Секој ден се’ поочигледно е дека светот уште долго ќе се бори со вирусот COVID-19 и сеуште не се гледа крајот на пандемијата, па информациите кои доаѓаат од ЕУ воопшто не се во прилог на луѓето кои планираат патувања за неколку месеци или пак летен одмор.

Според изјавите на францускиот претседател Емануел Макрон, Шенген зоната најверојатно ќе ги задржи затворени своите граници до Септември 2020, за да се одбрани од заканата на вирусот. Дополнително, за патници од некои ризични земји, ЕУ може ќе остане затворена и после Септември. Ова се должи на тоа што пандемијата се развива со различно темпо низ светот и не влијае на сите земји подеднакво и истовремено.

Европа треба да се заштити од заканата од вирусот кој би го донеле патници од земји со висок ризик. Макрон го наведе примерот на САД каде кризата со Корона вирусот е одложена за неколку недели во споредба со Европа и ќе го достигне својот врв подоцна. Но, исто така и Африка, каде што ситуацијата се развива поинаку. Во Азија пак може да се случи втор пик на вирусот.

На ЕУ ќе и биде потребно време за да се избори со здравствената криза од која Европа е глобален епицентар.

“Искуствaта на земјите – членки и на другите земји изложени на пандемијата, покажуваат дека мерките што се применуваат за борба против ширењето на вирусот бараат повеќе од 30 дена за да бидат ефективни” – се вели во соопштението на Европската комисија.

30 Земји од ЕУ и Шенген зоната ги затворија своите граници на 17 Март, а првичното 30-дневно затварање на границите ќе заврши на 16 Април, по што – доколку се согласат членките да се обнови, Европа ќе остане затворена за останатиот свет за уште најмалку два месеци.

Од другата страна на земјината топка пак – Министерот за туризам на Австралија излезе со соопштение дека жителите на оваа земја најверојатно ќе треба да се стрпат за патувања надвор од државата до почеток на наредната 2021 година и да размислат за туризам во рамките на својата држава.