Кога ќе ме прашаат каде е најубавата плажа која сум ја посетила досега, без долго размислување одговарам – плажите во Куба. Карибите ја имаат најубавата тиркизна боја на водата и долги, песочни плажи со бел песок и со сенки од палми, а како посебно убава плажа ја издвојувам плажата на островот Кајо Бланко (Cayo Blanco).
Cayo Blanco е мал, пуст остров, оддалечен на околу два часа возење со катамеран од пристаништето во Варадеро, Куба. Островот не е населен, но секојдневно има посетители кои доаѓаат на еднодневни тури, за барем на кратко да уживаат во овој земски рај.
На површина од 7км2 (15 км долг и 500 м широк) островот нема тврди градби, туку само неколку монтажни куќички – ресторан на отворено, неколку шанкови, тоалети и продавница за сувенири.
Како да не ни беа доволни перфектните плажи во Варадеро, па решивме да го посетиме и Кајо Бланко, но најмногу заради тоа што по пат се застануваше да се плива со делфини и дефинитивно тоа беше една од најдобрите одлуки за посета на пуст остров. Cayo Blanco е остров од соништата, остров за хедонисти. Кога сонувате еден ден да се разбудите на пуст остров со рајска плажа – го сонувате Cayo Blanco. 🙂
Ако постои рај тогаш навистина треба да изгледа како Cayo Blanco – мал остров покриен со ситен, бел песок, опкружен со кристално чист океан во тиркизна боја и топла вода, со сенки од палми, коктели кои се служат во свеж ананас и највкусен јастог кој некогаш сте го пробале. Додека ја дегустиравме вкусната храна и уживавме во коктелите, во ресторанот на отворено слушавме кубанска музика во живо, а на плажата се танцуваше – сите посетители кои се нашле во моментот на островот, се групираат и некако успеваат сите да го фатат веселиот ритам и синхронизирано да танцуваат.
Cayo Blanco e весел, разигран остров. Вака изгледаше синхронизираното танцување:
Еден ден поминат на островов ми ги “наполни батериите” за целата наредна година. За фотографиите и видеата снимени на овој остров не беше потребен никаков филтер за дополнително разубавување, се е природно. Овде Мајката – Природа воопшто не се штедела кога го создавала.
Инаку, овој остров има интересна историја, во 1972 година симболично бил преименуван од страна на Фидел Кастро во Oстров на Eрнст Тилман (Ernst Thalmann Island) – германски кумунистички политичар и активист, а повод за тоа била посетата на водачот на Источна Германија – Ерих Хонекер (Erich Honecker) на Куба. Според амбасадата на Куба во Германија и германското Министерство за надворешни работи, преименувањето било „симболичен чин“: островот никогаш не бил оттуѓен од Куба и ниту една од германските држави не го поседувала островот, ниту пред, ниту по обединувањето.
И секако, додека уживате во тиркизното синило на Cayo Blanco – се дегустира автентичен кубански рум и се пуши кубанска пура.
Навистина, што уште е потребно за рај?!? 🙂
Автор на текст, фотографии и видео: А. Петровска
©patokolusvetot.mk Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон