Ќе ве изненадат одговорите на оваа улична анкета со случајни минувачи во Скопје и Охрид.
Густав Ростед е 28-годишен светски патник од Данска кој во изминатите 8 години посетил 152 држави во светот и кој поставува видеа на Youtube од секоја негова посета на нова држава. Во секоја држава прави и анкета со случајни минувачи кои ги прашува која држава во светот најмногу ја сакаат, а која најмногу ја мразат.
Густав во април ја посетил и Македонија и ги поставил истите прашања на случајни минувачи во Скопје и Охрид, а ова се нивните одговори:
- Која држава најмногу ја сакате?
Одговорите се разновидни, па опфаќаат држави (и градови) скоро на сите континенти, започнувајќи со нашите соседни држави Србија, Грција и Албанија, потоа Црна Гора, Турција, Германија, Австрија, Скандинавските земји, Италија, Шпанија, Холандија, Русија, САД, па се’ до Јапонија, Тајланд, Канада, Австралија и Нов Зеланд. Сепак одговори кои најчесто се повторуваат се: Србија, Италија, Германија, Шпанија и Албанија.
- Која држава најмногу ја мразите?
Интересно е што на ова прашање над 90% од анкетираните луѓе одговараат дека ги сакаат сите држави во светот, што е за поздравување. Дури има и коментари дека не сакаат национализам кој на Балканот е многу присутен. Сепак, неколку од анкетираните лица одговараат: Грција, Србија, Бугарија и Албанија заради политичката ситуација, но се сложуваат дека и во тие држави луѓето се фини. Русија и Германија се наведени во оваа анкета како непожелни заради тоа што се студени земји, а Романија заради тешкиот јазик.
Во коментарите под овие видеа луѓе од цел свет се пријатно изненадени колку граѓаните на Македонија се мирољубиви и искрени, а има и комплименти за убавината на Македонките; како и тоа дека по гледањето на овие видеа многу странци се заинтересирале да ја посетат нашата држава.