusvetot.mk

Лагуната Балос (Balos Lagoon) е најфотографираната плажа на Крит, што значи дека овде ќе налетатe на уште повеќе туристи – фотографи отколку на Елафониси. 🙂 Лагуна поделена на два дела, по чија средина може да се движите, со бел песок, тиркизна вода и розево крајбрежје (иако розевата боја не е толку интензивна како на Елафониси), изгледа како парче од Рајот.

Photo: A.Petrovska www.patokolusvetot.mk

Оддалечена е 56 километри од Ханија, опкружена со дива, пуста околина. Оваа лагуна е одлична за семеен ден на плажа или посета со друштво, како и за романтични прошетки. Како и Елафониси и оваа плажа најмногу е посетена во јули и август, а најдобар поглед на лагуната има од ридот над неа и вреди да се искачите (иако дневните температури се особено високи во летните месеци па искачувањето иако кратко, може да ви биде заморно).

Photo: A.Petrovska www.patokolusvetot.mk

Може да ви се погоди и ден со силен ветар кој престојот на оваа плажа ќе ви го зачини (т.е отежни), бидејќи насекаде носи песок и ги дува чадорите и личните работи на посетителите. Ако сакате да направите совршени фотографии, без да ви смета некој во кадар, ќе треба да дојдете рано наутро, кога се уште плажата не е преполна со туристи.

Навистина, прво што ми паѓа на ум од мојата посета на Крит се овие две плажи и остатоците од Минската палата во архелошкото наоѓалиште Кносос, иако Крит е голем остров и треба да се посети секоја од неговите 4 области (Heraklion, Lasithi, Rethymnon и Chania), да се испие кафе во некој од многуте слатко и модерно уредени кафе барови во Хераклион или да се излезе на ноќен провод во Ретимно, а има и уште неколку плажи кои иако не се наоѓаат на топ листите на најубави плажи, сепак не се далеку од убавината на Елафониси и Балос. Затоа, ако сакате комплетно да го доживеете Крит, тогаш не планирајте посета пократка од 10 дена на овој остров.

Автор на текст и фотографии: А. Петровска

©patokolusvetot.mk  Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон