Откако минатата туристичка сезона беше целосно пропадната, Грција оваа година се надева на успешна летна сезона со туристи од цел свет.
Оптимистички изгледаат изјавите на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис дадени во интервју за “Скај” телевизија, кој се надева дека до Велигден работите ќе изгледаат многу подобро.
Осврнувајќи се на тоа дека до сабота треба да имаат вакцинирано над 500.000 жители против Covid-19, со очекување дека до Велигден ќе ги имаат вакцинирано сите постари од 60 години и хронично болните граѓани, Мицотакис се надева дека туризмот во Грција оваа година ќе биде многу поголем од лани, започнувајќи веќе од Мај. Со ова темпо на вакцинација – Грците ќе бидат слободни да патуваат низ Грција, но и туристи од Европа и Америка ќе може да ја посетат оваа држава.
“Затоа и толку многу инсистирам на сертификатот за вакцинација. И ќе ја добиеме оваа битка бидејќи гледате дека многу европски земји самите се активираат за да им дадат можност на нивните граѓани. Што е сертификатот? Го видов во Израел, обичен документ со QR-код, што докажува дека си вакциниран. Па така, со овој сертификат, ако дојдеш во Грција, нема да треба ниту да бидеш во карантин, ниту пак ќе треба дополнителен тест за да влезеш. Толку е едноставно. Би било добро да го постигнеме ова на европско ниво, да биде единствен. Ако не биде единствен сертификат, ќе го сториме тоа билатерално со сите земји што нè интересираат”- наведува Мицотакис.
А, за оние кои нема да бидат вакцинирани, најверојатно потребен ќе биде само тест.