Оваа 2021 година се надеваме дека светот полека ќе се врати во нормала и ќе започнеме да функционираме како и пред пандемијата од Covid-19, па повторно ќе можеме слободно да патуваме насекаде низ светот. Се надеваме дека набрзо ќе започнеме да планираме нови интересни патувања, па затоа разговаравме со Емилија Спасовска Мојсовска – магистар по нутриционизам, која несебично ни ги откри сите “тајни” како да го спремиме нашиот организам за полесно да го поднесе секое патување и менување на временски зони, како и кој вид на храна се препорачува да се консумира пред патување и начин на исхрана на блиски и далечни дестинации, без ризик од тегоби и инфекции.
Емилија ни ги даде следните совети за правилен начин на исхрана при патување:
- Како да го спремиме организмот пред патување за полесно да го поднесеме патот?
Покрај тоа штo за многумина патувањето претставува задоволство, многу често може да биде исцрпувaчко, стресно и напорно. Од тие причини потребно е добро да го подготвиме организмот, односно да направиме правилен избор на храна и да ги распределиме оброците во соодветно време пред патувањето.
Подготовката потребно е да започнеме да ја правиме 24 часа пред патувањето. Во овој период потребно е од исхраната да се елиминираат намирниците кои предизвикуваат потешкотии при патувањето и да бидат заменети со храна соодветно распределени во три главни оброци која ќе ги обезбеди сите неопходни нутриенти.
Предлог за идеален оброк пред патување е свежа салата со парче бело месо, свежо овошје, супа од зеленчук.
- Што треба да консумираме за време на подолг пат?
Во текот на патувањето моторната активност е намалена и успорена е работата на дигестивниот тракт, физичката активност е сведена на минимум па затоа и за време на патувањето потребно е да се внимава на изборот на храната, количината на храната и составот, оброците да бидат умерени и да не предизвикуваат непријатности.
Најдобро е да се консумираат намирници кои содржат лесно сварливи протеини и диететски влакна и да се одбегнуваат сите намирници кои предизвикуваат мачнини и тегови.
Идеална храна при патување е зеленчукот, кој со добра комбинација може да имате одличен вкусен и здрав оброк.
Овошките се одличен избор, но потребна е внимателност при изборот, неколку овошја кои би ги издвоила како препорака се: портокали, јаболки, банани и бобичасто (шумско) овошје.
Како неизбежен дел од патувањето секогаш се т.н. грицки кои најдобро е да бидат комбинација од суво овошје и јатки, кои треба да се конзумираат умерено во ограничени количини и во определен прериод – пред или по главните оброци.
Белиот леб кој се користи во подготовка за сендвичи најдобро е да биде заменет со интегрален леб во комбинација со млечен намаз и краставица.
- Како да избегнеме дехидрирање на организмот додека патуваме?
Многу често при патување повеќе вниманието е насочено кон храната и потребата да биде задоволено чувството за глад, но хидрирањето е од особено значење, особено поради фактот што дехидрирањето може да доведе до последици.
За правилно хидрирање при патувањето потребно е внимателно да се избираат намирниците, односно храната и течностите и да бидеме внимателни во начинот на конзумирање.
Погрешниот избор на пијалоци кои ја зголемуваат потребата за течност, може да го дехидрираат огранизмот, па затоа најдобро е да се избегнуваат пијалоците кои во составот содржат шеќери или кофеин и да се заменат со пијалоци кои не се обоени и немаат додатоци.
Секогаш прав избор од напитоци кои го хидрираат телот е водата за разлика од соковите кои ја зголемуваат жедта и потребата за хидратација.
Идеален напиток за хидрирање е кокосова вода, поради натриум и калиумот кои се дел од нејзиниот состав.
Храната со висока содржина на вода како бобинки, ананас, краставици и лубеница е идеална за лесна хидратација, особено кога е правилно искомбинирана во оброк богат со вода како овесна каша со чиа семе.
- Како да го навикнеме организмот на исхрана/кујна која не ни е блиска/секојдневна? На пр.како да го навикнеме стомакот на азиска кујна, на невообичаени јужни овошја и на бактерии кои ги има во овошјето и зеленчукот во афричките земји како Египет и сл?
Кога станува збор за различните вкусови на храната и во тој поглед потребно е прилагодување и подготовка на организмот кои ќе овозможат консумирањето на несекојдневната храна да не предизвика потешкотии, мачнини или алергии. Поради тоа треба да бидеме особено внимателни при изборот на намирниците, начинот и времето на исхрана.
Пред консумирање на храната по патувањето потребно е телото да се одмори и прилагоди, да се рехидрира и да се навикне на новата временска зона, како и да се запази ритамот на оброците кој бил претходно застапен.
По прилагодувањето на вашиот организам може да започнете со консумирање на традиционална локална храна, која за почеток потребно е да биде во многу мали количини, во комбинација со храна која ви е позната. Откако ќе се уверите дека нема да предизвика мачини или алергии, во следниот оброк може да ја зголемите количината и да додадете други нови национални намирници.
Бидете умерени, не конзумирајте преголема количина на храна и не мешајте многу вкусови во еден оброк, бидете сигурни за изворот на намирниците и храната.
- Како да го вратиме организмот во форма откако ќе стигнеме на дестинација која е во друга временска зона од нашата, со временска разлика поголема од 3-4 часа, заради што целиот биоритам ни се изместува?
Менувањето на временска зона влијае и на биоритамот на вашето тело. Оваа промена делува на претходно нормално функционирање и нормалниот ритам.
За одржување на константниот ритам и останување во форма најдобро е да се запази редот на оброците, со три оброка во време соодветно на зоната во која се наоѓаме.
Доручекот е важен оброк кој го обновува нивото на енергија по ноќта, по намаленото внесување на енергија во текот на спиењето. Исто така овозможува неопходни нутриенти кои помагаат во многу витални функции.
Доколку денот го започнете со добар доручек ќе бидете енергетски подготвени во текот на целиот ден, без разлика во која временска зона се наоѓате или сте биле.
Промената на временската зона влијае и на сонот, а храната е таа која може да делува и на добиот сон, затоа одбегнувајте прејадување пред да заспиете, јадете лесно сварлива храна за која сте сигурни дека нема да предизвика потешкотии или несоница.
Емилија – ти благодариме на споделените совети, кои се навистина значајни за поквалитетно доживување на секоја дестинација. Се надеваме дека многу наскоро ќе може да ги примениме, а тебе ти посакуваме успешна година на секое поле и патување од твоите соништа.
Дополнителни совети за начин на исхрана може да побарате на нејзиниот Инстаграм профил: @nutricionist_emilija , https://www.instagram.com/nutricionist_emilija/ или на тел: 078 388 889.
Разговараше: А. Петровска
©patokolusvetot.mk Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон