Колку и да ја истражувате нашата земја, тоа никогаш нема да биде доволно, таа преставува неисцрпен извор на: природни пејзажи, историски приказни, легенди, традиционални јадења… За љубителите на авантуризмот и планинaрењето, секогаш постojат инспиративни места, кои не се доволни да ги посетите само еднаш.

Како вљубеник во она со што располага оваа наша мала и симпатична земја, би го издвоил еден од најимпресивните врвови во Западна Македонија, грандиозниот Голем Крчин.

Стартот за освојување на овој импресивен врв започнува од манастирот “Свети Кирил и Методиј” над Селото Битуше, магично место во срцето на Долна Река. Велат дека секое планинарење започнато од свето место носи посебна благодет и духовна сила. Манастирот “Св. Кирил и Mетодиј” во селото Битуше е токму таков почеток, тоа е извор на мир, вера и надеж. Тука под сенка во молитва и со благослов од Господ, планинарите тргнуваат кон височините на планината, не само за да се насладуваат на убавините на овој дел од Македонија, туку да ја почуствуваат раскошната природа и вербата во бога.

Веднаш откако ќе ја напуштите духовната тишина и зачекорите низ густите букови шуми, полни со пријатни мириси од планинскиот чај ајдучката трева, по непишано правило ви се придружува пријателски расположеното куче Медо, тој е вистински чувар и придружник на сите добронамерници кои доаѓаат во селото Битуше со намера да ги освојуваат врвовите на Дешат и Крчин.

После неколку часа пешачење по добро обележана патека, дивите малинки и јаготки кои растат долж патеката ќе ве натераат да застанете и да ги вкусите во комбинација со ладната бистра вода.

По околу два часа пешачење, шумата се разредува, а патот преминува во карпест предел тука веќе потребно е внимание, бидејќи некои делови се стрмни и бараат стабилен чекор. По напуштањето на високостеблестите шумски комплекси, патеката не’ води до уште еден мал храм познат како “Св. Преображение”.

Според локалната легенда, на денот на храмовиот празник 18 август, нешто огнено и црвено се спуштало од небoто кон ова свето место. Старите жители раскажувале дека истиот тој огнен сјај се движи кон храмот со истото име во селото Ербење, кое денес се наоѓа на територијата на Албанија. Таа приказна, што се пренесува од поколение на поколение, ја збогатува мистичната атмосфера на Крчин и дава духовна димензија на целата планина.

Преображението е поврзано и со врвот Голем Крчин, каде секоја година монасите, монахињите и верниците заедно со голем број планинарски друштва од Македонија во ноќните часови се искачуваат за да присуствуваат на светата литургија покрај остатоците од некогашниот храм. Таа богослужба која се одвива висока меѓу облаците, многумина ја доживуваат како небесна, исполнета со светлина, радост и благослов. Патот продолжува по сртот кон селото под самиот врв. Последниот дел од патеката е малку пострмен, но не е технички сложен.

На самите падини на Крчин, особено во лето, може да се забележат ретки растенија, меѓу кои и македонскиот каранфил (Dianthus macedonicus) – ендемски вид кој расте исклучиво тука.

Важно е да се напомене дека планината знае да биде непредвидлива. Искачување на Крчин се препорачува со водичи или во организација на планинарски друштва, особено ако сте без искуство или не ја познавате доволно оваа планина.

Ако не сакате авантуризми и не сакате и да се качите до врвот, тогаш селото Битуше има многу содржини. Ова село крие многу живи обичаи кои се практикуваат со векови, како и партизанската печатница „Гоце Делчев“ – првата илегална партизанска печатница во Македонија, активна за време на Втората светска војна.

Особено интересно е да се посети селото за време на празниците Богојавление, Водици и Илинден. За време на овие празници во селото има повеќе туристи и посетители од селото, околните места и подалечните градови. Во Битуште се одржува ,,женски водици” и жените ја имаат главната улога. Водици во Битуше се слави 3 дена, се игра Јованово оро и сите жени во селото се облечени во уникатни традиционални носии. Ова е настан што може да се доживее изворно со сета магија. Обичаите поврзани со Водици, од 2019 година се прогласени за културни наследство од исклучително значење.
Автор на текст и фотографии: Проф. Дарко Оносимоски
©patokolusvetot.mk Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон






