Потребна е храброст и решителност земјата во која вечно Сонце сјае да ја замените со ладниот и сив Исланд. Но, освен тоа што е прилично поладна земја од Македонија, не е се така сиво на Исланд. Архитектката Лита Ќириќ на која не и’ недостасуваше храброст и решителност за да се пресели со фамилијата од Скопје во Рејкјавик, ни сподели каков е животот на Исланд, кој е единствениот Македонец кој го знаат сите Исланѓани, што најмногу, а што најмалку и’ недостасува од Македонија:

Рејкјавик
  1. Kако се одлучивте да заминете да живеете на Исланд? Колку време веќе сте на Исланд?

На Исланд сме скоро 6 години, живееме во Рејкјавик. Дојдовме тука пратејќи го сопругот. Toj живееше на Исланд 7 години, тука заврши магистратура и се вработи во Исландска компанија на која и’ требал преставник за Македонија. Во 2008 година кога банкротира Исланд, банкротира и компанијата за која работеше. По краток престој во Македонија, во 2015 година решивме да се преселиме заедно на Исланд.

Нашето маало Seltjarnarness,  Фото: Лита Ќириќ
  1. Што ви беше најтешко за привикнување кога се доселивте?

Дојдовме тука во зима. Денот беше многу краток, се разденуваше околу 11:00 часот, а се стемнуваше исто како кај нас и зимата се погоди многу ладна, со силни ветришта и многу снег. Тоа беше шок за мене и за синот.

Втора работа што ни беше тешка за привикнување беше храната. Од македонски зеленчук и овошје и млечни производи, требаше да се привикнеме на нивната пластика без вкус.

Фото: Лита Ќириќ
  1. Исланд важи за најбезбедна земја во светот за 2020 година. Што значи тоа – дали се чувствувате посигурно и поопуштено кога шетате надвор, оставате ваши предмети на отворено без надзор, не се грижите ако случајно заборавите да ја заклучите влезната врата од домот и сл?

Да, Исланд е безбедна земја. Децата уште од второ одделение одат сами на училиште. Не се грижиш дека нешто може да им се случи. Возачите се внимателни и го почитуваат пешакот. Околу самото училиште, на пешачките премини во времето кога децата одат на училиште, има по еден човек кој им помага на дечињата да поминат улица. Обично во зима, поради тоа што е темница возачите се многу внимателни, а децата носат жолти елечиња за да може полесно да ги распознаваат.

Фото: Лита Ќириќ

Влезната врата од дома скоро никогаш не ни е заклучена и не ни помислуваш дека некој може да влезе. Нормално, има случаи на кражби, ама се многу ретки. Полицијата не носи оружје.

Кога шеташ надвор си безбеден и многу ретко може да се случи нешто. Сега ситуацијата малку се смени со Ковидот и криминалот е во мал пораст, како и секаде низ светот.

Фото: Лита Ќириќ
  1. Какви се градинките/училиштата на Исланд? Што најмногу ти се допаѓа во нивниот образовен систем, а го нема во нашиот?

Градинките и школскиот систем се сосема различни од Македонија. До одредена возраст децата ги оставаат да бидат деца.

Во градинките се учат децата да бидат самостални од најрана возраст, се облекуваат сами, јадат сами на маса, учителките јадат заедно со нив. Секој ден има едно дете кое е дежурно и кое заедно со учителката ја поставува масата. По завршување на јадењето секое дете мора само да си ја собере чинијата и приборот за јадење.

Децата се секој ден надвор по неколку часа, независно какво е времето, имаат специјална облека и за дожд и за снег. Сметаат дека е многу важна играта на отворено за развојот на децата. Треба да се навистина екстремни условите, па да го пропуштат тоа некој ден.

Фото: Лита Ќириќ

Во училиштата децата до 6-то одделение не се преоптоварени со пишување домашни задачи. Имаат еднаш неделно домашна работа која се предава во рок од седум дена и домашната задача им е согласно со возраста. Еднаш неделно имаат домашна по Исландски јазик, еднаш неделно по математика. Воглавно се’ се завршува во училиштето, кое трае од 8.10 до 13.30 часот. После тоа децата имаат дневен престој до 17.00 часот кој се состои од најразлични активности, децата си играат, цртаат, гледаат филм, играат надвор. Кој што сака прави и тоа се е организирано за сите деца заедно и во неколку простории во еден дел од училиштето. Сосема различно од кај нас.

