Тој живее живот што изгледа како насловните страници што ги создава. Чести летови, бесконечни фотосесии и настани на црвен килим. Го запознавме откако рефлекторите се изгаснаа и џагорот сопре. Во овој разговор открива како патувањата му го менуваат погледот на светот и како ја создава својата уникатна естетика. Светски, а наш – ве водиме на пат со меѓународниот фотограф Стефан Соколовски, кој времето го брои во летови, трагајќи по дестинации со чувство на дом.

Стефан Соколовски е единствениот меѓународен моден фотограф од С. Македонија, со седиште во Централна Европа, често присутен на сите светски модни настани и филмски фестивали, со седиште помеѓу Милано, Париз, Њујорк, Белград и Скопје. Тој е присутен во готографската индустрија повеќе од 13 години и во текот на својата кариера досега направил едиторијали во над 30 земји низ целиот свет. Фотографирал познати супермодели и е омилен фотограф на модели, дизајнери, шминкери, фризери, пејачи и актери од балканскиот регион. Неговата извонредна работа може да се види кај добро етаблирани и светски познати дизајнери како: Ели Сааб, Џон Ричмонд, Dsquared2, Филип Плејн, Масимо Џорџети, Сајмон Крекер, Доменико Формичети и многу други дизајнери од Хрватска, Србија, Црна Гора и Македонија.

- Твојот распоред е преполн и се чини невозможен: летови, фотосесии, настани… Како успеваш да го најдеш својот дом и мир во ваква динамика? Каде навистина се чувствуваш дома?
Ви благодарам за интересот за мојата работа – ретко кој навистина ја согледува тежината на ова темпо и процесот зад сето тоа што публиката често го доживува како само уште една убава фотографија. Домот за мене не е една локација, туку чувство. Се чувствувам дома во Милано, Њујорк и Белград – тие градови ми даваат енергија и простор за креативност. Особено Милано и Њујорк, како главни центри на модата, ми овозможуваат да се изразам целосно преку фотографијата. Париз понекогаш знае да ме инспирира, но и да ме исфрли од рамнотежа – француската надменост не секогаш ми дозволува да се чувствувам пријатно таму.😊 Во сета оваа динамика, јас решив дека дома е таму каде што е мојот фотоапарат.

- Со толку чести патувања, што за тебе е добро спакуван куфер? Ако сега го отвориме, што ќе најдеме?
„Oh my God!“😊Па, тоа е цела уметност! Секој куфер е внимателно организиран – „аутфити“ за секој ден, прецизно избрани за секоја ревија или настан. Секогаш носам најмалку десет пара очила за сонце – тие се мојот моден идентитет. Техничката опрема е неизбежна: фотоапарат, лаптоп, хард-дискови, полначи. И, секако, моите омилени парфеми и производи за лична нега – тие ми помагаат да имам рутина за себе, без разлика каде сум. Секогаш имам и неколку книги и списанија за инспирација, бидејќи идеите често доаѓаат кога најмалку очекуваме.

- Постојат места кои нè влечат и не прават да се чувствуваме живи на поинаков начин. Патувањата остават својата трага на нас и нè тераат да размислуваме. Кои се дестинациите кои те инспирирале и кои ќе ги посетиш повторно, а кои, пак те оставиле без здив, но не те влечат за повторна посета?
Кога си слободен дух, секое место може да биде дом. Така се чувствувам – освен во некои земји како Германија и Холандија, каде не ја наоѓам таа топлина. Најчесто сум на релација Милано – Париз – Њујорк, но сè уште не сум подготвен да се врзам за едно место. Слободата да се движам е мојата најголема вредност. На фотографиите сè изгледа прекрасно, но малкумина знаат колку труд, време, енергија и финансии стојат зад секое патување. Само оние во модната индустрија ја разбираат вистинската тежина на ова темпо. Секој град ми дава различна инспирација – Милано со својата елеганција, Њујорк со урбаната енергија, Париз со романтичната светлина.

- Кои патувања го обликуваа твојот визуелен печат и те инспирираа да развиеш нови идеи и перспективи во фотографијата?
Секое патување е приказна. Моето око се храни од различноста – култури, стилови, локации, животи, мириси и вкусови. Не можам да издвојам едно – секое патување ми носи нова перспектива, нова боја, нова светлина. Тоа е мојата движечка сила. Особено инспиративни ми се модните недели – таму се среќаваат најразлични естетики и идеи, и токму таму се раѓаат нови концепти за моите фотосесии. Веројатно главните градови на модата ја обликуваа и мојата естетика.

- Со работата зад камерата имаш длабок увид во светот на модата што е најблиску до совршенството. Кои се аспектите кои многумина не ги гледаат и можеби се помалку сјајни од она што се прикажува? Раскажи ни за мрачната страна на гламурот.
Совршенството е концепт што се менува. Кога бев помлад, го поврзував со физичка убавина. Денес, го гледам во мирот, во внатрешната хармонија, во енергијата што личноста ја носи. 90% од луѓето не ја препознаваат важноста на енергијата – а токму таа е клучна. Работата со ѕвезди од A-листата ме научи дека само оние кои навистина поминале низ животот знаат да читаат енергија и да се постават соодветно. Тоа е еден од најголемите предизвици во мојата професија. Да се прилагодам и енергетски да танцувам со моделите или оние што ги портретирам. Модната индустрија е фасцинантна, но често знае да биде токсична средина. Зад сцената има многу тишина што произлегува од крајна исцрпеност и борба за креативност, за издвојување.

- Не можеме, а да не прашаме за твој совет кога фотографираме на патување – почести не’ со некој трик.
Моите стандарди се високи, но за туристичко фотографирање – еве еден едноставен совет: усогласете ги боите на облеката со амбиентот. Ако сте пред некоја атракција, размислете како ќе изгледате во кадарот. Малку внимание кон деталите прави голема разлика. И, секако, светлината е сè – фотографирајте рано наутро или пред зајдисонце, кога сенките се меки и атмосферата е магична. Размислувајте на нешто, бидете во допир со вашите емоции кога се фотографирате. Камерата на магичен начин тоа го лови и овековечува.
Разговараше: В.М
Фотографии: Приватна архива на Стефан Соколовски
©patokolusvetot.mk Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон






