На денешната прес-конференција која ја одржа Министерот за економија Крешник Бектеши, соопшти дека и оваа година Владата ќе обезбеди ваучери за годишен одмор во домашните туристички места за вработените со најниски примања во државава.
Ваучерите ќе бидат во износ од 12.000 денари и ќе се делат по принцип “прв дојден – прв услужен”. Предвидени се вкупно 15.000 000 денари за овие ваучери, кои ќе бидат поделени на вработени граѓани чии месечни примања во семејството не надминуваат нето износ од 30.000 денари.
Ланската година беа поделени 65.000 вакви ваучери кои дадоа резултати, при што домашните туристички капацитети беа пополнети.
Јавниот повик за аплицирање за ваучерите ќе биде објавен во првата половина од годинава.
Дополнително, оваа година во програмата за развој на туризмот во државава предвидени се вкупно 31.000 000 денари. Во програмата се предвидени мерки за промоција на туристичката понуда на државата и тоа: за дигитален маркетинг за туристичкиот потенцијал – 11.500 000 денари, за субвенции за опрема за подобрување на активен туризам – 3.500 000 денари, за субвенции за туристички цели на селски домаќинства – 5.000 000 денари, за промоција на еколошки зони – 1.500 000 милиони денари и за кампања за безбедно патување – 1.000 000 денари.