Фото: Лита Ќириќ

Интересно е што децата се боси во училиштето, просториите имаат гумирани подови, и сите се по чорапи.

Тоа е скоро секаде така, на повеќето работни места, по локалните амбуланти, стоматолошки ординации… секаде се луѓето со папучи или по чорапи.

Фото: Лита Ќириќ
  1. Како ги поминувате викендите и деновите за одмор на Исланд, дали има популарни туристички места за викенд посети и одмор?

Исланѓаните многу патуваат, местоположбата е таква што знаат да одат на викенд во Њујорк (до таму се стасува само за 4 саати авионски лет) или одат во Лондон, Копенхаген…

Исто така, има летни куќички низ цел Исланд , до кои е релативно тешко да дојдеш – мора со време да се резервира.

Првиот парламент на Исланд од 903 година, Фото: Лита Ќириќ
  1. Омилено место на Исланд кое би го препорачала за обавезна посета (“must see”) при туристичка посета на Исланд?

Исланд има специфична природа која е карактеристична само за тука. Не е стандардна туристичка дестинација.

Плажа Reynisfjara, Фото: Лита Ќириќ

Земјата има своја убавина ако ја посетите во зима и ако ја посетите во лето, различно ќе ја доживеете нејзината природа. Сите туристи обично се враќаат да ја видат и во двете годишни времиња. Зимата е ладна и темна, но ја имате прекрасната Аурора Бореалис која е најактивна во зимските, долги и ладни ноќи. Базените се преубави во зима, пливаш во топла вода од 36-42 степени на отворено. Исланѓаните пред да одат на работа задолжително одат на базен или во теретана, кои што се отворени уште во 6.00 часот наутро.

Aurora Borealis, Фото: Лита Ќириќ

Во лето денот е долг и е преубаво да се биде тука за време на летната рамноденица. Сонцето буквално не заоѓа, се сокрива кратко на хоризонтот и пак излегува.

Летна рамноденица, фотографирано во 02 часот наутро, Фото: Лита Ќириќ

Најпосетен и најинтересен дел на земјата е југот и истокот, тука се наоѓаат вулканите Хекла и Катла, глечерите, познатиот Golden Circle Gulfos водопадот, Гејзерите, Керид вулканскиот кратер и националниот парк Thingvellir, каде што се спојуват двете тектонски плочи на Северна Америка и Евроазија.

Водопад Gullfoss , Фото: Лита Ќириќ

Во јужниот дел на Исланд се наоѓаат глечерите, плажите со црн песок, лагуните со сантите мраз, островот Vestmannaeyjar каде што може да се качите до вулканот кој еруптирал 1973 и кој што уништил дел од градот и цел град морал да се евакуира. Има и дел од куќите кои се откопани и на тоа место е направен музеј.

Westman Island, куќа откопана од лава, Фото: Лита Ќириќ

На островот живеат и познатите птици Puffins.

Птици Пуфинс

Една работа само мора да се знае кога се посетува Исланд – Исланд е земја на лед и на оган и никогаш не знаеш на што можеш да налеташ ако скршнеш од патот. Има извори со вода од 100 степени, има пукнатини во глечерите и смртоносни бранови на познатите плажи. Секогаш мора да се почитуваат правилата и да се оди по пат којшто е обелжан како сигурен. Многу туристи ги загубиле животите баш од тие причини, затоа што сакале да скршнат од патот.

Гејзер, Фото: Лита Ќириќ

Исланд исто така е специфична земја и за возење, посебно од Септември до Мај. Може да очекуваш 4 годишни времиња да се променат во само неколку часа. Посебно во зима мора да се биде многу внимателен.

Глечер, Фото: Лита Ќириќ
  1. Какви се како народ Исланѓаните? Дали лесно склопуваат пријателства и како ги прифаќаат доселениците?

