При патување, секој сака да проба вкусна храна, па затоа храната е една од поважните работи при посета на кое и да било место на светов. Во зависност од вкусовите, различни се мислењата за омилена храна, но храната во еден град во Италија им се допаднала на најголемиот број на читатели на светскиот портал за патувања Conde Nast Traveller.
Според Conde Nast Traveller – Болоња ја има највкусната храна во светот. Болоња ја нарекуваат со повеќе имиња: “La Dotta” што значи “учена” – според универзитетот во овој град кој е основан во 1088 година и е најстариот универзитет во светот кој се уште функционира, потоа “La Rossa” што значи “црвена” – според ‘рѓосаните нијанси на стариот град , но и “La Grossa” што во превод значи “дебела”.
Во Болоња за првпат се направени лазањи, тортeлини и болоњезе, а од овој гастрономски рај на земјата потекнуваат и пармезанот, мортаделата, Парма пршутата и оцетот балсамико.
Тука храната е превкусна затоа што за нејзината подготовка се користат најдобрите состојки, кои се локално одгледани и произведени на природен начин.
Во спорeдба со другите туристички дестинации во Италија, Болоња е релативно недоволно посетена, за споредба – Рим, Милано и Венеција привлекуваат повеќе од 10 милиони посетители годишно, а Болоња во 2019 година ја посетиле 1,5 милиони туристи. Во овој град не е секое ќоше полно со туристи и може на раат да дегустирате се’ што е погоре наведено.
Од кај нас, во Болоња најбрзо може да стигнете со директен авионски лет од Скопје со авиокомпанијата Wizz Air, a освен во гурманска храна, во Болоња може да уживате и во убава архитектура и уметност, направени и зачувани низ вековите, и секако во италијанскиот шарм.