Заради панедмијата на Covid-19 светот е во мирување и сите патувања надвор од границите на државата во која се наоѓате се откажани или одложени за најмалку неколку месеци, во надеж дека ќе се запре ширењето на вирусот или ќе се пронајде соодветен лек.
Во многу on-line групи за патувања каде членуваат туристички работници и чести патувачи од целиот свет, веќе се разменуваат мислења за тоа како ќе изгледа патувањето откако ќе заврши пандемијата, па има многу интересни и различни размислувања кои најчесто не се многу поволни за идните патувања низ светот.
Дел од предвидувањата се следни:
– Несомнено туристите ќе станат многу повеќе претпазливи, па така носење на заштитни маски на лицата ќе бидат секојдневие по аеродроми, авиони, возови, автобуси и фреквентни туристички атракции. Ќе биде зачестено и користење на средства за дезинфекција при патувањата. Исто така, ќе се избегнува патување во поголеми групи.
– Во годината што следува сигурно е дека ќе се намали бројот на луѓе кои патуваат, со оглед на тоа дека многу компании се погодени од пандемијата и голем процент на луѓе веќе добиваат откази и намалување на платите.
– Авионските карти ќе бидат поскапи, бидејќи авионските компании ќе се трудат да ги надоместат своите загуби.
– Ќе обрнуваме повеќе внимание при купување на патничко осигурување, за да се осигураме што се’ покрива. Најголем број од осигурителните компании не покриваат болести од епидемија или пандемија.
– Ќе резервираме хотелско/хостелско/апартманско сместување без претходно плаќање на дел од износот или целиот износ, ќе бараме понуди за плаќање на лице место на дестинацијата.
– Ќе резервираме сместување директно во комуникација со сопствениците/вработените во сместувањето, ќе избегнуваме посредници – за да избегнеме непријатности при откажување на резервациите или при враќање на уплатените средства.
– Многу држави нема да бидат отворени за туристи како претходно, ќе се усложни процедурата за безвизно/ безпасошко патување помеѓу две држави.
– Патувањата ќе бидат најчесто во непосредна близина на домувањето во државата или во најблиските, соседни држави, заради намалената економска моќ при одвојување на буџет за одмор и заради поскапувањето кое се очекува.
Исто така, има и предлози да се даваат бакшиши на туристичките работници, стујардите/стујадесите, со оглед на тоа дека се очекува платите да им бидат прилично намалени.
Секако ова се само логични размислувања на најзасегнатите патувачи од моменталната ситуација, засега може само да се надеваме на што побрзо уништување на овој вирус и дека потоа нема да се оствари се’ од горенаведеното.