Исланѓаните тешко склопуваат пријателства, доста се затворени и мислам дека немаат ни голема потреба да се дружат меѓу себе.

Доселениците се прифатени највеќе затоа што ја работат работата која тие никогаш не би ја работеле, затоа им се добредојдени. Не се баш големи работници и се се одвива некако многу полека и без притисоци и нервози, а сепак се‘ им функионира одлично. Административните работи им се супер организирани и голем дел од нив можеш да ги завршиш и on-line.

Што ми беше несвојствено кога се преселив тука – нема редици, нема буткање. Одлично организиран систем во полза на народот, од регистрација на кола до вадење на пасош и било каков друг документ. Сега кога доаѓам во Македонија и кога треба да завршам некоја административна работа, гледам колку се’ тоа оди тешко и зема многу енергија и време.

Рејкјавиќ, Фото: Лита Ќириќ
  1. Што е она што Исланѓаните го знаат за Македонија, каква претстава имаат за нашата држава?

Исланѓаните Македонија ја знаат по ракометот. Нема некој на Исланд што не го знае Кире Лазаров. Често пати играме едни против други, во квалификации за европско и светско првенство.

Постои и една џез група на Исланд – Byzantine Silhouette која е фасцинирана од музиката на Балканот. Одат по училишта и на разни фестивали ја промовираат и македонската музика. Минатата година беа и во посета на нашата земја и свиреа во Скопје и во Битола во рамките на Скопско лето.

На ракометен натпревар Исланд – Македонија, Фото: Лита Ќириќ
  1. Дали има други македонски фамилии (или од другите екс Ју републики) кои живеат во ваша близина со кои може да си размените по некој збор на “нашки” или да си организирате дружби?

Македонци има малку. Бевме само неколку фамилии, но во последно време доаѓаат многу од Македонија да бараат работа. Имаме многу добри пријатели Македонци.

Исто така, има и доста Срби и Хрвати.

Водопад Seljandsfoss, Фото: Лита Ќириќ
  1. Што најмногу ти недостасува од Македонија?

Од Македонија пред се’ ми недостига фамилијата и пријателите. Ми недостига таа дружба што ја имаме таму. Ми недостига убавото и топло време, ми недостига храната и дружбата пред зграда.

Заради овие работи гледаме секое лето да го поминеме во Македонија. Децата ни се пресреќни таму.

Гејзер, Фото: Лита Ќириќ
  1. Што најмалку ти недостасува од Македонија?

Најмалку ми недостасува загадениот воздух и гужвата во сообраќајот.

Замрзнато езеро во Реикјавик, Фото: Лита Ќириќ
  1. Дали постои некоја традиција на Исланд која со задоволство ја прифативте?

На Исланд има многу интересна традиција околу нивниот Божиќ, 24-ти Декември.

13 дена пред Божиќ  доаѓаат 13 Дедомразовци. Децата оставаат една патика на прозор и секоја вечер доаѓа различен Дедо Мраз и им остава по некој мал подарок во патиката. Ако детето не било умно тој ден или доцна отишло на спиење, тогаш ќе добие компир. Ова се 13-те Дедомразовци.

Тие Дедомразовци се деца на Grýla која јаде деца 🙂 и секое дете во тој период мора да добие некое ново парче облека за да не дојде црната мачка на Grýla и да ги грабне, да ги однесе кај неа. Дедомразовците живеат на север на Исланд кај езерото Мývtan, кое исто така мора да се посети, мистична место каде ќе се чувствувате како да сте на друга планета.

Сите приказни и легенди им се поврзани со тролови и се страшни за децата.

Плажа Reynisfjara, Фото: Лита Ќириќ

Лита, ти благодарам за одвоеното време и искрените одговори, ве очекуваме ова лето во Македонија, за дружба и сончање на македонското Сонце и за споделување на нови, интересни случки од секојдневието на Исланд – невообичаена земја која никого не остава рамнодушен и која вреди да се доживее, и на лето и во зима.

Разговараше: А. Петровска

Фотографии: Приватна архива на Лита Ќириќ

©patokolusvetot.mk  Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон