Новогодишниот базар “Зимзоленд” и оваа година се одржува во Скопје – на нова локација. Првпат се одржа лани, на платото пред спортската сала “Јане Сандански”.
Со истите реквизити од лани и со планирана новогодишна програма, оваа година “Зимзоленд” се одржува од 30 ноември 2025 до 4 јануари 2026 година, во населбата Ново Лисиче, поточно – на празниот простор карши ресторанот “Рагуза 919”.

Жителите кои лани го посетиле овој новогодишен панаѓур, ќе забележат дека реквизитите се исти од лани, а заедно со оние кои оваа година за првпат ќе го посетат – имаат можност (повторно) да се повозат на некои од повеќето адреналински реквизити, да се лизгаат на лизгалиштето, да испијат греено вино, кафе или рум, да пробаат скара, палачинки или мини крофни и да фатат дел од забавната програма, која ќе се одвива на поставената бина.

Секако, не недостасува и голема новогодишна елка, која може да се доживее во полн сјај во вечерните часови, кога е осветлена со многубројни сијалички. Moже да се обидете и да освоите некоја посакувана играчка на тезгата на која пишува дека “секој добива”.

На влезниот дел наредени се дрвени куќарки за продавање на храна и пијалоци (бургери, хамбургери, тостови, хот дог, палачинки, мини крофнички, лижавчиња…), а останатиот дел е исполнет со адреналински реквизити (кои ќе ве потсетат на луна парк, кој се’ уште го немаме во нашата метропола), каде централниот дел го завзема мало лизгалиште на лед – на кое многу деца ќе се израдуваат.

Посетете го овогодинешниот “Зимзоленд” за да барем на кратко се оттргнете од секојдневните грижи и да почувствувате предновогодишна атмосфера, а секако, на овој базар најмногу ќе му се израдуваат најмладите жители.
©patokolusvetot.mk Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон
A, како изгледаше “Зимзоленд” минатата година, погледнете:
“Зимзоленд” – Посетете го првиот новогодишен базар во Скопје






