Прво нешто што треба да направите пред да уплатите аранжман, да резервирате хотел или да купите билет, е да ја проверите важноста на пасошот и колкав е рокот на важност кој го бараат државите во кои планирате да патувате.
Според информации од Министерството за надворешни работи, потребната важност на пасошот варира во зависност од тоа која земја имате намера да ја посетите.
Ако патувате во земја членка на ЕУ и шенген зона, пасошот треба да е ви е со важност од најмалку три месеци од планираниот датум на заминување од ЕУ државата. Сопствениците на биометриски пасош во шенген зоната може да останат максимум 90 дена од датумот на влез во државата во период од шест месеци т.е 180 дена.
За посета на државите кои не се членки на ЕУ, пасошот е потребно да ви е со важност од минимум шест месеци од денот кога ќе си заминете од државата.
За посета на соседната земја Србија како и Црна Гора, пасошот треба да ви е валиден за време на престојот до заминување од државата, без минимална важност од три или шест месеци. Додека за друга соседна земја која исто така не е во ЕУ – Албанија, пасошот треба да ви биде со важност од најмалку три месеци од датумот на напуштање од оваа држава.
За патување во САД пасошот треба да е со важност за периодот кој ви е предвиден за тамошниот престој. За да остварите престој во САД претходно е потребно да извадите виза.
И не заборавајте да извадите нов пасош на време, најдобро шест месеци пред истекување на рокот на стариот пасош, за да може без проблем да патувате во која било држава во светот.