Исхраната за време на патување е еден од основните фактори за добро здравје, пријатно искуство и избегнување на дигестивни проблеми, секако и удобно патување кон саканите дестинации.

Долгите патувања, промената на дневниот ритам, различната храна и стресот можат значително да влијаат врз дигестивниот систем, особено кај лица со чувствителна дигестија. Со правилен избор на храна и соодветна подготовка, овие проблеми можат успешно да се елиминираат.

Photo: Jetshoots from Unsplash.com

Зошто исхраната на патување е важна?

За време на патување, организмот се соочува со повеќе промени: долг период на седење, намалена физичка активност, променета клима и временска зона. Сето ова може да доведе до надуеност, запек, дијареја, киселини или општа непријатност. Правилната исхрана помага во одржување на енергијата, концентрацијата и доброто расположение.

Photo: Toa Heftiba from Unsplash.com

Безбедност на храната за време на патување

Еден од најважните предуслови за здравата исхрана на пат е безбедноста на храната. Секогаш  треба да се изберат намирници  кои не се лесно расипливи и можат да стојат подолго време без ладење .

Избегнувајте сурово или недоволно зготвено месо, риба и јајца, како и непастеризирани млечни производи.

Храната треба да биде добро спакувана и заштитена од топлина и влажност.

Photo: Frederick Medina from Unsplash.com

Редовни оброци и правилно темпо на јадење 

Нередовната исхрана и прејадувањето се чести за време на патување. Наместо тоа, се препорачуваат помали и почести оброци, кои го олеснуваат варењето и го намалуваат ризикот од дигестивни проблеми.

Јадењето треба да биде бавно и свесно. Брзото јадење и јадењето „во движење“ често доведуваат до надуеност и тежина во желудникот.

Photo: Dan Gold from Unsplash.com

Квалитет на храната и правилен избор

При избор на храна, фокусирајте се на лесно сварливи и хранливи намирници. Најдобар избор се:

  • Месо- пилешко, мисиркино
  • Ферментирани продукти како јогурт ,кисело млеко
  • Семиња и јаткасти плодови
  • Оброци од житарици (просо, хељда, овес) комбинација во солена (марула, рукола, пченка, морков) и блага варијанта (овошје и јаткасти плодови)
  • Овошје и зеленчук

Ограничете ја масната, пржената и премногу зачинета храна, бидејќи таа често ја иритира дигестивната слузница.

Photo: Edwin Petrus from Unsplash.com

Доволниот внес на течности е од суштинско значење за нормална дигестија. Водата помага во спречување на опстипација и го олеснува варењето. Билни чаеви, како камилица или нане, можат дополнително да помогнат при патување

Газирани пијалаци, кафе и алкохол треба да се консумираат умерено, бидејќи можат да предизвикаат надуеност и иритација на желудникот.

Photo: Kobby Mendez from Unsplash.com

Исхрана за време на патување кај лица со проблеми со дигестија

Лицата со гастритис, рефлукс, синдром на иритабилно дебело црево, запек или честа надуеност треба да бидат особено внимателни. Кај нив, дури и мали отстапувања во исхраната можат да предизвикаат симптоми.

Photo: Towfiqu Barbhuiya from Unsplash.com

Препорачувам:

Избегнување на многу зачинета, масна и солена храна, како и ограничување на намирници што предизвикуваат гасови и го оптеретуваат дигестивниот систем и предизвикуваат нелагодност при патување.

Секогаш нека биде избор на топли, варени и лесни оброци, внес на пробиотска храна за поддршка на цревната флора (кефир, јогурт, кисело млеко)

За подолги патувања, корисно е да се понесат проверени намирници на кои организмот е навикнат.

Секако, однапред планирањe на оброците е клучно и секогаш избирајте здрави ужинки како: овошје, јаткасти плодови, зеленчук, интегрални крекери или енергетски барови.Ова ќе ви помогне да избегнете нездрави избори во моментите кога немате пристап до квалитетна храна.

Исхраната за време на патување не треба да биде комплицирана, но треба да биде внимателно избрана. Со правилен пристап, можете да го заштитите дигестивниот систем, да го намалите ризикот од непријатности и целосно да уживате во патувањето.

Автор: Емилија Спасовска Мојсовска – магистар по нутриционизам

©patokolusvetot.mk  Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон