Photo: A.Petrovska www.patokolusvetot.mk

Гумушлук (Gümüşlük) е мало, приморско, колоритно селце кои спаѓа во најубавите места кои треба да ги посетите во Турција.

Оддалечено на околу 25 км од центарот на Бодрум, сместено на западната страна на полуостровот, Гумушлук е рибарско селце во живописен залив, кое е магнет за посетители – заради колоритните ресторани и барови покрај море, во кои може опуштено да се ужива во текот на целиот ден.

Photo: A.Petrovska www.patokolusvetot.mk

Изградено е врз остатоците на античкиот град Миндос (кој припаѓал на древна држава Карија), чии остатоци од темели можат јасно да се видат во дел од морето.

Во Гумушлук сте далеку од градската гужва, опкружени со живописни ресторанчиња, украсени со колоритно свежо и суво цвеќе, фенери направени од исушени тикви, разни дрвени украси, лежалки на тесни, песочни плажи, покрај кристално чиста, морска вода.

Photo: A.Petrovska www.patokolusvetot.mk

Од кој агол и да погледнете – погледот е спектакуларен и не може да престанете со фотографирање на секоја визура и на секоја ситница која е толку вешто изработена и поставена на идеално место.

Photo: A.Petrovska www.patokolusvetot.mk

Во Гумушлук се ужива со полни гради и без никаков притисок, барем за краток период заборавате на сите секојдневни грижи и се препуштате на оваа опуштена атмосфера, далеку од се’.

Во Гумушлук се јаде и многу вкусна храна: печена свежа риба како препознатлив знак на ова рибарско село, потоа и други турски специјалитети, секако и неизбежниот донер, како и голем избор на турски благи кои се убаво декорирани и турско кафе за крај.

Photo: A.Petrovska www.patokolusvetot.mk

Освен свежа риба, во ова село може да купите многу интересни рачни изработки кои се исто така заштитен знак на Гумушлук. Тезги со: накит, разни предмети за дома, фенери од суви тикви и зачини ќе ве пречекаат на самиот влез на ова место. Секако, не одете си од Гумушлук без да си одберете убав сувенир од некоја од овие тезги.

Photo: A.Petrovska www.patokolusvetot.mk

Тука може да се сместите во апартмани на вили кои се наоѓаат на морскиот брег, од каде се шири панорамски поглед на заливот и морската широчина во далечината.

Photo: A.Petrovska www.patokolusvetot.mk

Денот се поминува на некоја од плажите, уживајќи во опуштената атмосфера и ладејќи се во морската вода, се прави пауза за вкусен оброк во ресторанчињата покрај море или се пие ладен пијалок во сенка во некој од баровите, а вечерта се продолжува со боемска атмосфера во рестораните и бар на плажа кој навечер се претвара во ноќен клуб. Овде заборавете на официјален дрес код за вечерно излегување, може да се движите и боси по тесните улички и плажи, забавувајќи се до доцна во ноќта.

Photo: A.Petrovska www.patokolusvetot.mk

Значи, на следното ваше патување во Турција – не заборавајте барем на кратко да уживате во ова шарено, идилично селце.

Автор на текст, фотографии и видео: А. Петровска

©patokolusvetot.mk  Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон